10 култни песни од советските филмови

Кира Лисицкаја (Photo: Mosfilm, Gorky Film Studio, Imagebroker/Globa Look Press)
Советските филмови беа познати по префинетото сценарио и одличната глума, но и по музичките нумери кои се популарни и денес, после толку години!

1. „А јас одам, шетам по Москва“ од филмот „Шетам по Москва“ („Я шагаю по Москве“)

Песната започнува со зборовите: „Понекогаш сè на светот е добро...“, и како и целиот филм, целосно е проткаена со атмосфера на топлина, младост и надеж. Ја испеа Никита Михалков, главниот лик во филмот, иден режисер и оскаровец. Тоа беше голема дебитантска улога за него. Песната на Андреј Петров на стиховите на Генадиј Шпаликов стана неофицијална химна на руската престолнина.

2. „Ни треба една победа“ („Нам нужна одна победа“) од филмот „Белоруската железничка станица“ („Белорусский вокзал“)

„Една за сите, не прашуваме за цена“, одѕвонува веселиот рефрен во песната на Булат Окуџава, една од најпознатите песни за војната. Ја пеат во филмот, со солзи во очите, поранешните воени другари, кои се сретнале 20 години по војната. Песната се слуша секој 9 мај на празничните концерти, а филмот „Белоруската железничка станица“ од година во година се прикажува на телевизија.

3. „Островот на лошата среќа“ („Остров невезения“) од филмот „Дијамантска рака“ („Бриллиантовая рука“)

Малку недостигаше советската публика никогаш да не ја слушне оваа песна полна со жар! Уметничкиот совет на „Мосфилм“ сакаше да ја исече епизодата со неа, бидејќи, според нив, таа го забавувала дејството (а освен тоа, текстот може да се смета за антисоветски). Но режисерот Леонид Гајдај се бореше за неа, ја одбрани и таа стана култен хит.

4. „Песна за зајаците“ („Песня про зайцев“) од филмот „Дијамантска рака“ („Бриллиантовая рука“)

Уште еден хит од филмот „Дијамантска рака“, познат и како „А нам ни е сеедно“ (А нам все равно). Ја пее актерот Јуриј Никулин (кому во гипсот на раката му се скриени дијаманти), и тоа во прилично пијана состојба по средбата со бандитите во ресторан. Песната зборува за многу силна волја за живот, за тоа дека зајаците, иако се плашат од сé, сепак си ја вршат својата работа.

5. „Чекај, парна локомотиво“ („Постой, паровоз“) од филмот „Операција И и другите авантури на Шурик“

Потресна песна за синот кој сака да ја види мајка си и го моли машиновозачот да запре. Од друга страна, во комедијата на Леонид Гајдај оваа песна ја пее еден многу смешен лик кој глуми ситен криминалец. Дури и многу сериозните зборови „опасно мочуриште ме повлече на дното“ во изведба на комичниот Јури Никулин звучат смешно.

6. „Ми се допаѓа што не боледувате од мене“ („Мне нравится, что вы больны не мной“) од филмот „Иронија на судбината“

Во најомилениот новогодишен филм „Иронија на судбината“ се изведуваат голем број прекрасни песни на стихови на Евгениј Евтушенко, Бела Ахмадулина, Борис Пастернак и други познати поети. Беше тешко да се избере „една, ама вредна“, иако можеби оваа песна, на стихови на Марина Цветаева, а во изведба на Ала Пугачова, сепак е најпопуларна.

7. „Александра“ од филмот „Москва не им верува на солзите“

На самиот почеток на оскаровецот „Москва не им верува на солзите“ е испеана песна која се вбројува меѓу неофицијалните химни на руската престолнина. Првите стихови „Не се случи сè одеднаш, Москва не беше изградена одеднаш“ се многу популарни и често се користат како афоризам. Музиката за песната ја компонираше Сергеј Никитин. Токму тој ја изведе оваа композиција во дует со сопругата Татјана.

8. Ветрот на промените“ („Ветер перемен“) од филмот „Мери Попинс, до видување“ („Мэри Поппинс, до свидания“)

Една од најпопуларните руски песни. Имаше десетина обработки кои им припаѓаат на разни уметници. Музиката за детскиот филм-бајка стана хит на сите времиња. Најважно е што песната влева надеж дека утре „ќе се смени ветрот“ и наместо злото ќе дојде доброто.

9. „Јави ми се, јави“ („Позвони мне, позвони“) од филмот „Карневал“

Ова е вистински советски диско-хит со неверојатен клип во самиот филм. Треба да се напомене дека самата тема на песната (телефон) беше многу актуелна за раните осумдесетти. Композицијата стана крик на душата на сите девојки кои доживеале невозвратена љубов. Жана Рождественскаја ја отпеа песната за актерката Ирина Муравјова.

10. „Крилатата лулашка“ („Крылатые качели“) од филмот „Авантурите на Електроничарот“ („Приключения Электроника“)

Ова е најважната детска композиција која предизвикува носталгија кај секој што пораснал во СССР. Песната зборува за тоа дека не треба да брзаме да пораснеме, и за светлата иднина што нé очекува. „Само небо, само ветер, само радост е пред нас!“ - целосно е во советски стил. Песната во филмот со чудесните ѕвонливи гласови ја изведе детскиот хор на театарот „Бољшој“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња