Каков беше првиот советски звучен филм од 1931 година?

Култура
RUSSIA BEYOND
Филмот за проблематичната младина му беше прикажан лично на Сталин за да го пропушти цензурата.

Првиот советски долгометражен звучен филм - „Патот за животот“ на Николај Ек - беше снимен во 1931 година, четири години по прикажувањето на првиот звучен филм во светот. Тоа беше остварување за млади деликвенти на тогаш малку познатиот режисер.

Но, Николај Ек беше убеден дека поради неговиот пристап кон снимањето и историјата на неговото создавање овој филм ќе стане култен. Така и се случи. Една вечер, иако планирал да го гледа само првиот дел од филмот, Сталин го изгледал до крај, а едно кино во Њујорк го држеше на репертоарот цела година.

Филм за превоспитување на децата

Режисерот Николај Ивакин, кој го зеде ефективниот псевдоним Николај Ек, не припаѓаше на елитата на млади советски режисери. За него не се знаеше речиси ништо. Но, младиот режисер имаше идеи кои страсно сакаше да ги реализира. И додека првите титани на советската кинематографија сè уште го критикуваа „звучниот филм“, тој работеше на „Патот за животот“.

Во основата на филмот лежи вистинска приказна за еден од болшевичките експерименти: како со работа да се превоспита деликвентната младина. Во 1924 година во СССР беше создадена првата работна комуна за деликвентни деца. Суштината на експериментот беше во тоа непримерните деца од улицата да не се испраќаат во затвори за малолетници, туку во комуни каде што бидат превоспитани и обучени за корисни занимања. Пропагандата го нарекуваше тој процес „прековање“, а работничките комуни „патна дозвола за подобар живот“. Наскоро, слични комуни беа основани низ Советскиот Сојуз.

Режисерот и филмската екипа поминаа неколку месеци во таква установа, од каде ги земаа и актерите. Во филмот се појавуваат само двајца професионални актери, додека сите останати се обични деца од комуната. Но, според сценариото (како и во животот) не можеа сите деца да се превоспитаат. Веројатно таа веродостојност ги уплаши цензорите, па по првото јавно прикажување надлежните органи го забранија прикажувањето на филмот.

Проекција за Сталин  

Меѓутоа, филмот не остана долго „во бункер“. Првата проекција привлече големо внимание, беше вистинска „звучна“ атракција. Се заинтересираа и властите.

„Една вечер во киното „Художествени“ беше организирана повторна проекција на филмот. Пристигнаа членовите на ЦК. До Сталин го сместија режисерот Ек. Јас седев малку подалеку, до Ворошилов“ – се присетува во своите мемоари сценаристката Регина Јанушкевич. „Сталин рече дека ќе одлучи што да се прави кога ќе го погледне првиот дел од филмот. Меѓутоа, помина првиот, вториот, третиот дел од филмот и никој од раководството не стана. Сите го изгледаа филмот до крај“.

По проекцијата, Сталин молчеше. Потоа стана и патем само промрморе: „Не разбирам што има да се забранува тука?“ И излезе.

Скандалозно остварување  

После тоа филмот се појави во кината, каде што, како што можеше и да се очекува, стана хит, иако сепак беше дело од преодниот период, снимено во естетиката на немиот филм.

Вистина, во СССР многу гледачи не доаѓаа да го видат „Патот за животот“ поради неговата уметничка или идејна вредност, туку да слушнат затворски песни придружени со гитара и да проверат дали целиот филм навистина има звук. Станува збор за тоа што во тоа време во кината на СССР веќе можеа да се видат таканаречените „звучни собирни програми“ кои се состоеја од извадоци од театарски монолози, пропагандни говори и делови од музички претстави. Само што немаше звучни уметнички филмови.

Филмот беше прикажан во 107 земји низ светот, а во 1932 година Николај Ек беше прогласен за најдобар режисер според мислењето на публиката на меѓународниот фестивал во Венеција. Во Берлин филмот прво се прикажуваше два и пол месеци во едно од најдобрите кина, а потоа истовремено беше прикажан на 25 кино платна. Во Њујорк „Патот за животот“ се прикажуваше во едно кино цела година. Додека „демократски слободната“ Франција го дочека филмот на нож и го забрани.

На прашањето на режисерот за причината за забраната, францускиот цензор рече: „Доколку би сакал да исечам некои делови од филмот, би морал да ве советувам да го исечете... целиот филм, бидејќи не наоѓам ниедно место во него каде што не се зборува за комуна или комунизмот или каде што не се слуша Интернационалата“.

Меѓутоа, филмот сепак се прикажуваше во Франција, за волја на вистината, на затворени проекции организирани од Друштвото на пријателите на Нова Русија. Во францускиот печат беше пречекан со воодушевување, а во емигрантските весници со злонамерна хајка.