Како советските лингвисти создаваа писмо за автохтоните народи на Крајниот Север

Мали Чукчи на училиште

Мали Чукчи на училиште

П. Новицки
Во најоддалечените региони на Русија живеат говорници на ретки јазици кои пред револуцијата немаа свое писмо. Дури во советско време Ненците, Хантите, Корјаците, Чукчите и многу други добија своја азбука.

На Крајниот север на Русија живеат повеќе од 40 мали автохтони народи. На огромни пространства во различни делови на земјата може да се слушне неверојатна разновидност на јазици кои не наликуваат еден на друг. И повеќето од нив пред еден век немаа свое писмо.

Искоренување на неписменоста

Фотографија од книгата „Илустрирана историја на СССР“

Русија отсекогаш била мултинационална и повеќејазична земја, но дури по револуцијата во 1917 година општото образование стана достапно за сите нејзини жители. На почетокот на ХХ век само 20-30% од населението на Русија знаеше да чита и пишува, со тоа што во Сибир и на рускиот Далечен Исток тој процент беше многу помал.

Според декретот „За ликвидација на неписменоста во РСФСР“ од 1919 година, целото население на земјата имаше обврска да учи да чита и пишува. Беше можно да се избере како рускиот, така и другиот, мајчиниот јазик. Многу историчари истакнуваат дека политиката на „коренизација“ им била потребна на новите власти за да ја добијат поддршката и од другите народи, не само од рускиот. Беа издадени учебници (и за возрасни) на 40 различни јазици, вклучувајќи ги чувашкиот, татарскиот и узбечкиот.

Мали Ескими на училиште, Сибир.

Сето тоа ги поттикна научниците да ги проучуваат ретките јазици на народите на Русија, од кои многумина немаа своја азбука. Обиди за создавање писма беа преземани и во XIX век, но само систематскиот пристап на советските научници вроди со плод.

Единствена северна азбука

Првите буквари за селкупските првачиња на мајчин јазик. Селкупите се северен народ во Западен Сибир.

Во текот на 1920-тите, советските научници издвоија 26 мали автохтони народи на Северот чија вкупна бројност едвај надминуваше 135.000 жители. Тие главно беа одгледувачи на ирваси и ловци на морски животни. Припаѓаа на различни јазични семејства, кои освен тоа беа поделени на мноштво дијалекти и говори.

Еден од проектите за единствено северно писмо, засновано на латиница.

За да се реши оваа сложена лингвистичка задача, беше ангажиран Северниот факултет, основан 1926 година при Институтот за ориенталистика во Ленинград (од 1930 година Институт на народите на Северот). Во 1929 година стручњаците од овој институт ја создадоа Единствената северна азбука. Првично беше создадена врз основа на латиницата со дополнителни букви и дијакритични знаци и се користеше за 16 јазици на народите на Северот (самски, ненецки, селкупски, мансиски, хантиски, евенкиски, евенски, нанајски, удегејски, ителменски, чукотски, корјачки, ескимски, алеутски, кетски и нившки). Не сите азбуки, се разбира, имаа ист број на букви и знаци. Најпопуларниот дијалект беше третиран како „книжевен“, но учебниците беа составувани врз основа на сите дијалекти.

Векторот на јазичната политика беше променет во средината на 1930-тите, кога сите азбуки беа префрлени на кирилица (подетално за тоа тука), а во училиштата вниманието првенствено беше посветено на изучувањето на официјалниот државен јазик.

Девојчиња одат на училиште на Чукотка.

Поради тоа многу автохтони јазици не беа ни префрлени на кирилица, а потоа автохтоните азбуки беа целосно отстранети од образовната програма и на тие јазици повеќе не се издаваа книги и весници. Покрај тоа, во текот на 1960-тите, на Северот започна интензивна експлоатација на наоѓалиштата на гас, па во оваа област се сјатуваа стручњаци од сите републики, така што рускиот стана дежурен јазик за комуникација. Сепак, сè уште се користеа одредени „северни“ зборови. На пример, зборот „парка“ (јакна) на руски јазик доаѓа од неначкиот.

Интересот на научниците за северните јазици повторно се актуелизира дури во текот на 1970-тите и 1980-тите. Тогаш лингвистите почнаа да организираат научни експедиции на подрачјата каде што живеат северните народи.

Раководителот на првата советско-американска експедиција „Берингов мост“ Дмитриј Шпаро (десно) во училиштето во чукотското село Конергино во Магаданската област.

Така, во 1988 година тофаларскиот јазик доби официјално писмо, во текот на 1990-тите алеутскиот, а во 2003 година чулимскиот (токму на тој јазик пее популарната етно-група ОТУКЕН).

Како денес се изучуваат северните јазици?

Ученици на В. Г. Антипина на час по евенски јазик.

Современите лингвисти издвојуваат околу 40 мали автохтони народи на Сибир и на рускиот Далечен Исток, но факт е дека мал број припадници на тие народи го знаат својот јазик. На пример, мајчиниот јазик го знае секој втор Ненец (вкупно има 50.000 Ненци), а кај народот Кети, од вкупно 1.100 претставници, има само 150 такви луѓе, додека од 300 претставници на народот Ороки (или Уљта), само 50 луѓе го знаат јазикот на своите предци. Само 3 луѓе течно го зборуваат тофаларскиот јазик! Исто така, треба да се има предвид и тоа дека говорителите на автохтоните јазици се сé постари. Лингвистите истакнуваат дека има многу билингвалини претставници на северните народи.

1 јуни 1977 година. Студентки од трета година на Факултетот за народите на Крајниот Север на предавања.

Во училиштата во кои одат децата на северните народи од крајот на 1980-тите повторно се предаваат автохтоните јазици, за волја на вистината, само во почетните одделенија или како факултативни предмети. Во некои региони постојат јазични курсеви и за возрасни, и во училници, и онлајн.

Во живеалиште на Чукчи, одгледувач на ирваси во селото Канчалан, Чукотски автономен округ.

Денеска остана само еден северен народ кој нема свое писмо. Тоа се Енците на Тајмир. Има само 300 Енци (а енецки зборуваат 40 луѓе). Од 2018 година лингвистите на Сибирскиот федерален универзитет во Краснојарск работат на создавање официјално писмо за енецкиот јазик.

Училиште. Село Џаргалах. Евено-Битантајски реон, Република Саха (Јакутија).

Северните јазици се изучуваат и на Томскиот педагошки институт и на Московскиот државен универзитет (МГУ). Наставниот кадар за исклучително ретките северни јазици се школува на Институтот на народите на Северот. Само таму е можно да се научат ителменски, долгански, орочки и други јазици чии говорници живеат во најоддалечените населби на Русија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња