Како СССР стана пуританска земја

Kira Lisitskaya (Photo: Александр Родченко/russiainphoto.ru)
Во текот на само една деценија Советскиот Сојуз мина пат од целосна слобода на приватниот живот до контрола на граѓанинот дури и во спалната соба.

Во дваесеттите години во СССР владееше „слободната љубов“. Тоа беше време кога забраните и ограничувањата од царската доба исчезнаа од животот. Заедно со социјалистичката, дојде и до сексуална револуција. Нo, никој од идеолозите не насетуваше каков пресврт ќе следува во триесеттите години.

Земја на „слободната љубов“

Октомвриската револуција не доведе само до промена на власта, но и до суштински промени во културата, вклучувајќи го прашањето на односите помеѓу половите. Во царска Русија вонбрачната врска, без оглед дали се тоа односи пред бракот или неверство, се сметаа за грев и општеството ја отфрлаше, исто како и разводот. Притоа, додека за мажите таквото однесување се сметаше ако не за позитивно, тогаш барем за прифатливо, жена во таква ситуација би била прогласена за „падната“ што засекогаш би ја исклучило од угледното општество. Бракот се склопувал во црква, тешко било да се дојде до развод и секогаш било трауматично за угледот.

Со доаѓањето на власт на болшевиците на власт многу морални и правни пречки во односите помеѓу половите од времето пред Револуцијата исчезнаа.

По укинувањето на религијата бракот изгуби на светот, стана исклучиво граѓански и со самото тоа беше подложен на склопување и на раскинување во неограничен број пати. Освен тоа, вонбрачните врски повеќе не беа осудувани.

Болшевиците инсистираа на тоа дека е неопходно да се искорени принудата, нееднаквоста и експлоатацијата не само во општествените, но и во љубовните односи. Односот помеѓу половите требаше да биде заснован на меѓусебна љубов и пријателски чувства: „Задача на пролетерската идеологија не е во тоа да го протера Ерос од општествениот живот, но неговиот тоболец да го наполни со стрели од нови видови, да го негува чувството на љубов меѓу половите во духот на најголема нова психичка сила – пријателска солидарност“, вака за ова прашање се изјаснувала еден од главните идеолози за женските прашања во СССР Александра Колонтај.

Луѓето опиени од слободата не се впуштале во сложени теориски расправи и ја доживеале промената на моралот како сексуална револуција. Дури и партиските водачи често не биле беспрекорни во овој поглед. Некои историчари на Ленин му припишуваат врска со Инеса Арманд, колешка на Александра Колонтај во борбата за женски права. Додека на последнава ѝ се припишуваат голем број љубовници, како на другите партиски раководители, на пример, на Николај Бухарин и на Анатолиј Луначарски, кои подоцна, меѓутоа, лично се бореле против „сексуалната распуштеност“. Познатите луѓе од тие години го следеле трендот: поетската икона на револуцијата Владимир Мајаковски живеел со брачната двојка Брик, Сергеј Есенин се женел трипати и имал бројни врски надвор од бракот.

За промената на моралот кај младината сведочи статистиката од 1922 година. Меѓу студентите на еден од московските факултети спроведена е анкета за сексуалните односи. Процентот на девојки кои веќе имале сексуално искуство пораснал од 25,7% (во 1914 година) на 53%. Кај мажите, за волја на вистината, разликата не била толку драстична: бројките пораснале од 67% (во 1914 година) на 85,5%.

Промена на курсот

Многумина партиски лидери сепак не ја поддржувале идејата за слободна љубов и новата семејна политика. Дури и оние што на почетокот ја прифатиле, мошне брзо се разочарале од нејзините убавини. Однесувањето на младината во дваесеттите години од минатиот век само го зголеми нивниот негативен однос кон распуштеноста на моралот. Револуционерката Клара Цеткин во книгата „Сеќавања за Ленин“ го наведува неговото мислење за ова прашање:

Владимир Ленин и Надежда Крупскаја

„Сменетиот однос на младината кон прашањата за сексуалниот живот, секако 'принципиелно' се потпираат на теорија. Многумина својот став го нарекуваат 'револуционерен' и 'комунистички' [...] Сето тоа нема никаква врска со љубовта, онака како што ние комунистите ја сфаќаме. Вие, секако, ја знаете познатата теорија за тоа дека, наводно, во комунистичкото општество задоволувањето на половата желба и потребите за љубов е исто што и пиење чаша вода. [...] Поборниците на оваа теорија тврдат дека тоа се марксистички идеи. Му благодариме на таквиот 'марксизам' кој сите појави и промени во идеолошката надградба на општеството ги изведува непосредно, директно и без остаток исклучиво на економска база. Работата воопшто не е толку едноставна.

[…] Но, зарем нормален човек во нормални услови ќе легне на улица и ќе пие вода од бара? Или дури од чаша што ја имаат допрено десетици усни? Но, најважна е општествената страна на прашањето. Пиењето вода е навистина индивидуална работа. Додека во љубовта учествуваат двајца, а настанува трет, нов живот. Тука се крие јавниот интерес, се пројавува долгот кон колективот“.

Кон крајот на дваесеттите години од минатиот век започнува враќањето на поконзервативното поимање на односите помеѓу мажот и жената. Во 1926 година народниот комесар за просвета Анатолиј Луначарски настапува со обраќањето „За секојдневието“ во кое го критикува односот на младината кон сексуалното прашање: „... љубовта не треба да биде баналност, 'чаша вода', но треба да биде издигната на соодветна височина, како нешто мошне значајно. За таквата љубов зборува суптилниот Енгелс, кога за тоа пишува во својата книга за семејството и за државата; за љубовта во која мажот вели: ја сакам оваа жена и ниту една друга, со неа можам да ја создадам својата среќа, за неа ќе ги поднесам најголемите жртви, само со неа можам да бидам среќен. А, кога жената вели: го сакам овој маж, тој е мој избраник – тогаш љубовта нема да биде баналност, разврат“. Истата година Николај Бухарин, член на Централниот комитет, еден од најважните партиски органи, го одржа говорот „Борба за кадри“ во кој го повика комсомолот да креира морален кодекс кој посебно ќе се бори против „сексуалната распуштеност“.

Сексуалната слобода во дваесеттите години стана опасна за државата. Во 1920 година абортусите беа легализирани и се извршуваа бесплатно, што доведе до нивен пораст. Институциите брак и мајчинство беа паднати во очите на луѓето. Кога немаше да успее да ја прекине бременоста, жената можеше да го остави бебето во дом за незгрижени деца, но и домовите беа преполни. СССР тешко се бореше со проблемот на незгрижени деца: војните, револуциите и економската криза доведоа до тоа што во 1922 година во домовите се наоѓаа околу половина милион деца. Додека многумина остануваа на улица и стануваа деликвенти.

Дом за незгрижени деца во Самарската губернија во дваесеттите години

Враќање кон стариот морал

Власта започна да работи на зајакнување на моралот со воведување колективни морални осуди. По обраќањето на високи партиски личности кои ја осудуваа распуштеноста на моралот, кон работата се приклучија и локалните органи на власта и самоуправата. Личниот живот стана јавна работа: ако некој се однесуваше несоодветно според мислењето на колективот или на управата, или доколку тие дознаеја за проблеми во семејството, ситуацијата се разгледуваше на колективен собир. Собирот се одржуваше на работното место или во партиската организација. Во таа пригода учесниците се обидуваа да го „вразумат“ оној што згрешил и да ги смират сопружниците. Повод за тоа можеше да биде што било: неверство, караници, па дури и едноставно „лекомислено“ однесување. На пример, во 1935 година во една ленинградска фабрика од комсомолот е исклучен еден млад машиностругар поради тоа што „истовремено се гледал со две девојки“, а една работничка е прекорена поради „претерано занимавање со танц и флерт“. Секоја појава на неморал се закануваше со исклучување од партијата, така што особено внимателни при изборот на животниот сопатник беа партијците чиј живот беше пред очите на сите.

Освен тоа, регистрацијата на разводот стана мошне скапа процедура, а уште поскапа по првиот развод. Во повоените години на последните страници од весниците, покрај објавите за новите претстави во театрите и во циркусите, се наоѓаше посебна рубрика која објавуваше информации за разводите: „Граѓанинот Потапов Михаил Павлович со адреса [...], започнува бракоразводна постапка со граѓанката Потапова Марија Павловна со адреса [...]. Случајот го разгледува народниот суд“.

„Развод“ (1955), Алексеј Солодовников

Масовната култура исто така поставуваше нови норми на приватен живот. Во кинематографијата јунаците кои не се постојани во љубовните односи беа прикажувани како негативни ликови, како, на пример, насилникот Марк во познатиот филм „Жеравите летаат“, или како луѓе кои никој не ги сака поради лошиот карактер и покрај убавината, како што е убавицата Анфиса во култниот филм „Девојки“.

Анфиса од филмот „Девојки“ и Марк од филмот „Жеравите летаат“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња