10 најпознати руски фолк пејачи и ансамбли (ВИДЕО)

Russia Beyond (Екатерина Чеснокова/Sputnik; Владимир Трефилов/Sputnik; Владимир Мајџи/Getty Images; Olga Brozniakova/Getty Images)
Тие станаа познати низ целиот свет пеејќи трогателни песни за руската природа, љубовта и рускиот север.

Слушајќи ги овие песни, замислувате „руска тројка“ (санки влечени од коњи) како брза по завеан пат, брези во шумата и весело оро. Овие советски и руски пејачи и ансамбли станаа познати по нивните изведби на народни песни.

1. Лидија Русланова

Лидија Русланова пее пред советските војници на скалилата на Рајхстагот, 2 мај 1945.

Секоја нејзина песна е како мала претстава. Лидија Русланова (1900-1973) се издвојува меѓу сите изведувачи на руски народни песни по својот уникатен стил и прекрасниот низок контралт глас. Најпознати од нејзините песни се „Валенки“, „Сјае месечината“ („Светит месяц“) и „Степа, само степа наоколу“ („Степь, да степь кругом“). На сцената се појавуваше во селска облека, со марама на главата, а публиката многу го ценеше нејзиниот имиџ.

За време на Втората светска војна Русланова одржа повеќе од илјада концерти. На 2 мај 1945 година таа пееше на скалите на Рајхстагот. И покрај таквата популарност, таа падна во немилост во 1947 година и беше испратена во ГУЛАГ. Излезе на слобода дури по смртта на Сталин во 1953 година и потоа продолжи да пее пред публика до крајот на својот живот.

2. Људмила Зикина

Људмила Зикина, 1978.

Пеењето беше семејна страст на Људмила Зикина (1929-2009). Сакаше да стане пилот, но во 1947 година отиде на аудиција за хорот „Пјатницки“ и неочекувано ги победи останатите 1449 кандидати! Стана соло пејачка во 1960 година, откако победи на вокален натпревар во Москва.

Во вежбањето на традиционалното народно пеење Зикина беше инспирирана од стилот на Русланова и се трудеше секоја песна да ја претвори во театарска претстава. Пееше и песни во народен стил, од кои најпозната ѝ е „Волга“.

3. Хор „Пјатницки“

Артистите на Државниот академски руски народен хор „М. Е. Пјатницки“, 1970.

Првиот професионален народен хор во Русија го собра музичарот Митрофан Пјатницки. Со цел да најде изведувачи, тој патуваше низ селата во Воронешката, Смоленската и Рјазанската област. Собра обични селани, а нивните песни првично беа изворни народни. Првиот концерт се одржа со голем успех во Москва во 1911 година. Во советскиот период, хорот се здоби со голема популарност.

Хорот „Пјатницки“ денес неофицијално се третира како репер за изведба на руски народни песни.

4. Леонид Сметаников

Леонид Сметаников за време на снимањето на новогодишна ТВ-емисија во Останкино.

Народниот уметник на СССР Леонид Сметаников е роден во 1943 година.

Беше оперски пејач со лирски баритон и солист на Саратовскиот академски театар за опера и балет. Меѓутоа, руските народни песни што ги изведуваше се попознати од одделни оперски арии. И не ги пееше во народна носија, туку во најобична облека.

5. Кубански козачки хор

Артисти на танчерската група на Кубанскиот козачки хор настапуваат во Краснодар, 1988.

Кубанскиот козачки хор е еден од најстарите фолклорни ансамбли во Русија. Основана е во 1811 година. Најпрвин бил хор што ги придружувал богослужбите во црквата „Воскресение Христово“ во Краснодар (тогашен Екатеринодар), но веќе во средината на XIX век  почнал да одржува јавни концерти низ југот на Русија.

Денес, уметниците изведуваат козачки песни од разни епохи, песни посветени на Кубан и Русија, воени песни, како и познати народни песни.

6. Северен руски народен хор

Државниот академски Северен руски народен хор, 1982.

Народните песни на рускиот север се одликуваат со богат и сложен полифоничен звук.

Можат да се слушнат во изведба на Северниот руски народен хор, чиј репертоар вклучува и популарни, и ретки песни на Поморите, жители на брегот на Белото Море. Хорот е основан во Архангелск во 1926 година и ја има поддршката на државата. Постојано гостува во градовите низ земјата со својата обемна и постојано променлива музичка програма.

7. Екатерина Шаврина

Екатерина Шаврина, 1992.

Екатерина Шаврина (родена 1943 година) е единствената руска фолк пејачка која имала два самостојни концерти во Куќата на славните на Обединетите нации. Тоа беше во 1981 и 1983 година.

Изведува традиционални руски песни, како и советски и современи мелодии.

8. Марина Девјатова

Марина Девјатова

Руската пејачка Марина Девјатова е родена во 1983 година во семејството на популарниот музичар Владимир Девјатов и настапува на сцената уште од детството. Иако изведува и авторски песни, најголема популарност стекна пеејќи руски народни песни.

Обожавателите на Марина го сакаат нејзиниот многу пријатен глас, кој практично може да замени цел хор!

9. Надежда Бабкина

Надежда Бабкина

Надежда Бабкина, родена 1950 година, е народен уметник на Русија, која во средината на 1970-тите го основа ансамблот „Руски песни“ и стана негова солистка.

Нејзиниот репертоар вклучува стотици познати народни хитови во модерни аранжмани, а нејзините песни изгледаат како покана за танц, тешко е со нив да седите мирно на место!

Надежда Бабкина

10. Пелагеја

Пелагеја Телегина (родена 1986) првпат се појави на сцената кога имаше четири години, а на девет години веќе го потпиша првиот договор со музичка куќа.

Пелагеја

Кон крајот на 1990-тите таа веројатно беше една од најпознатите тинејџерки во земјата, а пееше народни песни.

Денес не само што изведува современи верзии на народни и авторски песни, туку неколку години е и ментор во музичкото шоу „The Voice“ („Глас“).

Додаток:

Француската пејачка Мерион учи руски преку онлајн преведувач, има милиони прегледи на „Јутјуб“ и пее весели народни песни со хармоника. Погледнете како звучи нејзиниот прекрасен глас!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња