Како рускиот јазик им звучи на странците?

Russia Beyond (Александр Родченко/МАММ / МДФ/Russia in photo; Nils Jacobi/Getty Images; We Are/Getty Images)
– Звучи мафијашки. – Ама не, звучи како мјаукање на мачки! – Што ви е, тоа е претседателски јазик!

Ги прашавме нашите следбеници, колеги и познаници на кои рускиот не им е мајчин јазик - како им звучи рускиот и на што ги потсетува? Добивме широк спектар на одговори, од безопасно мјаукање до говор на мафијата.

Јазик на мафија и претседател

Сцена од филмот „Златно око“

Вања од Србија студира на Филолошки факултет, а рускиот јазик го учи како втор странски јазик. Таа веќе не се сеќава на своите впечатоци кога за прв пат слушнала руски говор, но ни раскажа како реагирала нејзината сестра: „Еднаш се облеков целата во црно и на шега реков нешто на руски, имитирајќи руски акцент. Сестра ми ме погледна и ми рече: „Да не те познавам, ќе мислев дека си во мафијата“.

Лана, колешка на Вања од факултет, вели дека рускиот јазик не е како повеќето јазици. За неа тој „звучи моќно, како некој претседателски јазик, како главен јазик над сите јазици“.

Корисникот Oliver во коментарите на нашиот Телеграм-канал на англиски одговори дека во младоста слушал руски само во филмови како „Џејмс Бонд“, каде што секогаш му звучел грубо и „злобно“. „Но, кога лично запознав Руси, сфатив дека рускиот јазик е сосема поинаков, дека е поетичен и убав“.

Спокоен и длабок

Корисникот Jacques од нашиот Телеграм-канал на француски вели дека рускиот има смирувачки ефект врз него: „Секоја вечер, пред спиење, пуштам аудиоснимка на руски јазик. Рускиот ми е како приспивна песна“.

Владимир Висоцки и Никита Михалков

Nąrðrażima Sïnïstra Jeżżebelle, следбеник на нашиот Телеграм-канал на германски, вели дека рускиот јазик е мелодичен, живописен, и дека е јазик на душата и срцето кој звучи мило: „Ниту еден друг јазик не може толку содржајно и прецизно да ја изрази целата длабочина на човечките емоции како рускиот. Само поезијата може да ја опфати и пренесе сета уметност на рускиот збор“.

Корисник од Телеграм-каналот на англиски Andrei 1 2 3 вели дека како звучи рускиот јазик зависи од говорникот. За него, рускиот звучи „мудро, смирувачки и нежно“ во говорот на режисерот Никита Михалков, а „фриволно, харизматично и колосално“ во говорот на поетот и актер Владимир Висоцки.

Шушти како полскиот

Мајкл пред 20 години се преселил во Русија од Лондон. За него рускиот најпрвин звучел како полскиот: „Мајка ми е Полјачка, а јас како дете учев полски. Мене рускиот ми звучеше како полски, шушкаво. А Русите уште зборуваат и на повисок тон“.

Ник е од Кина и учи руски веќе 2 години. Рускиот јазик првпат го слушнал во компјутерската игра „Red Alert“ и тогаш му изгледал „храбро и моќно“. Ник не се согласува со Мајкл за тоналитетот, според него Русите имаат низок глас.

И руските пцовки имаат некаков шарм

Следбеникот tbd_tbd_tbd од Телеграм-каналот на германски пишува: „За мене тоа е еден од јазици кои најубаво звучат, сè додека говорот не се прекинува со постојано пцуење, иако и тоа има свој шарм и не може да се спореди со ниту еден друг јазик што го знам. Ако сакате да ја почувствувате убавината на овој јазик, мора да ја проучувате руската поезија во оригинал“.

А нашите јапонски корисници на „Твитер“ велат дека рускиот ги потсетува на мачкиниот јазик: „Понекогаш рускиот звучи како мјаукање на мачка“, напиша еден корисник. „Рускиот јазик звучи како „ња-ња сја-сја“, слично на мачките“. „Звучи многу добро, симпатично и убаво“, потврдува друг.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња