Во „Златната ризница“ се чува и овој необичен експонат. Тоа е подарок за царското семејство од благородништвото на Нижни Новгород.
По повод 300-годишнината на династијата Романови во Русија во 1913 година беше организирана прослава од големи размери. Многу здруженија се трудеа да му врачат на царското семејство посебен подарок.
Жителите на Нижни Новгород ја нарачаа оваа декоративна чинија во златарската фирма на Иван Хлебников, која не го снабдуваше само рускиот царски двор, туку и дворовите на кралевите на Холандија, Србија, Црна Гора и Данска. Производите на златарот Хлебников се одликуваа со „руски стил“ кој беше многу препознатлив во тоа време.
За изработка на овој подарок мајсторите користеа позлатено сребро и го украсија со аметисти, калцедон и емајл.
Оваа елегантна фигура на девојка всушност е шишенце парфем од 1880-тите. За мајсторот Фредерик Бушерон веројатно слушнале многумина. Тој е основач на познатата куќа за накит. Бушерон бил првиот француски јувелир во Русија кој дури имал и своја работилница во Москва (да, уште кон крајот на XIX век).
Таквите шишенца парфем преставувале моден детаљ во тоа време. Се носеле како приврзок околу вратот или половината. Овој примерок е направен по нарачка на царското семејство Романови. Шишенцето е направено од горски кристал во вид на девојка облечена во руска носија со кокошник на главата, и богато е украсено со скапоцени камења. Тука има и рубини, и смарагди, и сафири, и бисери. А високо е само 8 сантиметри. Погледнете само колку се чудесни шарите на кокошникот!
Овој свештен сад се вика дарочуварка. Се користи за чување на Светите Дарови, т.е. на осветениот леб и виното за причеста на верниците. Од предната страна има две вратнички, а внатре четири фиоки.
Дарочуварката од „Златната ризница“ е редок сочуван пример на московскиот барок. Направена е од позлатено сребро и емајл во вид на православна црква, со елементи на архитектурата од втората половина на XVIII век. Најинтересно всушност е самото сликање на емајлот. Мајсторот ги прикажал на овалните плочки Распнувањето, Полагањето во гробот, Симнувањето од крстот и Воскреснувањето. Каква прецизност!
Иконата „Господ Седржател“ е дело на московските мајстори од средината на XVII вел. Насликана е за манастирот кој сега се наоѓа на местото на Александровска Слобода во Владимирската област. Нејзиниот опков е вистинско ремек-дело на златарската уметност. Направен е од сребро со позлата и украсен со сафири, рубини, смарагди, дијаманти и друго скапоцено камење. За изработка на иконата биле издвоени средства од државната благајна.
Александровска Слобода во минатото била царска резиденција, но во тоа време значително ослабнала и повеќе ја немала првобитната намена. На нејзино место во 1651 година со дозвола на царот Алексеј Михајлович бил основан Успенскиот женски манастир. Подоцна токму овој манастир станал засолниште на благородничките кои паднале во немилост. И самите цареви активно го помагале развојот на манастирот сé додека не го затвориле болшевиците.
Иконата се наоѓа во музејот од 1930 година.
Државниот историски музеј чува уникатни предмети од злато. Меѓу нив е и овој Фабержеов часовник за камин. Во неговата основа има плочи од малахит, совршено ускладени по боја за да формираат „монилитен“ камен. Оваа техника на обработка на природен камен се нарекува „руски мозаик“.
Офицерите на Императорската гарда на коњаничкиот полк му го подариле овој часовник на кнезот Николај Одоевски-Маслов, командант на полкот 1896-1901, по повод неговото завршување на активната служба во армијата.
Тоа бил елитен полк на Руското царство. Неговите војници и офицери се истакнале во сите големи битки во XIX век, вклучувајќи ја и Татковинската војна во 1812 година. Сите награди што ги добил полкот за своите победи, во комбинација со декоративни елементи, се прикажани како украс на часовникот.
На врвот на часовникот јувелирите поставиле фигура на бајрактар, а отстрана двајца коњаници на царската гарда.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче