Првиот игран филм снимен во космосот

Клим Шипенко/„Роскосмос“, Первый канал, 2023.
Космонаутите и астронаутите одамна станаа аматерски сниматели. Сите имаат видено илјадници фотографии и видеоснимки од космосот. Но, дури сега се појави првиот игран филм со вистински „космички“ свени. Се очекува дека „Предизвик“ ќе има рекордна заработувачка од прикажувањата по кината.

Режисерот Клим Шипенко (кој воедно беше и снимател и светломан) и глумицата Јулија Пересиљд (таа воедно беше и шминкер) специјално за филмот „Предизвик“ полетаа во космосот и навистина минаа неполни две недели на Меѓународната вселенска станица, снимајќи ги клучните сцени. Според сценариото, една обична жена, по професија хирург, но без особено искуство, е принудена да замине на Меѓународната вселенска станица (МКС) за да му го спаси животот на еден космонаут.

Дали навистина имаше смисла да се лета толку далеку? И претходно се снимаа филмови за космосот, но на Земја. И воопшто не беа лоши.

Летот во космосот е скапо задоволство

Секој режисер ќе ви потврди дека во услови каде што дејствува гравитацијата е крајно тешко да се прикаже бестежинската состојба. Но, не е невозможно. Доволно е да се спомене класичниот филм на советската фантастика „Преку трње до ѕвездите“ (1980) кој своевремено беше вистински хит. Во него една космичка сцена е снимена во базен полн со вода, а космонаутите ги играа нуркачи во футуристички костими. Главниот недостаток на овој метод се неизбежните меури од воздухот од опремата за нуркање. Но, и тука е најдено решение – актерите ги снимаа „наопаку“, тако што меурите се спуштаа, што не паѓаше толку во очи.

Фимлаџиите, секако, многу почесто се обраќаат на вистинските астронаути, а не на нуркачи. За пробите во бестежинска состојба се користат специјални авиони. Авионот најпрво нагло се искачува нагоре, а потоа нагло се спушта, па така внатре настанува нулта гравитација. Но таа трае само 25-30 секунди, не повеќе. Затоа творците на филмот „Аполон 13“ (1995) мораа да изведат 612 летови за да снимат четири часа материјал.

Поевтина (но и поедноставна) варијанта е актерите да висат со помош на сложен систем од сајли и справи за закачување кои потоа се бришат во постпродукција. Така, меѓу другото, е снимена и прочуената „Гравитација“ (2013).

На овој начин е мошне тешко да се постигне ефект на целосна автентичност. Потребно е долго тренирање додека актерите научат да направат добар баланс и спонтани движења. Но, што и да се преземе, тој никогаш не може целосно слободно да се движи во кадарот. Астронаутите на филм обично прават неколку скока, а потоа наоѓаат потпора и повеќе не се движат.

Поради законот на физиката аголот на снимање е крајно ограничен. Снимателот нема многу варијанти кога го снима актерот закачен на сајли. Фронтално може, но озгора или од страна е веќе проблем. Во таквите сцени е особено комплицирана монтажата во еден кадар, односно континуираното движење на аголот на снимање без монтажни резови. Пред „Предизвик“ такво нешто постигна само Куарон во „Гртавитација“.

Сите овие ограничувања не важеа за авторите на „Предизвик“. На МКС е одработени 12 полни сцени, снимени се 78 часа и 21 минута материјал. Во филмот на крајот влегоа нешто повеќе од еден час и за тоа време ја гледаме Јулија Пересиљд од незамисливи агли, дури и нејзиното летање низ орбиталната станица без никакви резови. Таа се движи слободно лебдејќи, исто како и снимателот. Ваквата кореографија и ваквото чувство на реалност веројатно нема ниту еден космички филм.

А, не може да се каже дека сето тоа беше драстично поскапо од „обичните“ филмови каде дејствието се одвива во бестежинска состојба. Декларираниот буџет на „Предизвик“ е помал од една милијарда рубли (околу 12 милиони долари).

Коса во космосот

Непослушната коса во ова време на CGI графика претставува огромен проблем. Дури и перфекционистот Кристофер Нолан направи пропуст со косата. Еден од малобројните технички превиди во неговиот филм „Почеток“ (Inception) може да се види во сцените со нулта гравитација, кога јунакот што го глуми Џозеф Горднон Левит оди по ѕидовите поефикасно од Спајдермен, но косата му „мирува“.

Но, добро, Гордон Левит има куса коса, па уште е и стилизирана со брилијантин. Многу е потешка задачата веродостојно да се прикаже коса што лебди во бестежинска состојба. Поради тоа девојките астронаути во филмовите се кусо потстрижени, како момчиња, или ја собираат косата во цврста пунџа.

Во „Предизвик овој проблем го решава космосот. Не се потребни никакви визуелни ефекти, косата на актерката „го живее својот живот“ и остава фантастичен впечаток на веродостојност.

Звучи необично, но во космосот е решен уште еден традиционален „космички“ проблем. Малку е комично кога сета таа коса ќе се крене и „не слуша“, а филмовите во космосот се во поголемиот дел драматични, така што еден непотребен гег може да ја убие секоја напнатост. Меѓутоа космичката фризура на Јулија Пересиљд толку органски се вклопува во амбиентот што брзо се навикнуваме на неа и не чувствуваме никаков жанровски несклад. Напротив, чувството на веродостојност само придонесува за поголемата напнатост.

Светлината на далечните планети

„Предизвик“ прикажува дека погрешно го замислуваме космосот. Веќе ми е познато како изгледа Земјата од МКС, зашто тоа се прикажува и на вестите на телевизија, и во документарните филмови. Меѓутоа, излегува дека вселенската станица изгледа малку поинаку кога се снима со професионална РЕД камера, и кога тоа го прави професионален снимател, а Шипенко има студирано режија и камера во Калифорнија. Таа и понатаму, секако, е фантастична и неверојатно убава, но сепак во неа нема толку висока технологија и футуризам како што можете да си замислите. Повеќе е прилагодена на секојдневниот живот и не е толку изабена како што се прикажува во филмовите од типот на „Армагедон“.

Исто така излегува дека погрешно ги замислуваме боите и светлината во космосот. Шипенко во орбитата за осветлување користеше три ЛЕД-панели, но светлината која допира низ прозорците на МКС постојано се менува и внесува нов колорит во сцените, па на лицето на Јулија постојано се преливаат бои – час црвена, час сина, час зелена. Ваквите естетски „грешки“ не може да се испланираат на Земја.

Денес, кога на компјутер може да се нацрта сѐ што човек ќе посака, светската кинематографија се враќа на ракотворните ефекти, што е своевиден парадокс. Највпечатлив пример е филмот на Кристофер Нолан „Опенхајмер“ (Oppenheimer) кој се очекува, каде дури и нуклеарната експлозија се имитира без користење графика. „Предизвик“ го следи овој тренд, зашто практичниот ефект во кадарот е многу подобар од компјутерскиот. Во филмот, секако, има и компјутерски ефекти, на пример во сцената на излегување во отворен космос. Авторите очигледно се надевале дека оваа сцена ќе ја снимат во живо, но изгледа морале тоа да го остават за некоја друга пригода.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња