По Октомвриската револуција од 1917 година и Граѓанската војна во Русија, економијата беше практично уништена и на земјата ѝ се закануваше глад. Поради суровите мерки на воениот комунизам избувна незадоволство на народните маси и во јавноста се појавија антикомунистички гласови.
За да ја надминат новонастанатата ситуација и да ги зачуваат своите позиции на власт, болшевиците во 1921 година се решија на неочекуван чекор и повторно го дозволија приватното претприемништво во сферата на малиот и средниот бизнис. Овие компромиси во историјата се познати како Нова економска политика (НЕП).
Пред сé таа се однесуваше на сферата на храната. Огромниот т.н прехранбен данок, кој се плаќаше во натура и кој ги оптоваруваше селаните, беше многу намален. Дополнително, на приватните лица им беше дозволено сами да го продаваат вишокот производи.
Наместо пакети со прехранбени производи, луѓето почнаа да добиваат плати во пари, од кои самите можеа да купат храна. На приватниците им беше дозволено да вработуваат работна сила, па дури и да основаат мали приватни претпријатија. Во земјата каде што победи комунизмот фактички беа дозволени пазарни односи.
Се појавија приватни продавници, кафулиња, кабареа и ресторани, како и одредено чувство на слобода и виталност по крвавата војна.
НЕП особено очигледно влијаеше врз модата. Веќе не беше срам да се занимавате со такви „буржоаски“ работи како што се грижата за изгледот и облекувањето.
Работничките престилки ги заменија модни комбинации: жените ги засакаа шеширите, најлон-чорапите, фустаните со слободен крој, и за прв пат почнаа да се потстрижуваат кратко и да прават фризури со локни во стилот на Зелда Фицџералд. Мажите носеа дводелни костуми со трегери.
Духот на НЕП, туѓ на комунизмот, навлезе и во културата, продолжувајќи ја традицијата на авангардата. Сликарите, дизајнерите, музичарите и филмаџиите правеа смели експерименти...
Атмосферата на НЕП во Москва и Санкт Петербург можеше да се спореди со ерата на џезот и „Големиот Гетсби“ во поскромна варијанта, а Москва во 1920-тите потсетуваше на Берлин или Париз.
Меѓутоа, НЕП не траеше долго. Тој не можеше да ги реши реалните економски предизвици кои стоеја пред земјата. До 1927 година веќе немаше доволно храна за работниците и службениците во градовите, а малите производители и трговци не можеа да ја подигнат земјата од пепелта на граѓанската војна. На Русија очигледно ѝ требаше забрзана индустријализација за да биде подготвена за опасноста од странска интервенција. Покрај тоа, многу болшевици во раководството на партијата беа загрижени, плашејќи се декаво земјата ќе навлезе презрениот капитализам.
Желбата за забава и зголемување на капиталот беше доживеана како враќање на буржоаскиот начин на живот на „малограѓаните“, а „непманите“ (претприемачите во периодот на НЕП) како реинкарнација на експлоататорите и непријателите на работничката класа. „Непман“ стана погрден термин, како и „буржуј“.
Крајот на НЕП беше обележан со насилната конфискација на жито од селаните во 1928 година. Потоа, во април 1929 година, на XVI партиска конференција беше усвоен план за забрзана индустријализација на СССР, кој подразбираше крај на пазарната економија и нејзина тотална централизација. На тој начин државата ја зеде контролата над целокупниот „бизнис“ во свои раце.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче