- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Низ Интернетот кружи фотографија на која, наводно, е прикажан Александар Пушкин. Тоа е дагеротип којшто, како што вели приказната, ја направил пронаоѓачот Луј Дагер во 1836 година во Санкт Петербург. На неа има кадрав маж кој навистина личи на лицето од познатите насликани портрети на големиот поет. Но, ТОА НЕ Е ТОЈ.
Мошне е лесно да се негира митот на „единствен портрет во текот на животот“ на Пушкин. Во времето во коешто живеел Александар Сергеевич навистина се вршени експерименти со дагеротипија, но јавноста за ваквиот метод на фиксирање на реалноста дознала дури во 1839 година. Значи, две години по смртта на Пушкин.
Освен тоа, ниту самиот процес на снимање тогаш не бил идеален. За да се сними една фотографија во не баш најдобра резолуција било потребно еден кадар да се снима во текот на неколку дена (на таканаречена голема експозиција). Предметот на снимање не смеел да се мрда, зашто би се добила матна фотографија. Секако дека било невозможно некој мирно да седи толку долго.
Всушност не постојат никакви докази дека Пушкин некогаш се сретнал со Луј Дагер.
Како изгледал тогаш?
Канонските портрети на Пушкин ги сликале познатите руски сликари Орест Кипренски и Василиј Тропинин.
Дури и блиските роднини на поетот ја забележале нивната исклучителна сличност со оригиналот. Меѓутоа, споменале дека на нив Пушкин е „донекаде“ разубавен.
Тропинин, на пример, направил скица за портретот и на неа поетот е прикажан без никакви „филтри“.
Современиците ја истакнувале кадравата кафеава коса на поетот, зулуфите кои им биле „ужасни“ и прилично големиот нос. Ана Оленина, една од музите на Пушкин, вака го опишала во своите мемоари: „Бог кој му подарил талент на гениј, не го има наградено со привлечен изглед... Арапски профил, позајмен од генерациите на мајката на Пушкин, не го красеше неговото лице. Додајте ги на сето тоа ужасните зулуфи, бушавата коса, ноктите како канџи и нискиот раст“.
Оленина ги третирала 166 сантиметри како „низок раст“, иако во тоа време таа висина се сметала за просечна за мажите во Европа.
Уште еден популарен мит за изгледот на Пушкин претставува неговото африканско потекло. Се знае дека прадедо на поетот бил Етиопјанец и се викал Абрам Петрович Ханибал. Него како роб го довеле во Русија каде што останал. Современиците навистина го забележувале прилично темниот тен и полните усни на поетот, но дури и да бил „Африканец“, во него течела само 1/8 африканска крв. Неговиот темен тен бил непостојан. Тој, напротив, бил мошне блед, само кожата многу брзо и јако му горела на сонце, па сите го паметеле како црномурест. Инаку, поради овие особини поетот напролет и налето постојано одел по улица со чадор. Покрај тоа, Пушкин имал светлосини очи коишто не биле типични за Етиопјанците.
Патем, самиот поет својот изглед го има опишано во лицејските белешки каде што себеси се нарекувал „мешавина на мајмун и тигар“. Оваа споредба во Русија понекогаш се користела во описот на особини карактеристични за Французи, што значи дека Пушкин немал предвид непривлечен изглед. И не ни е познато дали поетот во тие белешки бил самокритичен или навистина сметал дека личи на Французин.
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа