10 факти за балетот „Лебедово езеро“

Малите лебеди на сцената на балетот „Лебедово езеро“ на Петар Илич Чајковски во кореографија на Мариус Петипа.

Малите лебеди на сцената на балетот „Лебедово езеро“ на Петар Илич Чајковски во кореографија на Мариус Петипа.

Алексеј Даничев/Sputnik
Ова дело стана култно во светот. Веројатно е прикажувано во секој театар на секој континент. Сите изведби имаа различна кореографија, но секогаш ја имаше истата музика на Петар Илич Чајковски и истото ривалство меѓу Одета и Одилија.

1. Прв балет на Петар Илич Чајковски

„Лебедово езеро“ на сцената на Новосибирскиот балетски театар, 2019.

Ова дело е едно од најчесто поставуваните балети на сцените во светот. Претставите се разликуваат по кореографијата, но музиката на Петар Илич Чајковски е секогаш иста. Ја компонирал 1876 година како своевиден калеидоскоп на разни мелодии, танци и фолклорни мотиви.

Портрет на П. И. Чајковски

Чајковски компонирал три балети, а „Лебедово езеро“ му бил првиот. Другите два се исто толку легендарни: „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“.

2. Ја надраснува домашната сцена

Балетскиот уметник Сергеј Шабруков како лошиот волшебник Ротбарт, фрагмент од балетот „Лебедово езеро“ на сцената на Марискиот театар на опера и балет, 2022 година.

Идејата за „Лебедово езеро“ произлегла од домашна аматерска претстава што била инсценирана во кругот на семејството на Петр Илич. Чајковски бил и режисер и кореограф, неговите сестри ги играле лебедиците, а неговиот брат го играл принцот.

Бајката за лебедиците е смислена специјално за овој балет, иако содржи несомнени реминисценции на фолклорот и бајките на браќата Грим, меѓу другото. Се смета дека Чајковски учествувал и во изработката на либретото, додека главен автор бил драматургот Владимир Бегичев, управник на императорските московски театри.

3. Првата претстава доживува неуспех

Видео-мапирање на тема на балетот „Лебедово езеро“ на зградата на театарот „Болшој“ во Москва, 2015.

Премиерата на балетот е одржана на 4 март 1877 година на сцената на московскиот театар „Болшој“. Првата верзија на кореографијата му припаѓа на Вацлав Рајзингер. Меѓутоа, московската публика не била воодушевена од балетот, сметајќи дека дејствието и смислата не биле доволно длабоки. Додуша, музиката на Чајковски била оценета како добро решение, но претставата во целина доживува неуспех и набрзо нејзината изведба е прекината.

4. Балетот станува култно дело дури по смртта на Чајковски

Пјерина Лењани во главната улога во кореографија и режија на Мариус Петипа

Балетот добива уште една шанса во 1895 година, две години по смртта на Чајковски. Овој пат е поставен на сцената на петербуршкиот Мариински театар.

Претстават, во кореографија на балет-мајсторот Мариус Петипа станува култна. Денес неговата кореографија се смета за канонска. Со таа претстава се доведува во врска и подемот на рускиот балет и неговото прераснување во вистински национален бренд што многу луѓе денес го познаваат и сакаат.

5. Централно место зазема судирот меѓу доброто и злото

Татјана Навка и Маргарита Дробјазко како Одета и Одилија во балет на мраз.

Во основата на дејствието е конфронтацијата помеѓу добрите и злите сили. Злобниот волшебник ја претворил убавата девојка Одета во лебедица бидејќи не сакала да се омажи за него. Принцот Зигфрид ја запознава прекрасната лебедица, во која е претворена Одета, и таа му кажува што ѝ се случило и дека само љубовта може да ја отстрани магијата фрлена врз неа. Принцот ѝ се колне дека ја сака и ѝ ветува дека ќе ја одмазди. Но, злобниот волшебник ја испраќа на балот кај Зигфрид Одилија, мрачната двојничка на Одета.

Итару Нада во улогата на принцот Зигфрид и Кристана Михајлова во улогата на Одилија на сцената на Рускиот академски младински театар, 2022.

Принцот не ја забележува местенката и ја претставува Одилија како своја невеста и со самото тоа го прекршува ветувањето. Врз замокот се спушта мрак и тој сфаќа дека е измамен, брза кон езерото, таму се бори против стихиите што ги праќа волшебникот и конечно ја ослободува Одета од лошата магија.

Наталија Огнева во улогата на Одета и Артјом Хорошилов во улогата на принцот Зигфрид на сцената на Државниот кремљовски дворец, 2019.

Често истата балерина во претставите ги игра и Одета и Одилија, со тоа што во улогата на втората таа носи црн костим.

6. Три децении главна лебедица беше Маја Плисецкаја

Маја Плисецкаја во балетот „Лебедово езеро“, 1960-тите

Една од најпознатите изведувачи на главната улога беше легендарната балерина Маја Плисецкаја. Таа играше во „Лебедово езеро“ 30 (!!!) години, во најмалку 800 изведби од 1947 до 1977 година. Се смета дека во оваа улога сè уште никој не ја надминал генијалната балерина која поседуваше неверојатна пластичност.

Фидел Кастро и Маја Плисецкаја по претставата „Лебедово езеро“ во театарот „Болшој“, 1963.

Одета и Одилија во изведба на Плисецкаја ги гледаа Сталин и Хрушчов. Многу странски гости беа задолжително носени на рускиот балет со кој се гордееше целата нација.

7. Танцот на малите лебеди станува најпознатата балетска нумера на светот

Дури и ако никогаш не сте го гледале „Лебедово езеро“, сигурно сте ја слушнале мелодијата на овој танц и сте виделе фрагменти од него. Тој танц, во кореографија на Мариус Петипа, стана еден вид визит-карта на рускиот балет.

Популарноста на овој танц е потврдена и со многубројни пародии.

8. Новата верзија во СССР ја прави Јуриј Григорович

Светлана Захарова и Денис Родкин во театарот „Болшој“.

Денес, „водечката“ верзија на балетот се изведува на сцената на театарот „Болшој“, најпознатиот театар во Русија. Автор е советскиот кореограф и режисер Јуриј Григорович. Тој користеше фрагменти од класичната драма на Петипа, додавајќи свое видување на дејствието.

„Лебедово езеро“ 1980-тите.

Григорович сакаше да ја репродуцира првобитната идеја на Чајковски според која балетот има трагичен крај, но советската сцена бараше среќен крај и победа на доброто над злото. Премиерата се одржа во 1969 година. Денеска во главната улога настапува Светлана Захарова, една од најпознатите руски балерини.

9. Станува симбол на советската цензура

„Лебедово езеро“ на телевизија стана мим.

Во СССР се знаеше: штом „Лебедово езеро“ се прикажува на телевизија, тоа значеше дека во земјата се случила некоја трагедија. Балетот беше прикажуван кога умираа советските лидери Брежнев, Андропов и Черненко.

„Лебедово езеро“ во театарот „Болшој“, 1950-тите.

На сметка на тоа се пошегува и култниот режисер на комични филмови Леонид Гајдај. Во неговиот „Кавкаска пленица“, сцената во која бандитите се обидуваат да го исплашат херојот е проследена со пренос на балетот на телевизија.

Сцена од филмот „Кавкаска пленица“.

Сепак, вистинскиот „бисер“ беше прикажувањето на балетот за време на августовскиот пуч во 1991 година, кога беше направен обид да се обнови СССР и да се собори Михаил Горбачов. Наместо репортажа во живо од местото на настанот, на граѓаните ширум земјата им беше прикажан танцот на малите лебеди.

10. Балетот е искористен за многобројни експерименти

Балетот на Џон Нојмаер „Илузии – како Лебедово езеро“.

„Лебедово езеро“ на некоја рака стана народен балет. Се поставува во водечките театри низ светот, во детски студија и аматерски колективи. Со музиката на Чајковски режисерите и балет-мајсторите експериментираат, натпреварувајќи се во оригиналност.

Своја верзија во Париз 1984 година понуди и Рудолф Нуреев. Тој самиот го играше принцот (и му додели повеќе простор и внимание отколку на лебедиците). Во 1995 година, на сцената на лондонскиот театар „Садлерс Велс“ беше прикажана провокативна претстава на кореографот Метју Борн, во која мажите ги играа лебедиците.

Мажи-лебедици во кореографија на Метју Борн.

А Швеѓанецот Фредерик Ридман во 2011 година го постави на сцената Swan Lake: Reloaded во кој кореографијата беше во стилот на street dance (уличен танц), а дејствието пренесено во Улицата на црвените фенери...

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња