Како СССР се бореше против дарвинизмот и генетиката

Кира Лисицкаја (Photo: С.Соловјов/Sputnik; Public domain)
Советската идеологија ги допре сите сфери на животот, вклучително и науката. Ако долго докажаните теории не одговараа на советскиот светоглед, тие беа третирани како погрешни. Оној што ги поддржуваше можеше да ја изгуби работата, па дури и да заврши во затвор.

Советската влада ја поддржуваше идејата за класна борба (марксизам), но ја негираше борбата за опстанок внатре во видовите (дарвинизам), како и целата класична генетика.

Селанецот научник Трофим Лисенко

Трофим Лисенко

Идеолог на советскиот поглед на биологијата воопшто и особено на теоријата на еволуцијата беше агрономот Трофим Лисенко. Во 1928 година тој разви нова земјоделска технологија - јаровизација. Имено, пред сеидбата се предлага претходно да се олади семето на житарките за да даде поголем принос. Оваа идеја беше поддржана од многу научници, а советскиот печат го пофали Лисенко и со воодушевување го споменуваше неговото селско потекло, истакнувајќи го како пример за разлика од високообразованите научници кои студираа и работеа во царска Русија, патуваа во странство и беа задоени со буржоаските идеи.

Лисенко стана влијателен агроном и зазеде многу важни позиции, а во 1938 година стана претседател на Сесојузната академија за земјоделски науки „В. И. Ленин“. Тој продолжи да предлага нови, понекогаш многу необични идеи во областа на агротехниката и селекцијата.

Настап на Трофим Лисенко во Кремљ 1935 година. Во позадина (од лево кон десно) Станислав Косиор, Анастас Микојан, Андреј Андреев и советскиот лидер Јосиф Сталин.

Лисенко стекна многу следбеници, а неговото учење и тој правец во советската биологија го доби називот „Мичуринска агробиологија“. Познатиот научник и селекционер на билки Иван Мичурин немаше никаква врска со тоа, освен што Лисенко се доживуваше себеси како негов следбеник.

Тогаш, што наместо дарвинизам?

Рускиот природонаучник Трофим Лисенко

За Лисенко, главната цел на агробиологијата беше зголемување на приносите, па планираше да го постигне тоа на нов начин, без да се потпира на „непријателските капиталистички учења“.

Главната цел на Лисенко беше дарвинизмот. Тој ги нарече Дарвиновиот концепт на еволуцијата и неговата теорија на различноста на организмите лажна наука и генерално ја третираше како расизам, додека за класичната генетика зборуваше дека тоа е фашистичка наука.

Лисенко претпоставуваше дека развојот на живиот организам не зависи само од наследните особини и гените, туку и од надворешната средина. Веруваше и во наследување на стекнатите вештини.

Руско глуварче (Taraxacum kok-saghyz) – садење во Америка 1947 година.

И што е најважно - тој не ја прифаќаше борбата за опстанок во рамките на истиот вид. На пример, тој се залагаше за нов начин на директно сеење на руското глуварче (Taraxacum kok-saghyz) на постојано место во „гнездо“ (3-4 семки заедно) по квадратна шема. Сметаше дека на тој начин приносот ќе се зголемува со геометриска прогресија. Американците беа против овој метод бидејќи некои билки посеани многу блиску една до друга воопшто не ‘ртеа или ртењето беше слабо. А Лисенко одговараше на тоа дека принципот на борбата за опстанок го измислила буржоаската наука и дека „постои само конкуренција меѓу различните видови - волкот го јаде зајакот, но зајакот не јаде зајак, туку трева. А ни пченицата исто така не ѝ пречи на пченицата“.

Осветлување на опитните полиња на Институтот „Трофим Лисенко“ кај Киев.

Лисенко исто така тврдеше дека видовите можат да се трансформираат една во друга под влијание на надворешната средина. „Да се ​​негира дека пченицата, под соодветни услови, може да произведе поединечни зрна 'рж, кои потоа растат и ја потиснуваат пченицата, значи да им се сврти грб на животот и на праксата“.

Борба против научниците и буржоаските учења

За Лисенко, научните теории беа тесно поврзани со идеологијата и општествениот систем. Тој тврдеше дека буржоаската биолошка наука толку многу ја цени „теоријата“ на борбата за опстанок во видовите затоа што мора да го оправда постоењето на голем број сиромашни луѓе во капиталистичкото општество.

Трофим Лисенко со соработниците од Одеса, 1938 година.

Покрај тоа, го кажа и ова: „Ние, советските луѓе, многу добро знаеме дека угнетувањето на работниците <...> нема никаква врска со какви било закони на биологијата“.

Тој предлагаше борба против „туѓите“ идеолошки учења кои доаѓаа од странство.

Николај Иванович Вавилов (1887-1943)

Познатиот научник и генетичар Николај Вавилов беше уапсен во 1940 година поради „саботажа“ и почина во затвор. (По смртта на Сталин, тој беше рехабилитиран и признаен како голем научник, па сега во многу руски градови има улици кои го носат неговото име).

А во 1948 година се одржа седница на Академијата за земјоделски науки со која претседаваше Лисенко и на која, со одобрение на партијата, класичната генетика беше прогласена за псевдонаука. Од тој ден започна процесот кој денес се нарекува „лисенковизам“, односно борбата против идеолошки непожелните научници.

„Генот на сталинизмот“. Трофим Лисенко ги уништува генетичарите на седницата на Серуската академија за земјоделски науки.

Оние кои се занимаваа со генетика (а не со агробиологијата на Лисенко) беа отпуштени од своите работни места, а научниците кои ги критикуваа идеите на Лисенко беа прогонети. Целиот истражувачки процес беше ставен под контрола на идеологијата. Подоцна истата судбина ја доживеаја и другите гранки на биологијата: вирологијата, цитологијата и другите науки.

Поради оваа причина, во 1955 година, речиси 300 научници потпишаа писмо во кое го критикуваат Лисенко, велејќи дека неговата теорија е „средновековна“ и „ја срамоти советската наука“. Лисенко потоа беше сменет од функцијата претседател на академијата, но лично Хрушчов го врати на истата позиција. Генералниот секретар го поддржа Лисенко затоа што му се допадна неговото национално потекло, како и добрите приноси на пченица.

Жетва на пченица

Меѓутоа, по заминувањето на Хрушчов од власт во 1965 година, се докажа дека работата на Лисенко содржи научни неправилности и несигурни аргументи, па тој конечно беше сменет од функцијата. За волја на вистината, тој остана верен на своите идеи и имаше мноштво следбеници, така што уште 10 години, сé до својата смрт, продолжи да врши експерименти и да раководи со лабораторијата на експерименталниот научноистражувачки центар „Горки Ленинские“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња