Лога - фантастично убав парк во руски народен стил (ФОТОГРАФИИ)

Парк „Лога“
Луѓе од цела Русија доаѓаат во селото Стара Станица во Ростовската област за да го посетат паркот, за кој велат дека е „руската земја од другата страна на огледалото“. Еве што го прави посебен.

Во паркот „Лога“ е згодно да навратите ако патувате со автомобил до Црното Море. Селото се наоѓа на само 3 километри од федералниот автопат М-4 „Дон“. Меѓутоа, паркот веќе одамна не е само локална атракција.

Туристи од целата земја доаѓаат да го видат „Рускиот народен Дизниленд“ или, како што го нарекуваат и „руската земја зад огледалото“. За нешто повеќе од десет години на местото на градската депонија никна кралство од бајките.

Долината во која е сместен паркот започнува веднаш зад селцето. Претходно мештаните одеа таму на излет, но во 1990-тите долината обрасна во грмушки и беше користена како градска депонија. Приказната започнува во 2012 година, кога локалниот бизнисмен Сергеј Кушнаренко реши да го исчисти ова место од ѓубре. Тогаш тој сè уште не размислуваше за парк.

„Одвезовме околу 2000 КАМАЗ-и полни со отпад. При копањето изби извор и се формираше езерце. Решивме малку да ја разубавиме околината, па ја посипавме територијата со чакал, поставивме летниковци, направивме сандак со песок... И веднаш тука се летнаа жителите на Стара Станица, деца и мајки со бебиња во колички“, раскажува Кушнаренко.

Сега паркот зафаќа повеќе од 20 хектари. Огромната територија е поделена на неколку тематски зони. Постои зона на Витезите, каде што гостите ги пречекува џиновската глава на џинот-јунак Свјатогор, како и зоните на Баба Јага и Кашчеј Бесмртниот. Куќни духови, шумски духови и други митолошки суштества се удобно распоредени по дрвјата, цветните леи и клупите. Сé во автентичен стил на руските народни бајки.

Во склоп на паркот има пазар со фонтана во вид на самовар, како и рибници со златен крап и лебеди. Има и зона со искривени огледала, „двор за венчавки“ каде што се одржуваат свадбени церемонии на отворено во староруски стил, и православен храм каде се одржуваат верски служби.

Во рамките на паркот има и зоолошка градина, каде што живеат меркати, бодликави прасиња, пауни, ирваси и други животни. Во текот на летото тие се во оградени кафези на отворено, а зиме во топли простории.

Паркот има неколку ресторани, кафулиња и објекти за брза храна. Тука се и „витешките бургери“, т.е. „фаст-фуд“ на руски начин.

Сите објекти овде се рачно изработени. На територијата има столарски и ковачки работилници, работилница за преработка на дрво и ателје за уметничко сликарство и изработка на витражи.

Локалните мајстори со сопствени раце изградија замок со кула во центарот на паркот. На кулата има огромен часовник кој го одбројува времето, а во него седи царот. Секој час излегува да го поздрави народот. Царот е електромеханички робот кој преку сателит е синхронизиран со часовникот.

„Нашите инженери во фабриката конструираа механизам со кој царот „излегува пред народот“. Мојата сестра Екатерина ги напиша текстовите, спикерот ги изговори и сé е склопено во целина“, вели Кушнаренко.

За семејството Кушнаренко паркот стана семеен бизнис (речиси сите членови на семејството се вклучени во раководењето и изградбата), а во исто време и главно хоби. Во изминатите десет години се шири сé повеќе и повеќе.

На пример, уште сега над целата територија доминира панорамско тркало високо 28 метри, кое ќе почне со работа заедно со зоната за забава и хотелот. Планот е да се изгради козачко етно-село со штали за коњи и едукативна обука за стари козачки занаети.

А најинтересно е што влезот во паркот никогаш не се плаќаше. Тоа е принципиелен став: целта на целата изградба на овој парк не беше да се заработат пари, тврди Кушнаренко. „Лога“ е социјален проект. Според неговиот син и косопственик Евгениј Кушнаренко, во проектот веќе се инвестирани околу една милијарда рубли, а приходите од него не ги покриваат дури ни трошоците за одржување.

„Ние едноставно живееме овде, и може да се каже дека почнавме да го градиме [парк] за себе, и испадна дека е за сите. Сега сè е како локомотива што се забревтала, фатила залет и не може да запре“, вели Кушнаренко.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња