10 најзначајни советски филмови од 1940-тите

Кадар од филмот „Небесниот бавновоз“

Кадар од филмот „Небесниот бавновоз“

Семён Тимошенко/Ленфильм, 1945
Иако земјата вложуваше натчовечки напори да излезе како победник во најкрвавиот воен конфликт во историјата на човештвото, таа ниту за момент не забораваше на кинематографијата.

1. „Четири срца“ (Сердца четырех), 1941.

Во центарот на дејството на оваа лесна музичка комедија е приказната за строгиот доцент по математика Галина, нејзината сестра, несериозната студентка Шурочка, храбриот војник Петар и плашливиот научник, биологот Глеб. Ликовите постојано запаѓаат во смешни и апсурдни ситуации, но на крајот секој од нив сепак ја наоѓа својата среќа.

Филмот воопшто не им се допадна на властите, поради неговата „оддалеченост од реалноста“. Влезе во кино дистрибуција дури во 1944 година, кога на земјата ѝ беа потребни што повеќе весели филмови.

Публиката имаше поинакво мислење и „Четири срца“ сé уште е на листата на најомилени советски комедии.

2. „Свињарката и овчарот “ (Свинарка и пастух), 1941.

Еден од бисерите на советската кинематографија од 1940-тите зборува за љубовта на дагестанскиот овчар Мусаиб и свињарката Глаша од колхоз во Вологодската област. Тие се запознаваат на земјоделска изложба во Москва.

Поради војната што за Советскиот Сојуз започна на 22 јуни 1941 година, филмот не можеше да ја види светлината на денот, бидејќи машките актери беа мобилизирани на фронтот. Дури по лична наредба на Сталин набрзо беа вратени на снимање.

Во дистрибуција во кината низ светот влезе во 1944 година.

3. „Двајца борци“ (Два бойца), 1943.

Во центарот на дејството на филмот, кој е снимен за време на евакуацијата во Централна Азија, се наоѓа цврстото пријателство на двајца војници на Црвената армија кои го бранеле Ленинград од германските трупи. За филмот е напишана и песната „Темна ноќ“, која во изведба на актерот Марк Бернес стана култна во СССР.

Режисерот Леонид Луков зборуваше за своето дело вака: „Во филмот „Двајца борци“ не е најважно дејствието, ниту надворешните околности, туку луѓето во војната. Важно е сè, како се борат, како копнеат по дома, како сакаат преубава жена, фантазираат за иднината... Сакавме среде завивањето на мините и експлозиите на гранатите да ги слушнеме ударите на човечкото срце, да ги слушаме војничките мисли, од големото платно да проговориме со јазикот на обичните луѓе, да ги запееме нивните песни, да го покажеме она возвишено и искрено чувство на советскиот патриот што води до незаборавна победа над непријателот“.

4. „Свадба“ (Свадьба), 1944.

Филмот е снимен по повод четириесетгодишнината од смртта на Чехов. Се заснова на неколку дела на рускиот класик и ги открива карактерите на припадниците на средната класа во Русија пред револуцијата.

Во филмот се појавуваат многу впечатливи и самостојни ликови кои советските актери одлично ги одиграа. Случајот на Михаил Пуговкин говори за посветеноста со која пристапија кон работата на филмот. Неодамна отпуштен од војска поради ранување, актерот толку ревносно танцуваше во една сцена што конците на раната му испукаа, а чизмите му се наполнија со крв.

5. „Небесниот бавновоз“ (Небесный тихоход), 1945.

Главниот лик, мајорот Василиј Булочкин, откако ќе биде ранет се префрла од брз ловец на лесен ноќен бомбардер У-2. Згора на тоа, добива наредба да ја преземе командата со цела ескадрила такви „небесни бавновози“ управувани исклучиво од девојки.

За време на снимањето на филмот, веднаш по завршувањето на војната, беа користени вистински борбени авиони, а во улога на консултанти и дублери беа пилоти кои се вратија од фронтот. Сталин ја окарактеризира оваа комедија како „безидејна и празна“, меѓутоа, во Советскиот Сојуз филмот се здоби со статус на омилен меѓу народот.

6. „Иван Грозни“ (Иван Грозный), 1945, 1958.

Последниот филм на познатиот советски режисер Сергеј Ејзенштајн е посветен на првиот крунисан руски цар Иван IV Грозни. Снимен е во два дела. Првиот раскажува за неговата младост и почетокот на неговото владеење. Премиерно беше прикажан во 1945 година и ја доби Сталиновата награда.

Вториот дел, фокусиран на царевото гушење на болјарската опозиција и бруталните репресалии над неистомислениците, не му се допадна на „таткото на народот“. Препознавајќи во филмот паралели со неговата борба за власт во земјата, Сталин го отфрли филмот. На пошироката публика ѝ беше прикажан дури во 1958 година, неколку години по смртта на водачот.

7. „Пролет“ (Весна), 1947.

Главниот лик во „Пролет“, младата оперска уметница Вера Шатрова, се очекува да го снима својот прв филм во кој ќе се појави во улогата на Ирина Никитина, голем научник, раководител на Институтот за проучување на сонцето. Бидејќи Вера наликува на својата хероина, како да се близначки, двете жени запаѓаат во сосема неверојатни ситуации.

Двете главни улоги ги одигра советската филмска легенда Љубов Орлова. Бидејќи работата со специјални ефекти во советската кинематографија беше во зародиш, требаше да се вложи многу напор во ситуациите кога и двете хероини се во ист кадар.

Филмот „Пролет“ беше награден на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција за оригинално сценарио и режија.  

8. „Пепелашка“ (Золушка), 1947.

Во фокусот на приказната на советскиот филм заснован на истоимената бајка на францускиот писател Шарл Перо, се наоѓа една скромна и вредна девојка чиј живот го загорчуваат злобната маќеа и нејзините ќерки. На крај правдата победува, а вистинскиот Принц се вљубува во Пепелашка.

Главната улога ја одигра советската актерка со полско потекло Јанина Жејмо висока само 147 сантиметри. Актерката веќе имаше 37 години, а за да изгледа помлада снимаше само навечер, бидејќи наутро, како што самата кажуваше, лицето не ѝ изгледало адекватно.

9. „Приказна за вистински човек“ (Повесть о настоящем человеке), 1948.

Во филмот се зборува за пилотот Алексеј Мересјев, кој беше соборен во воздушна битка на крајот на март 1942 година, а потоа помина 17 дена пробивајќи се низ шума и снег до воените другари. Преживеа, но стапалата му беа ампутирани поради смрзнатини. Сепак, храбриот пилот не беше подготвен да се збогува со небото и повторно се обиде да седне зад командите на авион-ловец.

Филмот „Приказна за вистински човек“ е базиран на настани од животот на херојот на Советскиот Сојуз Алексеј Маресјев (разликата во презимињата на јунаците е само една буква) кој после сé што доживеа се врати во авијацијата и забележа дури седум победи во воздух.

10. „Кубански козаци“ (Кубанские казаки), 1949.

Премиерно прикажана во февруари 1950 година, оваа впечатлива музичка комедија зборува за социјалистички натпревар меѓу два колхоза на југот на СССР. Но, тоа не е сé, има и една пикантерија. Претседателите на колхозите Гордеј Ворон и Галина Пересветова имаат симпатии еден спрема друг.

Филмот е сниман во тешките, гладни повоени години, а неговите творци се обидоа на гледачите да им пренесат оптимизам и верба во иднината, прикажувајќи вистинско изобилство на големото платно. На Сталин многу му се допадна пристапот. „Сепак, кај нас работите не се лоши во однос на земјоделството“. Никита Хрушчов, кој дојде на власт после Сталин, ги осуди „Кубанските Козаци“ за нивното лакирање на реалноста, па затоа филмот не се прикажуваше повеќе од десет години.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња