Низ кои делови на денешна Русија минувал Големиот пат на свилата?

Култура
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Древниот трговски пат меѓу Азија и Европа минувал и низ некои руски земји.

Уште од дамнина каравани натоварени со свила и зачини оделе од Кина на Запад - во Римското царство. Совладувајќи пустини, планини и степи, терале коњи и егзотични животни и превезувале благородни метали, порцелан и стакло, волна, кожа и теписи. И, секако, ориз и чај. Се смета дека токму Големиот пат на свилата овозможил размена не само на стоки, туку и технологии (на пример, Европа научила да прави хартија и барут), културни и верски традиции. Од друга страна, и чумата пристигнала од Исток.

Со текот на времето, Патот на свилата станал голема, разгранета мрежа на трговски патишта со неколку гранки. Од VI до XV век минувале и преку територијата на денешна Русија. Меѓутоа, не сите од нив тогаш припаѓале на руската држава, која се појавила дури на крајот на IX век.

Делници од патот минувале низ:

1. Централна Азија

Во тоа време, овие места припаѓале главно на Монголското царство, а со текот на времето станале дел од Руското царство и СССР. На патот на караваните се нашле стари градови како Самарканд и Бухара (сега во Узбекистан) и Ашхабат (сега во Туркменистан).

2. Јужен Сибир

Патот и неговите ограноци минувале и преку јужниот дел на Уралските планини, а одделни трговски каравани стигнувале и до Бајкалското езеро.

3. Поволжје

Совладувајќи го (или заобиколувајќи го) Каспиското езеро, караваните стигнувале до устието на Волга и со текот на времето почнале интензивно да ги користат речните патишта за трговија. Така е формиран посебен Волшки трговски пат. Кина тргувала со Поволшка Бугарија и Хазарскиот канат. Денес тоа се територии на Татарстан, меѓу другото тоа се и неговите трговски градови Казан и Болгар.

4. Калмикија

По преминувањето на главната руска река Волга, караваните оделе низ калмичките степи и пристигнувале во Елиста. Денес тоа е Калмикија, единствениот будистички регион во Европа. Оваа јужна република стана дел од Русија на почетокот на XVII век.

5. Кавказ

Некои каравани го заобиколувале Каспиското езеро од север и ја преминувале Волга, а потоа се движеле појужно кон Кавказ. А можеле и, на пример, веднаш да го преминат Каспиското езеро и да стигнат до древниот град Дербент (денес во Република Дагестан).

Преку северен и јужен Кавказ историчарите издвојуваат два ограноци на Големиот пат на свилата - Мисимијански и Дарински. Археолозите во различни руски републики на Северен Кавказ пронајдоа некои артефакти и остатоци од разни стоки од Исток или од Египет. Меѓу нив, на пример, се стари кинески вазни во денешна Кабардино-Балкарија.

6. Северниот брег на Црното море

Преминувајќи го Кавказот, трговците се движеле кон Црното море. Некогаш на полуостровот Таман и Крим постоеле древни грчки колонии кои тогаш биле контролирани од Џеновјаните и Венецијанците. Тие ги превезувале стоките понатаму во Европа. Денес ова се современиот Краснодарски крај и полуостровот Крим. Од Црното море патот водел кон Цариград (денешен Истанбул во Турција).

7. Азовско море

Имаше каравани кои не оделе кон Црното Море, туку ги преминувале степите и пустините на Калмикија и стигнувале до Азовското море и до устието на реката Дон. Денес тоа е Ростовската област.

***

Почнувајќи од 2009 година, во Русија секоја година се одржува авто-релито „Патот на свилата“ кое минува преку подрачјето на Долна Волга (Волгоград, Астрахан), а исто така и низ Калмикија и Кавказ, а понекогаш навлегува и во Централна Азија и Кина.