7 ремек-дела на Фаберже што ќе бидат изложени во Лондон (ФОТО)

Музеи на Московскиот Кремљ
Јувелирот Карл Фаберже е најпознат по извонредните велигденски јајца што ги направи за руското царско семејство. Меѓутоа, тој има создадено уште многу други скапоцености.

Најпознатиот руски јувелир Карл Фаберже беше на добар глас и во Велика Британија. Во 1903 година, тој отвори филијала на својата фирма во Лондон. Оттогаш, голема колекција негови вредни работи се наоѓаше надвор од Русија и успешно ја преживеа Октомвриската револуција од 1917 година. Скапоценостите што останаа во Русија, од друга страна, беа продадени на приватни колекционери ширум светот. Меѓутоа, подоцна, многу од нив им беа вратени на различни руски музеи, вклучувајќи го неодамна отворениот музеј „Фаберже“ во Санкт Петербург.

Во новата изложба на лондонскиот музеј „Фаберже во Лондон: од романса до револуција“ за прв пат од 1977 година (по повод одбележувањето на сребрениот јубилеј на кралицата) се изложени делата на познатиот јувелир. Британските колекции на Нејзиното Височество кралицата Елизабета II, на компанијата Вартски и други приватни колекционери ќе бидат изложени заедно со руските гостувачки колекции, вклучувајќи ги и следните прекрасни примероци.

1. Првата кокошка, 1885.

Ова прилично едноставно златно јајце е првото велигденско јајце направено од златарницата на Фаберже. Мајсторот Ерик Колин ја реализираше идејата за кукла-бабушка во вид на јајце со тоа што во него смести квачка и жолчка. Царот Александар III ѝ го подари ова јајце на својата сопруга Марија за Велигден. Тој беше толку воодушевен од идејата што нарачувањето скапоцени јајца стана обичај на руското царско семејство, а мајсторите на Фаберже во текот на наредните години направија за нив вкупно уште 50 јајца.

2. Молитвеник, 1896.

Друг мајстор на фирмата на Фаберже Михаил Перхин направи јувелирска корица за молитвеник што Николај II ѝ го подари на својата сопруга Александра на денот на крунисувањето. Тоа беше симболичен подарок, бидејќи Александра го прифати православието за да се омажи за идниот руски цар.

3. Ден и ноќ, 1904.

Цветот од скапоцени камења го изработи главниот мајстор на златарницата на Фаберже Хенрик Вигстром од злато, дијаманти, тиркиз, планински кристал и камен. Продолжувајќи ја традицијата воспоставена од неговиот татко, Николај II ѝ го подари ова ремек дело на својата сопруга Александра за десетгодишнината од нивниот брак.

4. Табакера, 1906.

Николај II пушел многу. Дури и обичната царска табакера беше предмет на извонредна изработка и голема вредност.

5. Велигденско јајце „Московскиот Кремљ“, 1904-1906.

Ова велигденско јајце е направено од злато, сребро, оникс и емајл. Не само што е прекрасно дизајнирано, туку функционира и како музичка кутија. Централниот бел дел потсетува на Успенскиот соборен храм во Кремљ. Тоа беше уште еден подарок од царот Николај II за неговата сопруга.

6. Велигденско јајце „Александровскиот дворец“, околу 1908.

Мајсторот Хенрик Вигстром го направи ова јајце од жад, дијаманти, рубини и, се разбира, злато. Тоа беше нарачка од Николај II за Велигден 1908 година. Николај II и неговата сопруга живееја во Александровскиот дворец во Царско село во близина на Санкт Петербург. А ова скапоцено јајце содржи мал модел на нивниот дворец.

7. Триста години Романови, 1913. 

По повод прославата на 300-годишнината на династијата Романови на рускиот престол, Николај II во 1913 година ѝ го подари ова велигденско јајце на Александра. Тоа содржи портрети на 18 руски владетели: од Михаил, првиот цар од династијата Романови, до Николај II, за кој се покажа дека е нејзиниот последен владетел. Јајцето, направено од Хенрик Вигстром и Василиј Зуев, стои на симболот на Руската империја, двоглавиот орел.

Изложбата „Фаберже во Лондон: од романса до револуција“ ќе биде отворена во Музејот на Викторија и Алберт од 20 ноември 2021 година до 8 мај 2022 година.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња