Што може да биде поромантично од тоа да лежите на ливада и да уживате во огромни скулптури и архитектура? Секоја година во Калушката област (200 км јужно од Москва) се одржува фестивал на уметнички објекти на отворено под називот „Архстојание“. Неколку дена современи уметници приредуваат перформанси и ги презентираат своите креации кои добиваат трајно место во паркот. Темата за 2021 година беше „Лично“: архитектите зборуваат за тоа како пандемијата ги принуди луѓето да забават и да се свртат кон својот внатрешен свет.
Централниот уметнички објект на фестивалот беше куќа-огледало во форма на цевка, „Руски идеал“ дело на главниот московски архитект Сергеј Кузнецов. Ваков облик авторот им даде на своите размислувања за иднината на руската архитектура. Куќата со пречник од 3,5 метри, долга 12 метри, се наоѓа на врвот на еден рид и буквално „виси“ во воздух. Внатре изгледа како мал стан со спална соба, кујна, бања и мал ходник.
Ентериерот е изработен од дрво и метал, а подот е покриен со керамички плочки. Станот е целосно функционален со сите неопходни удобности: вода, греење, електрична енергија, обезбедени од градежната компанија „Крост“. Посетителите дури ќе имаат можност да ја изнајмат оваа куќа за ноќевање доколку сакаат да поминат повеќе денови во селото Никола-Ленивец (но сигурно ги очекува долга листа на чекање!)
Инсталацијата која симболично претставува накривен ѕид се појави во паркот благодарение на уметникот Владимир Наседник, со поддршка на АЗ Музејот (Уметнички музеј „Анатолиј Зверев“). „Кога започна пандемијата, како и нашите комплицирани односи со целиот свет, ми се чинеше дека ова не е само ограда, туку и ѕид што нè дели од блиските луѓе во странство“, вели авторот за својата конструкција.
„Оградата е такво општо место што луѓето како да не ја забележуваат и таа станува идеален објект за самоизразување“, објаснува уметникот.
Младите уметници Василиса Прокопчук и Евгениј Брагин претставија „шума наопаку“, тисови стебла закачени на дрвена решетка. Авторите објаснуваат дека покрај петте добро познати сетила, луѓето имаат и внатрешно сетило за ориентација во просторот. Додека одите низ непозната шума, лесно можете да се изгубите. Меѓутоа, ако се потпрете на интуицијата, можете да го најдете патот дури и низ најнепроодниот честар. Уметниците им нудат на посетителите можност сами да го пронајдат патот низ шумата.
Патем, мини-верзија на ова дело летово беше поставена во близина на трговскиот центар ГУМ во Москва. Не е доволно за авантура, но е добра позадина за убави фотографии.
Уште еден на модерна куќа за осаменост е серијата од десет засолништа за по едно лице. Секоја куќа е направена од различен уметник и има специфичен екстериер и ентериер. Во една од нив, на пример, се наоѓа бело платно што се користи на Меѓународната вселенска станица. Во мракот можете да видите холограм на бура на Марс на бел ѕид и да добиете чувство како да се наоѓате на Црвената планета. Во друг вигвам виси кожурец од конци што го симболизира „кожурењето“ како еден вид психолошка заштита. Во третото колипче ќе најдете бунар со риба и паднато лисје.
Уметниците велат дека гледајќи во овој бунар можете да медитирате за поврзаноста на времето и просторот. Така што имате тема за размислување додека шетате преку оваа ливада во шумата.
Овој уметнички објект остана од минатогодишниот фестивал „Архстојание“. Во 2020 година уметниците ја истражуваа мрзеливоста како придвижувач на светската култура. Некои објекти исто така беа посветени на темата куќа. На пример, оваа куќа со мезанин. Ја подигна московскиот уличен уметник Алексеј Лука од материјали што ги најде во околината: огради, покриви, рамките за врати. Внатре наликува на уметничка работилница. Додека сте надвор, можете да се истегнете во лежалка и да се излежувате.
„Црвената шума“ не е само уметнички објект. Таа врши и многу практична функција: претставува мост преку заливот што води до друг дел од паркот. Инсталацијата е направена од уметникот Игор Шелковски, а се состои од црвени греди долги шест метри, кои во секое време од годината се во остар контраст со околината.
Павилјон или урнатина? Инсталацијата на Иван Горшков привлече многу внимание на годинешниот фестивал. Овој уметнички објект е направен од железо и е населен со мистични „шумски суштества“. Уметникот им нуди на посетителите да ја користат оваа стреа како место за здивнување.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче