Чудни обичаи на малите народи на Русија поврзани со љубовта и сексот

Kira Lisitskaya (Photo: Finnish Heritage Agency; National Library of Norway; Kunstkamera)
Многу од нив може да се најдат само во научните студии на етнографите. А некои се едноставно шокантни.

Во секојдневието на некои мали народи во Русија сé до дваесеттиот век се зачувале остатоци од локалните магиски култови.

Размена на сопругите кај Чукчите

Чукчи

Чукчите го нарекувале овој обичај „невтумгит“, а етнолозите го преведоа како „другарство во врска со сопругите“. Мажите склучувале договор според кој секој од нив имал право на жената на оној другиот, а во таков сојуз можеле да влезат и повеќе од десет парови. Секој маж можел да ја земе жената на својот пријател на неколку месеци и потоа да ја врати. Но, имало и случаи нечија сопруга засекогаш да остане кај друг маж. Децата од таквите бракови се сметале за заеднички, а мажите за родени браќа. Притоа таквите односи биле забранети меѓу крвни роднини сé до трето колено.

Жена од народот Чукчи, 1878 - 1880.

Во дневниот весник „Поларна ѕвезда“ од 1924 година е објавен материјал од експедицијата на Чукотка на истражувачот Куликов, во кој во едно од интервјуата се покажало дека жените позитивно се однесувале кон тој обичај. „Секогаш е поубаво да се возите во запрега со елени полни со сила“, му рекла на етнографот една од селанките со смеа на останатите присутни. Освен пријателски брак, за кој важеле сите правила како и за првиот, Чукчата можел да му ја понуди на гостинот и својата жена и сам да излезе од куќата некое време.

Овој обичај се појавил поради суровите услови на животот на крајниот Север, групниот брак донекаде гарантирал потомство и генетска разновидност, зголемувајќи ја на тој начин можноста за опстанок на народот. Освен тоа, во случај на смрт на хранителот, неговата сопруга и децата не останувале сами, а децата ги сметале за свои во повеќе семејства.

Ханти: миженка на тештата и зетот

Ханти, 1916.

Овој обичај е познат и како „криење“ или „избегнување“ и го почитувала не само тештата пред зетот, туку и невестата пред постарите мажи, роднини на младоженецот. Кога една девојка ја проселе, таа јавно се појавувала со шамија и покриено лице, а почитувала и неколку необични работи. Во присуство на постари мажи во семејството таа секогаш била обуена, а во присуство на таткото и дедото на идниот сопруг го „криеала гласот“, односно зборувала само со шепот. И тештата го „избегнувала зетот“, притоа тоа можело да добие крајно неочекувани облици. Советската етнографка Зоја Соколова опишала случај во кој тештата, бидејќи немала шамија глава, главата ја покрила со крајот на здолништето, без оглед на тоа што не носела долна облека.

Родилка од народот Ханти во чум (шатор) подигнат специјално за породувањето и првите денови од животот на детето.

Неизбежното покривање на главата се објаснува со фактот дека Хантите веруваат дека во главата на жената се наоѓа една од нејзините четири души кои треба да бидат покриени. Останатите три биле во рамената, стомакот и нозете. А доењето бебе на јавно место се одобрувало, бидејќи градите се перципирале како орган кој придонесува за репродукцијата.

Лемби, магиски ритуал кај Карелите

Беломорска Карелија, 1915.

Порано кај Карелите постоел пагански култ на „лемби“, но подоцна овој збор се користел и во значење на женска привлечност, чесност и убавина. Според верувањата, „лемби“ можел да се пренесе на други жени, па така во свадбеното капење на невестата учествувале и нејзините другарки и сестрите. Ја користеле истата вода и се капеле на пареа со истата метличка како и невестата, а потоа во косата ѝ ги вплетувале своите ленти. На тој начин дел од шармот на невестата преоѓал врз нив.  

Овој традиционален магиски ритуал постоел кај Карелите сé до почетокот на ХХ век. За да се зацврсти љубовта меѓу сопружниците, на младоженецот му се послужувала пита, за која тестото се замесувало во водата или млекото со кое се миела невестата во свадбеното или во капењето по свадбата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња