10 најинтересни објекти на арт-паркот „Таврида“

Арт-парк „Таврида“
Погледнете ги најинтересните арт-објекти создадени на Крим од млади архитекти и дизајнери од Русија.

Уште од времето на Екатерина II, кога Крим влезе во состав на Руската империја, полуостровот стана не само популарно одморалиште, туку и место кое привлекува уметници. Познати сликари, поети и музичари итаа кон овие краишта за да си го подобрат здравјето и да пронајдат инспирација во тукашните пејзажи.

И денес Крим е своевидна „Мека“ за љубителите на уметноста. Овде во 2015 година се појави уметничкиот кластер „Таврида“, кој ја привлекува креативната младина од целата земја на образовни форуми и уметнички резиденции, како и на фестивалот на млада уметност.

Во заливот Капсел, во близина на одморалиштето Судак, во 2019 година беше истоимен создаден парк кој се протега на 30 хектари. Секоја година се дополнува со нови арт-објекти и инсталации од млади дизајнери, архитекти и уметници.

Еве како изгледа сега.

1. „Човекот што гледа во морето“

Едно од обележјата на арт-паркот е работата на уметникот Сергеј Паукер-Бравин од 2019 година. Инсталацијата, висока 15 метри, ги симболизира креативните луѓе кои бараат инспирација за нови достигнувања.

2. „Асољ“

На „Човекот што гледа во морето“ во 2020 година му се приклучи Асољ, хероината на „Аловите едра“ („Алые паруса“). Скулптурата висока 13 метри ја изработи истиот автор. Таа стои спроти својот другар, сонувачот и занесеникот, и според замислата на уметникот, таа претставува метафора на надежта за среќна иднина. И двете скулптури се осветлени ноќе.

3. „Маски“

Двете огромни маски на Аполон и Венера, кои ги симболизираат уметноста и убавината, се дело на арт-групата DAP (design architecture placement). Оваа скулптурална композиција е своевидна порта за арт-паркот.

4. „Стоунхенџ“

Уште едно дело на арт-групата DAP, композиција која потсетува на англискиот Стоунхенџ, е направена од индустриски буриња. Уметниците преку иронија го доловија проблемот на уличната уметност и сквернавењето на архитектонските споменици и им дадоа можност на сите да остават свој белег на нивниот арт-објект.

5. „Сонцето на Таврида“

Уметниците Глеб Иванов и Александар Фунтов го создадоа овој уметнички објект со помош на научници од радио-астрономска опсерваторија. Светлосната инсталација, како светилник, го имитира зрачењето на астрофизичките пулсари.

6. „Семафор“

Арт-групата DAP во еден уметнички објект комбинираше неколку значења и симболи. Тоа е и дрво на животот, и раскрсница на многу патишта (вклучувајќи ги и креативните), а во исто време е и кристална топка која им одговара на сите на важни прашања - само треба да притиснете едно копче.

7. „Там-Там“

Идејата за ова дело се родила за време на креативна работилница во Таврида. Секој што сака може да удри во огромниот тапан и да создаде свој ритам, кој ќе се слушне покрај морето. Според мислењето на авторот, т.е. на креативното здружение „Кешју“, тој ритам е метафора за пулсирањето на новата креативна енергија.

8. „Време“

Уште едно дело креирано од учесниците на креативната работилница под водство на Сергеј Паукер-Бравин е 9-метарскиот бројчаник што го прикажува не времето, туку целата историја на универзумот од првите форми на живот до модерното доба.

9. „Ластовичино гнездо“

Замокот во готски стил на карпата во Јалта беше популарно наречен „Ластовичино гнездо“ и стана еден од симболите на Крим. Арт-групата DAP ја осмисли препознатливата знаменитост на нов начин и направи нејзина индустриска копија.

10. „Кула“

„Кулата“ на архитектонското биро Megabudka на прв поглед изгледа како споменик на индустриската уметност и омаж на металните конструкции од раниот ХХ век. А всушност решетките на кулата формираат орнамент кој се однесува на кеми-обинската култура од III милениум п.н.е. Станува збор за остатоци од раното бронзено време кои археолозите ги пронајдоа на Крим во 1957 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња