Што значи рускиот фразеологизам „по дождето во четврток“?

Kira Lisitskaya (Photo: CSA Images, kadirkaba, Stop Images/Getty Images)
По дождето во четврток, кога ракот на ридот ќе почне да свирка, по второто Христово доаѓање, кога на пости не се јаде морков - ова се буквално преведени фрази од рускиот јазик, а значат дека веројатноста нешто да се случи е еднаква на нула.

Значи, сето тоа би можело да се преведе на македонски со фразите „кога врбата ќе роди грозје“, „кога ќе си го видам тилот“, „на куков ден“.

Меѓутоа, ако никој не видел ракови што свират или второто Христово доаѓање, дожд во четврток сигурно видел. Зошто всушност се вели „после дождичка в четверг“ со значењето на горенаведените фрази?

Фразеологизмот е поврзан со соочувањето на православието со паганските традиции кои постоеле во свеста на народот. Без оглед на тоа што Русија е покрстена во 988 година, меѓу Словените останале остатоци од паганските обреди, за што сведочи, на пример, прославата на Масленица или обичаите поврзани со Иванден.

Перун

Иако некои работи не можеле да се искоренат, христијанството настојувало да формира негативен однос спрема паганството. Така, фразата „по дождето во четврток“ се однесува на култот на богот на громовите и молњите Перун, словенскиот „колега“ на грчкиот Зевс, скандинавскиот Тор, римскиот Јупитер и келтскиот Таранис.

Четврток е четвртиот ден во неделата, кај тие народи традиционално посветен на богот-громовник. Се сметало дека тој, кога ќе ги чул молитвите на напатените од суша, во четврток праќал дожд на земјата.

Во пракса, ваквиот прецизен „распоред“, се разбира, не секогаш бил почитуван. Затоа во руското православие изразот „по дождето во четврток“ значел „нема да дочекаш Перун да ти ги услиши молитвите“. Фразата изразувала апсолутна недоверба кон паганството.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња