15 оригинални советски филмски плакати

Госкино; Казахфильм
Плакатите на советските филмови се посебен вид уметност. За вас ги избравме најинтересните и најкреативните дела, од авангардни колажи до научно-фантастични светови.

1. Сергеј Ејзенштајн, „Оклопницата „Потемкин“, 1925.

Морнарите на еден од бродовите на Црноморската флота стационирани во Одеса организираат бунт поради црвливото месо кое готвачите на бродот планираат да им го послужат. Наскоро бунтот се претвора во вистинско востание против власта. Во градот пристигнува царската војска за да го задуши бунтот.

2. Ѕига Вертов, „Шестина од светот“, 1926.

Пропаганден филм на главниот документарист во земјата, нарачан од советските власти. Задачата беше да се покаже како практично сè што му треба на човекот се одгледува и се прави на огромниот простор на СССР.

3. Борис Барнет, „Девојката со кутија“, 1927. 

Комедија за веселата непмановска Москва (од првиот период на Новата економска политика и приватните претприемачи) и обележјето на тоа време, обврзниците за државен заем чиј автор е познатиот режисер Борис Барнет.

4. Сергеј Ејзенштајн, „Октомври“, 1927.

Историски филм снимен за десетгодишнината од Октомвриската револуција. Настаните од 1917 година, сé до јуришот на Зимскиот дворец и плотунот од оклопницата „Аврора“ се прикажани со извонредна точност.

5. Сергеј Ејзенштајн, „Александар Невски“, 1938.

Филмот за рускиот кнез и светец на Руската православна црква Александар Невски е „примерен пример“ за патриотски филм снимен по наредба на Сталин за време на најжестоките тоталитарни репресии. Бидејќи е направен од генијалниот режисер Сергеј Ејзенштајн, филмот има исклучителни квалитети. За волја на вистината, како што истакнуваат историчарите, филмскиот лик има малку заедничко со вистинскиот Невски.

6. Михаил Калатозов, „Жеравите летаат“, 1957.

Вљубениот пар во центарот на приказната, Борис и Вероника, ги разделува војната. Бројните искушенија на кои се изложени служат како тест за нивната љубов. Советски црно-бел филм за војна во која нема непријатели. Филмот ја доби Златната палма на Канскиот филмски фестивал.

7. Јуриј Чуљукин, „Девојки“, 1961. 

Во едно мало место пристигнува девојката Тосја. Привлечниот мештанин Иљја се обидува да ја покани на танц во локалната дискотека. По јавното одбивање на Тосја, тој се обложува со пријател дека ќе успее да ја натера да се заљуби во него за една недела. Филмот не им се допадна особено на кинематографите, сметајќи го за премногу обичен, но гледачите не го делеа мислење и приказната за Тосја стана најгледаниот филм.

8. Михаил Ром, „Девет дена од една година“, 1962.

Двајца млади нуклеарни научници Гусев и Куликов спроведуваат експеримент по кој Гусев добива смртоносна доза на зрачење. Без оглед на медицинските предупредувања, тој продолжува со експериментите. Ремек-дело од шеесеттите и времето на одмрзнувањето за хероите на новото време.

9. Станислав Ростоцки, „А зорите овде се тивки“, 1972.

Одред девојки-артилерци е принуден да се бори против далеку понадмоќниот непријател на фронтот. Иако сонувале за мирен живот, ги снашла тешка војна. „А зорите овде се тивки“ е една од најпопуларните воени драми на целиот постсоветски простор.

10. Фрунзе Довлатјан, „Раѓање“, 1976.

Филм за обидите за воспоставување советска власт во Ерменија во 1920-тите. Соработникот на Ленин Александар Мјасникјан треба да ги залечи ерменските рани што крвават и да ги спаси очајните луѓе.

11. Андреј Тарковски, „Носталгија“, 1983.

Писателот Андреј Горчаков доаѓа во Италија во потрага по информации за земјак музичар од XVIII век кој некогаш ги посетил тие места. Во таа потрага тој доаѓа во контакт со девојката Евгенија, која се обидува да ја разбере руската носталгија со помош на стиховите на таткото на режисерот, поетот Арсениј Тарковски. Психолошка драма на култниот советски филмски режисер.

12. Глеб Панфилов, „Тема“, 1986.

Писател од главниот град оди во провинцијата во потрага по инспирација, но одеднаш открива некои други „способности“ во себе. Филмот за тоа кои се границите на компромисот и откажувањето од сопствените верувања во СССР пред перестројката беше ставен во бункер, а премиерата се одржана на Берлинскиот фестивал, каде што филмот освои четири награди (вклучувајќи ја и главната).

13. Никита Михалков, „Очи чорние“, 1987.

Италијанец се вљубува во Русинката Ана, го напушта своето семејство и доаѓа во Русија да започне нов живот. Во Русија дознава дека и Ана е мажена. Уште една, но исклучителна приказна, заснована според мотивите на Чеховата „Дамата со кученце“ со Марчело Мастројани во главната улога, кој за неа доби награда на филмскиот фестивал во Кан.

14. Марк Захаров, „Да се убие змејот“, 1988.

Витезот Ланселот доаѓа во град кој со години живее под диктатурата на Змејот. Тој сака да ги спаси невините луѓе, но градоначалникот му сугерира дека без Змејот ниту градот, ниту луѓето едноставно не можат да живеат. Често се карактеризира како своевиден филм-парабола.

15. Рашид Нугуманов, „Игла“, 1988.

Моро сака да ѝ помогне на својата девојка да се спаси од зависноста од дрога. Кога ќе сфати дека вообичаените методи не помагаат, тој решава да го пресече злото во корен и почнува лов на дилери на дрога. Еден од првите советски филмови на забранета тема.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња