Што се случува на прочуената слика на Флавицки „Принцезата Тараканова“?

Култура
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
На сите руски ученици за време на посетата на Третјаковска галерија водичот им поставува прашање: можете ли да погодите што се случува на оваа слика: Познатата слика на Константин Флавицки открива возбудлива приказна за авантуристката од 18 век.

Зошто оваа жена стои во поплавена соба и зошто не бега? Они што забележуваат детали, забележуваат глушец кој се качува на нејзиниот кревет, потоа водата што стасала до постелата и уште вода која влегува низ прозорецот, како и решетките на прозорецот.

Прикажаната жена е Елизавета Владимирскаја, односно принцезата Тараканова, една од најпознатите авантуристки во Русија и самопрогласена престолонаследничка. Починала во занданите на Петропавловската тврдина... иако не олку драматично. Но, да започнеме од почеток.

Која била принцезата Тараканова?

Иако царицата Елизавета Петровна (ќерката на Петар Велики) официјално не се мажела и немала деца, се сметало дека тајно се венчала со својот миленик Алексеј Разумовски (повеќе дознајте тука). А, според легендата, тие имале и ќерка. Меѓутоа, за тоа не постојат историски докази.

По Елизавета на престолот дошол нејзиниот внук Петар Трети, но по неговата мистериозна смрт власта ја презела неговата сопруга Екатерина Велика. За време на нејзиното владеење имало повеќе случаи кога поединци го преземале идентитетот на Петар Втори, тврдејќи дека по некое чудо го преживеале државниот преврат. Најпознат меѓу нив бил Емељан Пугачов, кој го предводел прочуеното Востание на Пугачов, познат и како „селанска војна 1773-1775 година“.

Уште една личност која барала можност да дојде до рускиот престол била и Елизавета Владимирскаја. Таа тврдела дека е тајна ќерка на царицата Елизавета и така е законски престолонаследничка.

Во потрага по спонзори и поддршка во Европа

Таа, всушност, себеси се нарекувавала Елизавета и не го користела презимето Тараканова, кое е доста потсмешливо („таракан“ на руски значи бубашваба и би било мошне необично жена од благороднички род да носи такво презиме). Ова презиме ѝ го ставил францускиот дипломат и писател Жан Анри Кастера, кој приказната за неа ја споменува во книгата за Екатерина Велика.

Најверојатно Тараканова на различни луѓе им раскажувала различни приказни за своето потекло, па денес не се знае која од нив е вистина. Зборувала неколку јазика (но, не руски) и имала префинето однесување. Најверојатно потекнувала од Европа (се претпоставува дека била Французинка, Германка или Италијанка).

Елизавета отсекогаш била во потрага по пари и патувала низ Европа, бегајќи од своите доверители. Еднаш пуштила глас дека во Русија ја очекува големо наследство. Претерала со коцкање, при што двајца благородници од висок род (грофот Филип Фердинанд Лимбург-Стирум и полскиот принц Карол Станислав Раѕивиљ) ја довеле речиси до просјачки стап.

Претендентка за рускиот престол

Во 1774 година пуштила глас за тоа дека таа е тајна ќерка на царицата Елизавета и дека има право на рускиот престол. Тараканова започнала да собира поддршка во Европа, велејќи дека во Русија има многу симпатизери (што не било точно). Дури и планирала да му се обрати на прускиот крал Фредерик и на полскиот крал Станислав Поњатовски со цел да ги придобие на своја страна, но тоа не се остварило.

Тараканова започнала да испраќа луѓе низ Европа кои во писмен и во устен облик прокламирале дека таа сака да стане руска царица со поддршка на Пугачов. Еден таков манифест дошол во рацете на Алексеј Орлов, руски гроф и миленик на Екатерина Велика, кој во тоа време бил командант на руската морнарица во Европа.

Орлов ја известил Екатерина Велика за појавувањето на самозванката и со парично одобрување ја презел врз себе задачата да ја доведе во Русија. Орлов ја убедил Тараканова дека ја поддржува во нејзината намера (па, дури и дека ја сака и дека сака да се ожени со неа), со цел да ја качи на брод за Русија.

Фатена во прелажување

Орлов ја поканил лажната принцеза во Ливорно во Италија за да ѝ ја покаже руската флота со којашто тој командувал. Морнарите одглумиле сцена на длабока почит и свечен дочек на еден од бродовите... каде што лажната принцеза веднаш била уапсена. На почетокот не сфатила дека Орлов е вмешан во овие случувања и продолжила да му испраќа љубовни писма, барајќи помош од него.

Во Петербург веднаш била затворена во Петропавловската тврдина, која била наменета за политичките осуденици. Во текот на истрагата и на сослушувањата таа се држела за приказната за своето царско потекло и дури барала да ја види Екатерина Велика.

Иследниците се обиделе да го откријат нејзиниот вистински идентитет и дури ѝ понудиле помилување доколку ја признае вината. Но, Тараканова никогаш не го открила своето вистинско потекло и починала во декември 1775 година.

Сликата на Флавицки

Иако од државна гледна точка самозванците како што е Тараканова се третирани како обични криминалци, нивните личности често биле предмет на интересирање на уметниците, кои за нив покажувале сочувство, па дури и симпатии. Александар Пушкин за Пугачов пишува во својот роман „Капетановата ќерка“, додека Тараканова е овековечена на сликата на Константин Флавицки.

Во стварноста Тараканова умрела од туберкулоза, но со текот на времето се појавиле бројни легенди за нејзината смрт. Една од нив го инспирирала Флавицки. Според оваа верзија, лажната принцеза починала во подрумска ќелија за време на голема поплава (поплавата навистина се случила, но две години по нејзината смрт). Интересно е што самиот сликар исто така починал од туберкулоза на само 36 години.

Сликата „Принцезата Тараканова“ го прославила и му донела уважување во уметничките кругови, со посебно истакнување на драматичните пози и на трагичниот израз на лицето на јунакињата. „Принцезата Тараканова“ била прва историска слика во колекцијата на Павел Третјаков, по која што следувале уште многу од овој жанр. На познатиот колекционер му се допаднала руската тематика, како и исклучителната уметничка изведба.

Во 1867 година „Принцезата Тараканова“ била изложена на Светската изложба во Париз. Меѓутоа, царот Александар Втори наредил во каталогот да се додаде напомена дека „сижето е преземено од роман и дека не содржи историска вистина“.