ЕКСКЛУЗИВНО: Како се снимаше првиот играни филм во космосот

Култура
НИКОЛАЈ КОРНАЦКИ
Рускиот режисер Клим Шипенко заедно со актерката Јулија Пересиљд две недели мина на Меѓународната вселенска станица. За тоа зошто филмот „Предизвик“ се снимаше во орбитата и како изгледало тоа во интервју за Russia Beyond зборува самиот режисер.

Клим Шипенко на Земјата веќе го сними космосот – во трилерот „Салут-1“ (2017) според мотивите на реалната приказна за тоа како советските космонаути во 1985 година ја спасија истоимената орбитална станица. А, неколку години подоцна навистина полета во космосот! Заедно со актерката Јулија Пересиљд мина две недели на Меѓународната вселенска станица. Таму ги снимија клучните сцени за филмот „Предизвик“, првиот игран филм во светот снимен во космосот. Според заплетот на филмот, една обична жена-хирург без посебна обука е принудена да замине на Меѓународната вселенска станица за да му го спаси животот на еден космонаут.

- Би можело да се каже дека заплетот на филмот практично го повторува она што го доживеавте со Јулија: две лица со земски професии ненадејно летаат во космосот.

Клим Шипенко: Филмот беше и така осмислен. Буквално се роди од околностите. Додека за „Салут-7“ најпрво го напишавме сценариото, а потоа размислувавме каде да го снимиме, тука најпрво се појави можноста за летот, а потоа ја осмисливме приказната. Тргнавме од објективните можности што може да се сними на МВС, што може да се сними на подготовките за лет итн. Самата средина во голема мера го предодреди развојот на сижето, атмосферата, Направивме еден вид „cinéma vérité“ – го прикажавме вистинскиот космос, без разубавувања. Во филмовите за космосот што се снимаат во студио обично се трудиме нешто да разубавиме. А, „Предизвик“ покажува како тоа навистина изгледа

- Не се плашевте дека косата на Јулија Пересиљд која лебди во бестежинската состојба некако ќе ја наруши атмосферата на филмот? Имено, тоа изгледа смешно, а филмот е драма.

- Не размислувавме за тоа. Секако, ни беше познат овој ефект и во извесен момент за време на подготовките помислив: „А, што ни дава тоа?“ Па, не ни дава ништо, ако размислиме, освен ефект. А, ефектот е добар. Веднаш се гледа дека кај нас сѐ е реално. На Земјата тоа не може да се направи. Затоа во „Гравитација“ Сандра Булок има куса коса. И Ен Хетвех во филмот „Меѓуѕвездени“ има куса коса. Не постои друга причина, освен фактот дека инаку е практично невозможно да се прикаже долга коса во бестежинска состојба. А, ние го добивме тој ефект попатно.

- Дали е можно на Земјата без лет во вселената да се имитира таква слобода на движење каква што ја имаме во „Предизвик“? Во „Гравитација“ има помалку такви сцени, но филмот е снимен пред десет години и сигурно графиката оттогаш значително напреднала.

- „Гравитација“ е мојот омилен филм. Сметам дека е генијален. Но, за мене неговата едноставност не е во тоа како е снимен, но како е осмислен. Во техничката реализација гледам исти ограничувања со кои се соочив со „Салут-7“. Навистина, Алфонсо Куарон има поголем буџет, правеше подолги кадри, мошне добро е прикажана ситуацијата. Но, кога Сандра лета во самата станица, секако дека се гледа оти е прикачена за сајли. Обрнете внимание како таа ниту еднаш не се врти околу својата оска, едноставно зашто сајлата ѝ е прицврстена за грбот и не може да се сврти.

Во „Салут-7“ се обидовме да го направиме она што го немаше во „Гравитација“. На пример, ја вртевме сценографијата на станицата вертикално и ги спуштавме глумците – Володја Вдовиченков и Паша Дервјанко – на сајли со цел да се создаде впечаток дека летаат низ влезот на станицата. Во „Гравитација“ кај таквите сцени се гледа дека е тоа нацртано и дека Сандра е снимана во хоризонтална положба. Гледате како таа цело време лета со стомакот надолу. Ние дури имаме и кадри со салто во бестежинска состојба. Успеавме да го изведеме тоа зашто поинаку ги прицврстивме сајлите. Но, сепак, имавме куп ограничувања кои не успеавме да ги надминеме.

Единствен начин на Земјата да се постигне таква слобода на движење во бестежинската состојба каква што има Јулија во „Предизвик“, е тоа таа во целост да се нацрта. Како што е направенo. во споменатата „Гравитација“ во сцените на отворен космос. А, сето останато е графика. Но, да се нацрта сето тоа е исклучително комплицирано и исклучително скапо. Доколку се направи толку бестежински простор колку што е можно на Земјата, исто така не би било поевтино. Засега, за волја на вистината, немам видено такви филмови.

Реалистични филмови со бестежинска состојба всушност нема многу. Не би можеле да наброиме ниту десетина такви. Мислите дека другите режисери не сакаат да снимаат во космосот? Сакаат, но едноставно ги знаат ограничувањата.

- На Меѓународната вселенска станица и камерата ја изгуби тежината. Дали тоа ви ја олесни или ви ја комплицираше работата?

- И ми ја олесни и ми ја искомплицира истовремено. Сакав камерата исто така да лебди во бестежинска состојба со цел гледачот да добие впечаток дека и тој лебди. Меѓутоа, штом камерата ќе почне да се движи, се појавува прашањето за фокусот што исто така треба да го нагодувам. Беше мошне тешко да се синхронизираат движењата (во едната рака камерата, во другата нагодувањето на фокусот). Оваа вештина, за жал, не може да се вежба на Земјата. Морав да вежбам на МВС. На почетокот се мачев, но постепено сѐ подобро ми одеше од рака.

- Дали на почетокот имавте намера толку интензивно да ја користите „природната“ светлина што допира низ прозорците?

- Знаевме дека Меѓународната вселенска станица за еден ден 16 пати ја обиколува планетата и дека 16 пати може да се виде изгрејсонцето и зајдисонцето. Но, немавме поим како ќе изгледа светлината што минува низ прозорците. На Земјата не постои таков симулатор кој би можел тоа да ни го покаже. Затоа моравме да се снаоѓаме на лице место. Сакав да снимам за кино, во вистинска смисла на игран филм, со самото тоа морав да имам и „уметничко“ осветлување, кое би давало уверливост на приказната. Затоа се трудев да избирам осветлување: во една сцена тоа е релен залез, во друга изгрејсонце, во трета е мрак, а во четврта сонце. Човек се навикнува на тоа дека на секој половина час сѐ се менува и може да планира што и кога да снима.

- Освен Јулија, во филмот играат и вистински космонаути – Антон Шкаплеров, Олег Новицки и Пјотр Дубров. Им беше ли проблем да влезат во своите улоги? Или работата со непрофесионални актери беше уште еден предизвик?

- Космонаутите се глумеа себеси во дадени околности, но тоа сепак не е лесно. Им беше потребно време за да се опуштат, да најдат природен начин на однесување во кадарот. Зашто космонаутите не се обучени за тоа. Нив ги учат како да снимат телевизиска репортажа. Тоа значи да застанат пред камера и да го изговорат текстот што им се појавува на екранот. А, да глумат во филм е сосема друга работа. Претходно веќе имав снимано со непрофесионални актери и знам како се работи со нив, што треба да им се каже. Многу вежбавме на Земјата, вежбавме и на МВС. Ми се чини дека ни успеа.

Искрено кажано, во овој проект сѐ беше предизвик. Немаше ништо што можевме да направиме со леснотија. На пример, јас за „Салут-7“ веќе го снимав Центарот за контрола на летови и тоа ми беше познато, но намерно сакав да го снимам на поинаков начин за да не се повторувам.

- Во соопштенијата за медиумите пишува дека на Меѓународната вселенска станица е снимен материјал во должина од 78 часа и 21 минута. Што влегува тука, освен дубловите?

- Според мене, сепак на МВС снимив помалку – околу 30 часа материјал. Тоа беа дублови, снимки од МВС, снимки од Земјата... Снимав сѐ – сите детали, сите нијанси. И снимав сѐ што можев, сѐ за што имав време. Сѐ што ни нудеше космосот. Јас и Јулија дадовме 150-180 отсто од својата сила, дури и повеќе одошто очекував. Не се случи да се вратам на Земјата и одеднаш да се сетам: „Штета што пропуштив да го снимам тоа!“

- А, дали бевте во искушение да снимите сцени во отворениот космос?

- Имавме таква желба. Но, ни рекоа: „Тоа е можно, но потребни ви се уште шест месеци подготовки“. Искрено, таквото излегување во космосот ќе беше само колку да кажеме дека тоа сме го направиле. Ништо ефектно не би снимиле. Кадрите од гледна точка на космонаути се веќе снимени. Тие можат да се видат на секој пренос на излегување во вселената. А, да се сними глумец во отворен космос е неверојатно тешко, и тешко е да се предвиди каков резултат би се добил од уметничка гледна точка. Затоа решивме да не го правиме тоа за само да се пофалиме и поради тоа да не го одложуваме летот.

- Што мислите, како филмот „Предизвик“ ќе влијае на Вашата и на кариерата на Јулија? А, и на филмската индустрија во целина?

- Кога станува збор за наште кариери, не би знаел. А, во целина се надевам дека нашиот филм ќе придонесе за популаризација на космосот. Тоа и беше една од нашите цели од самиот почеток: да направиме широката јавност да види дека летот во космосот е нешто реално. Сакавме уште повеќе луѓе својот живот да го посветат на космонаутиката. Ми се чини дека во определена мета оваа цел веќе ја постигнавме. Мене лично многумина пријатели веќе ми имаат напишано во стилот: „Син ми го гледаше 'Предизвик' и сега сака да биде космонаут“.