- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Оклопницата „Потемкин“ од 1925 година беше првиот филм во кој беше прикажано нешто што не беше во црно-бели нијанси. Тоа беше светло црвено знаме што режисерот Сергеј Ејзенштајн лично го обои со четкичка на филмската лента. А првиот долгометражен советски филм снимен целосно во боја беше прикажан во советските кина дури 11 години подоцна. Тоа беше филмот „Груња Корнакова“ на Николај Ек, филм за бунтот на работничките во Русија во времето пред револуцијата.
Давање отпор со чинии
Николај Ек беше ученик на Всеволод Мејерхолд, советски иноватор на полето на драматургијата, но подоцна ја замени театарската сцена со филмски сет. По снимањето на „Патување кон животот“, првиот советски звучен филм во 1931 година, тој се здоби со углед и репутација на најголем експериментатор на филмот (тука прочитајте како овој филм му бил прикажан на Сталин ноќе за да се избегне цензурата). Пет години подоцна, Ек повторно отвори нови перспективи, снимајќи го првиот филм во боја. Премиерно беше прикажан на 11 јуни 1936 година во киното „Художествени“ во Москва.
Според заплетот на филмот, во подметнат пожар во еден од погоните на фабриката за порцелан загинува таткото на Груња Корнакова, една од работничките во фабриката. Груња дознава дека пожарот намерно го предизвикал сопственикот на фабриката кој сакал да ги обвини работниците за тоа и да им земе многу пари како отштета.
Девојката ги поттикнува работничките на револуционерна борба... Во една сцена работничките буквално ги опсипуваат полицајците со порцелански чинии, не обрнувајќи внимание на пукањето (за време на снимањето на оваа сцена искршени се околу илјада и петстотини чинии!).
Филмот е снимен во вистинска фабрика за порцелан во селото Кузнецово во Тверската област. Главната улога на фабричката работничка Груња ја толкуваше Валентина Ивашова, сопругата на режисерот, а работничките ги глумеа натуршчици, вистински работнички од фабриката.
„Отстранет“ режисер
Снимањето филм во боја во тие денови беше многу напорна работа. За да ја совлада технологијата, Николај Ек пред да го снима „Груња“, дури сними и краток едукативен филм „Карневал на боите“ во кој експериментира со боите на екранот.
Понатамошната судбина на режисерот беше мошне несреќна. По „Груња Корнакова“ тој успеа да сними уште еден филм во боја во 1939 година, по што падна во немилост. Имено, неговиот учител Всеволод Мејерхолд беше прогласен за „непријател на народот“, а Николај Ек одби да сведочи против него. Поради тоа тој повеќе не можеше да се занимава со филм. Вистина, официјално беше наведена друга причина: неуспехот на плановите за снимање филм за чехословачкиот отпор, „неодреденоста“ и „ниското идејно ниво на снимениот материјал“.
Неговото враќање на режисерската работа следеше дури во ерата на „одмрзнување“, по смртта на Сталин. Но, освен со наставни работи, Ек повеќе не се занимаваше со снимање филмови, туку режираше театарски претстави. Сепак, во историјата на советската кинематографија тој е запаметен како двоен иноватор: човекот кој ги сними првиот звучен филм и првиот филм во боја.