Фјодор Шаљапин: 4 факти за најпознатиот руски пејач

Портрет на Фјодор Шаљапин, Борис Кустодиев

Портрет на Фјодор Шаљапин, Борис Кустодиев

Руски музеј
Фјодор Шаљапин беше првиот изведувач кому му е доделено звањето Народен уметник на СССР. А доби и своја ѕвезда на холивудската Патека на славните.

 1. Селанец во најдобриот театар на империјата

Сè уште сум во постела... и читам... и се сеќавам на минатото: на театрите, градовите, тешкотиите и успесите. Колку улоги имам одиграно! И се чини дека сето тоа и не е толку лошо. И премногу за еден селанец...“ напиша Шаљапин во едно писмо пред својата смрт во 1938 година.

Шаљапин не беше само голем пејач, туку и голем актер

Шаљапин беше човек од народот, а тоа беше важен факт во царска Русија. И покрај тоа што немаше благороднички родослов, стана неверојатно популарен. Неговиот уникатен звучен бас одекнуваше во најдобрите опери во Русија, а царот го именуваше за „солист на Неговото Величество“. По револуцијата од 1917 година, стана уметнички директор на Мариинскиот театар во Петроград, инаку еден од најпознатите во земјата.

Неговиот глас е високо ценет и на Запад, каде што го имаше своето деби во миланската Скала во 1901 година и тој настап беше вистинска сензација. Велат дека настапот на Шаљапин бил една од најголемите знаменитости на првите руски сезони кои Сергеј Дјагилев ги организираше во Париз, кога Европа всушност ја „откри“ руската уметност. Со огромен раст и силен глас, Шаљапин во очите на многу странци беше доживеан како симбол на Русија.

Клучот за успехот на Шаљапин се крие во тоа што тој не само што беше одличен солист, туку и големактер. Оставаше длабок впечаток кај публиката со својот изведбен темперамент додека ги пееше своите најдобри трагични делови како Мефисто, Дон Кихот и Борис Годунов.

2. Од очај до триумф

Како деветгодишно момче, Шаљапин почнал да пее во црковниот хор, а за операта се заинтересирал на 13-годишна возраст, кога првпат видел и слушнал оперска претстава во провинциски театар. Подоцна станал изведувач во гостувачка трупа и често се сели. Но, често останувал без пари и размислувал за самоубиство.

Шаљапин се стекна со фантастична популарност иако немаше престижен родослов.

Неговиот метеорски подем започна кога беше поканет во Руската приватна опера на познатиот покровител на уметноста Сава Мамонтов. Неговата слава постојано растеше од доцните 1890-ти и наскоро стана вистинска ѕвезда. Меѓутоа, тој никогаш не ги заборави тешките денови на почетокот на кариерата и подоцна споменуваше дека мајка му умрела од глад.

3. Презир од либералната интелигенција

Кога стана познат, му се препушти на хедонизмот. Важеше за „човек од народот“, кој не само што беше оперски пејач, туку и пееше народни песни, на пример „Низ Питерска“ и „Дубинушка“. Еден од неговите најдобри пријатели беше Максим Горки, познат писател и симпатизер на радикалната левица и нивниот идеал за служење на работниот народ. И Шаљапин ја поддржуваше идејата на револуцијата и расположението што беше многу распространето во тоа време. А сепак, не беше омилен во многу образовани кругови на руското општество.

Фјодор Шаљапин во улогата на Борис Годунов

За време на претстава во театарот Марински во 1911 година, на која присуствуваше и царот Николај II, публиката побара од Шаљапин да ја испее националната химна. Тој им ја исполни желбата, клекна на едно колено и ја испеа химната. Истиот ден ја доби титулата од царот.

Поради таа постапка во јавноста изби голем скандал. Многу јавни личности го опсипаа со навреди. Многу граѓани на Русија го доживуваа царот како реакционерна личност, така што Шаљапин со години мораше да ја „пере“ својата репутација.

4. Тешка одлука за напуштање на Русија

Шаљапин беше навикнат на лесен живот, така што револуцијата од 1917 година и периодот на Граѓанската војна што следеше беа многу тешки за него. Понекогаш неговите настапи му беа плаќани со компири. Имаше единаесет деца, па се грижеше и за нив.

Новата социјалистичка влада имаше амбивалентен став кон Шаљапин. Од една страна, тој беше првиот што доби статус на Народен уметник на Советската Република, а од друга страна беше третиран како „буржоаски елемент“. Имотот му беше конфискуван, а во станот му беше извршен претрес. Така почна да размислува за емиграција. Подоцна призна дека тоа била тешка одлука: „И тогаш ми се чинеше дека тоа би била погрешна одлука, особено пред самиот себе: „Сакаше Револуција, носеше црвена лента и јадеше каша со револуционерите“, си реков тогаш. А кога се изеде кашата, реши да си одиш. Тоа не е добро“.

Шаљапин ја ваја сопствената биста

Во 1921 година Шаљапин доби дозвола да ја напушти Русија. Тој отпатува во САД, но на крајот се скраси во Франција. Меѓутоа, немаше претстава за тоа дека нема да се врати во Русија. Но, се случи инцидент по кој враќањето повеќе не беше можно. Имено, во 1927 година, познатиот пејач реши да им помогне на децата на руските емигранти во Франција, кои претежно припаѓаа на белото движење и со самото тоа беа политички противници на болшевиците. Советскиот печат и некои претставници на црвената интелигенција го претставија тоа како отворена поддршка на Шаљапин на заколнатите непријатели на Советска Русија. Му беше одземена титулата народен уметник и советското државјанство. Велат дека Шаљапин заплакал кога советскиот амбасадор му ја соопштил таа одлука.

Погребот на Шаљапин

И покрај сé, Шаљапин беше многу популарен до крајот на својот живот. Од 1921 година, осум сезони пееше во Метрополитен операта, уживајќи ја поддршката на публиката и признанието на критиката. Повторно се појави и на филм (по улогата во рускиот филм „Иван Грозни“), во холивудскиот „Дон Кихот“. Советската титула му беше вратена дури во 1991 година, а правот вратен во Русија во 1984 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња