„Пријатели по жените“: Зошто Чукчите практикувале размена на жените

Библиотека на Конгресот
Денес овој брачен обичај се доживува како разврат, но малите народи, конкретно Чукчите, автохтон народ на Чукотка, во него согледувале некои добри страни.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Чукчите се автохтон народ од Крајниот Север. Живеат според законите на левиратот. Според овој брачен обичај, доколку семејството остане без хранител за него треба да се грижи братот или друг најблизок роднина. Тој е должен да се ожени со вдовицата и да ги посвои нејзините деца.

Но, тоа е само еден детаљ од брачните обичаи. Овој народ долго сметал дека групниот брак е сосема нормална појава. Тоа е кога оженет маж ја разменува својата сопруга со блиските пријатели или со далечни роднини.

Како изгледа групниот брак?

Чукчите тоа го нарекуваат „пријателство по жената“ или „невтумгит“. Мажите помеѓу себе склопувале договор за пријателство со кој секому од нив му се давало право на жената на својот пријател. Договорот се склопувал на ист начин како и ритуалниот брак, односно „мачкање“ со крв и принесување жртва.

Во групниот брак можеле да учествуваат и повеќе двојки. Главните услови биле посебно домаќинство (односно, пријателите морале да имаат номадско престојувалиште на различни места), отсуство на сродство и приближна возраст. Родени браќа не можеле да учествуваат во тоа, како ни луѓе од различни генерации.

Чукчи пред своето живеалиште, 1901 година.

Жените се разменувале релативно ретко. Тоа се случувало кога „пријателот по жена“ ќе одел на гости кај својот другар во неговото номадско престојувалиште. Тогаш ќе одвел неговата жена, а нему ќе му ја оставел својата. Со жената на својот пријател потоа живеел неколку месеци и најчесто ја враќал на мажот (иако постојат случаи и кога трајно ја задржувал). Сите членови на ова големо колективно „семејство“ мешусебно се третирале како рамноправни роднини и подеднакво одговарале едни за други, а сите деца родени во „пријателство по жената“ се доживувале како сопствени браќа и сестри кои не можеле да стапуваат во интимни односи. Освоен им бил само имотот, и децата од групниот брак не можеле да претендираат на него. „Пријателите по жената“ немале никаков заеднички имот.

Чукчите долго, сѐ до средината на 20 век, сметале дека овој брачен обичај има свои предности.

Опстанок пред сѐ

Опстанокот и продолжувањето на родот е главната задача на номадските заедници. Чукчите биле принудени да опстануваат во мошне сурови услови. Им било полесно да се држат во големи групи зашто големиот број членови на проширеното семејство ги зголемувал шансите за опстанок, па затоа на слабите или сиромашни семејства им одговарало да им се придружуваат на своите имашни соплеменици. А, раѓањето на секое дете во тундрата на Чукотка го доживувале како голема среќа и не им било толку важно кои се биолошките родители. Сите тие заедно воделе сметка за децата, како во првобитните заедници.

Размена на стока и ширење контакти

Рускиот етнограф Константин Куксин истакнува дека ваквото „побратимување“ било поволнo и кога станува збор за размената на стока во северните климатски услови. Колективниот брак гледале да склопат претставници на различни „професии“ – морски риболовци, одгледувачи на ирваси итн. Ваквото семејство претставувале силен и независен конгломерат.

Етнографите гледале како Чукчите ја нудат својата жена на странец на една ноќ во замена за определени работи (како тутун или женски украси), или едноставно како знак на пријателство. И сите го вртеле вниманието на фактот дека жената немала ништо против. Во списанието „Поларна ѕвезда“ за 1924 година во неколку броеви се печатени описи на животот на автохтоното население на Чукотка, каде е прикажан обичајот „невтумгит“: „Кај нив сфаќањето на семејните врски е мошне едноставно. Чукчата, на пример, на драг гостин му ја нуди својата жена, и оди да се прошета покрај брегот за тоа време. Немаат тие сопственички однос кон жената или мажот“.

Замена за левират

Во односите „невтумгит“ тежнееле да стапат пред сѐ мажи кои немале помлади сродници по машка линија, зашто ако ним нешто им се случи, нивните жени и деца остануваат без покровител или хранител. Во таа смисла невтумгитот бил замена за институцијата леврит. Кога стапуваат во такви односи, сигурни се дека жената во секој случај нема да остане сама со децата среде туднрата.

Брак без деца

Чукотка, 1968 година.

Крупна причина за групен брак имала брачна двојка без свои деца. Доколку мажот е оној што не може да има деца, тогаш жената во групниот брак има шанси да остане бремена.

„Антакуовото семејство долго немаше деца. Тогаш тие стапија во однос на невтумгит со Анатоионовото семејство. Во таа заедница им се роди син, а потоа самиот Антаку доби уште две деца. Кога кај Анатолин би дошол кој било син на Антаку, тој го пречекуваше како сопствено дете и беше подготвен да му ја даде секоја работа која ќе му се допадне на детето. Доколку од таквата заедница не се родеше ниту едно дете, тогаш немаше да има роднински врски меѓу овие семејства“, пишуваат истражувачите за еден случај во селото Ваега во Анадирскиот крај.

Здрав генетски фонд

Чукотско семејство пред својата „јаранга“ (традиционално престојувалиште на одгледувачите на ирваси), 1987 година.

На малите заедници и од гледна точка на генетиката им се исплатувало создавање голем број нови комбинации. Во спротивно номадските народи, принудени да живеат во изолација од остатокот од светот, можат да страдаат од генетски проблеми. За да се избегне тоа, првобитните заедници со таквото мешање интуитивно обезбедувале поголема разновидност. Колку поразновидни се двојките, поголема е шансата потомството да им биде здраво и силно. Од таа причина Чукчите и на туѓинците со задоволство им нуделе со нив да ги „менуваат жените“.

Кога згаснал обичајот?

Уште кон крајот на 19 век групниот брак го практикувале голем број чукотски семејства, а веќе кон средината на 20 век овој вид заедница практично згаснала. Главната причина била во тоа што Чукчите го отфрлиле номадскиот начин на живот, а свој придонес дала и глобализацијата, како и развојот на народните занаети. Многу предности што порано ги нудел овој брачен обичај ја изгубиле смислата. На пример, одгледувањето ирваси на Крајниот Север се развивало мошне поинтензивно од морскиот риболов, така што размената на жени со двојки кои се занимавале со риболов повеќе не била исплатлива.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња