Пет факти за Сергиј Радонешки, најпознатиот руски светец

Public domain
Русите сметаат дека Русија му го должи своето постоење на овој монах кој живеел во XIV век. Благодарение на него земјата е обединета и препородена по страшната монголско-татарска наезда.

1. Пред замонашувањето, се разбира, не се викал Сергиј, и не е роден во Радонеж

„Младоста на преподобен Сергиј“

Идниот светец Сергиј Радонешки е роден во близина на Ростов Велики, на 150 километри од Радонеж. Се смета дека е роден во 1314 година, иако точниот датум на неговото раѓање не е утврден. Денес Ростов е мал провинциски град во Јарославската област, но на почетокот на XIV век бил успешно кнежевство и еден од културните центри на средновековна Русија. Најверојатно Сергиј таму го научил грчкиот јазик.

Дионисиј, икона „Сергиј Радонешки во житие“, XV век.

Ростов во повеќе наврати бил изложен на напади на Монголите и практично бил разурнат. Таткото на Сергиј изгубил сé што имал, па решил со семејството да се пресели во Радонеж. Тој мал град бил поблиску до Москва, која била побезбедна и добивала сè поголемо политичко значење. Сергиј тогаш имал околу 12 години.

Во неговата прва биографија, во „Житието што го напиша неговиот ученик Епифаниј Премудриот“ на почетокот на XV век, се опишани чудата што ги направил Сергиј и пророштвата што ги изговорил за време на неговиот живот. Таквите описи инаку се карактеристични и за житијата на светците, кои како жанр имаат строго дефинирани канони.

Луѓето кои не се запознаени со оваа тема можеби и не знаат дека познатата слика на Михаил Нестеров „Визијата на момчето Вартоломеј“ (1890) е посветена на Сергиј Радонежски. Пред да се замонаши тој се викал Вартоломеј. Новото име го добил кога се замонашил.

„Визијата на момчето Вартоломеј“, 1890.

Кога имал седум години, Вартоломеј имал проблеми со учењето. Никако не можел да научи да чита и пишува. Преданието вели дека загриженото момче сретнало старец и му се пожалило, кој усрдно се молел за него и му дал парче осветена просфора. После тоа, Вартоломеј лесно научил да чита и пишува. И веднаш се заинтересирал за Светото Писмо. Во житието пишува дека уште како момче духовно се подвизувал усрдно молејќи се ноќе и доброволно држејќи најстрог пост.

Затоа Сергиј денес се почитува како покровител на сите ученици и студенти и на сите оние кои имаат проблеми со учењето. Учениците и студентите му се молат пред почетокот на учебната година и пред важните испити.

2. Ја основал Троице-Сергиевата лавра, најпознатиот руски манастир

Една од најважните „опипливи“ заслуги на Сергиј зачувана до денес е основањето на Троицкиот манастир, денес познат како Троице-Сергиева Лавра. Сергиј бил уште многу млад кога се определил да живее како пустиник, иако тоа е подвиг предвиден за монасите кои веќе стекнале големо духовно искуство.

Троице-Сергиева лавра, 1908-1913.

Заедно со својот брат се населил во густа шума, каде направил мала ќелија и капела која била осветена во чест на Света Троица. (Подоцна познатиот иконописец Андреј Рубљов за овој Сергиев манастир ќе ја наслика својата „Троица“ во која најважниот постулат на Православието за божественото тројство ќе го преточи во уметнички исказ. Повеќе за тоа прочитајте овде).

Братот не можел да го поднесе тешкиот аскетски живот во „пустина“ и по извесно време го напуштил Сергиј, но околу него постепено почнале да се населуваат други монаси. Се смета дека денешниот најголем руски манастир е основан во 1342 година.

3. Вовел нов монашки типик

Покрај основањето на манастирот, Сергиј вовел и нов систем на монашки заеднички живот. На монасите не им било дозволено да го напуштаат манастирот за да бараат храна од луѓето што живеат во светот (претходно многу монаси правеле така и поради тоа практично живееле во светот). Кога ќе снемале храна, браќата заедно со Сергиј усрдно се молеле Господ да им го испрати „лебот наш насушен“ и секогаш се случувало нешто што ги спасувало монасите од глад. „Преку долго самување, телесен напор и воздржување среде густа шума, тој се подготви да раководи со другите подвижници во пустината“, пишува историчарот Василије Кључевски.

„Триптих. Делата на свети Сергиј“, 1890-те

Сергиј се грижел за секој новопридојден брат, го учел да живее доблесен живот и внимателно го надгледувал секој и го поттикнувал на усрдна молитва и на избегнување на искушенијата на световниот живот. Сите имале строго дневно правило и сите, како и Сергиј, неуморно работеле. Самите граделе храмови, подготвувале храна, цепеле дрва и шиеле мантии, т.е. целосно се опслужувале самите себе.

Сергиј негувал вистинско братство, покажувајќи му на народот пример на христијанска заедница. Монасите живееле во голема сиромаштија, понекогаш без леб и со денови, но биле сложни и, што е најважно, добри со секој што доаѓал да ги посети.

Поради својот монашки подвиг, Сергиј е почитуван како преподобен светец во Русија уште од XV век, т.е. како монах кој со помош на молитвата, постот и физичкиот напор се трудел да биде сличен на Господ Исус Христос. Денес, и староверците верници и католиците го почитуваат Сергиј Радонешки како светец.

4. Го формирал рускиот духовен менталитет

Споменикот на преподобниот Сергиј Радонешки на плоштадот на архитектонскиот ансамбл на машкиот ставропигијален манастир на Троице-Сергиевата лавра.

Како резултат на монголско-татарската инвазија во XIII век, цели руски градови биле опљачкани, изгорени и уништени. Русија била разорена и уназадена, а населението обземено од ужас. Мајките ги плашеле своите деца во лулките спомнувајќи го „злобниот Татар“. Туѓинците сè уште вршеле упади во руските кнежевства, а руските кнезови им плаќале данок.

Многу манастири и храмови биле урнати, така што не можеле да му служат на народот како духовни и морални ориентири, а монасите се населувале поблиску до градовите и до седиштето на архиерејот.

Пораснале неколку генерации Руси кои не ни замислувале дека Монголите можат да бидат поразени на бојното поле. Во нивните очи, непријателот се асоцирал со мрачна мистична сила која не може да се совлада. Луѓето биле психички скршени и отепани. Во тој период лесно можело да настапи крајот на историјата на Русија.

За да го отфрлат монголско-татарскиот јарем, Русите пред сé морале да го победат својот страв и да поверуваат во својата сила, смета Кључевски. Важна улога во моралното и духовното зајакнување на рускиот народ одиграл Свети Сергиј Радонешки.

Тој почна од самиот себе. Во житието се наведува дека демоните му приоѓале и гледале да го исплашат со својот бес во мала колиба среде голема шума. Но Сергиј секој пат со молитва го победувал својот страв, така што на крајот му била дадена „власт над демоните“ и тие веќе не му биле страшни. Кога слушнале за чудесниот монах кој ја победил нечистата сила, во манастирот почнале да се слеваат монаси и мирјани. Сите добивале од Сергиј утеха и охрабрување, кое подоцна го споделувале со другите. Кључевски смета дека тоа бил почетокот на моралната и политичката преродба на рускиот народ.

5. Ја обединил Русија

Московското кнежевство постепено станало безбеден „остров“ каде се слевале кнезови, истакнати болјари и црковни великодостојници. Москва премолчено била третирана како главен град на руската земја и нејзин духовен центар. Токму таму пораснал кнезот кој се осмелил да му се спротивстави на непобедливиот непријател. Тоа бил Дмитриј Донској (кој исто така подоцна бил канонизиран од Црквата).

Свети Сергиј Радонешки, 1932.

Познато е дека кнезот одел кај Сергиј во манастирот за да ја добие неговата поддршка. Тој ја одобрил намерата на кнезот да собере сили од сите руски кнежевства и да тргне во битка против Монголите. Во предвечерието на страшната битка на Куликово поле, свети Сергиј го благословил Дмитриј и со него испратил двајца свои монаси, воините Пересвет и Ослабја.

„Оди на безбожниците храбро, без колебање, и ќе победиш“, му рекол тогаш на кнезот.

„Преподобен Сергиј Радонешки го благословува светиот благоверен велики кнез Дмитриј Донској пред Куликовската битка“, 1880.

Академик Дмитриј Лихачов смета дека Дмитриј Донској ја однел победата во судирот меѓу руските кнежества со тоа што се потпрел на Црквата и нејзината поддршка. „Економски гледано Москва не била помоќна од Твер или Новгород, но се покажало дека е духовно посилна“, смета Лихачов.

Двобојот на Пересвет и Челубеј на Куликово поле, 1943.

Победата на руската војска во Куликвоската битка го означила почетокот на ослободувањето на Русија од туѓа власт и обединувањето на руските земји под доминација на Москва.

Познатиот теолог Павел Флоренски го окарактеризира свети Сергиј Радонешки како „ангел-чувар“ и „духовен спасител“ на Русија.

„Во него рускиот народ стана свесен за самиот себе, за своето културно-историско место и за културната задача и дури тогаш, откако стана свесен за себе, го доби историското право на независност“, пишува Флоренски.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња