Како отворањето на древна гробница е поврзано со Втората светска војна?

Култура
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Легендата вели дека со отворањето на гробницата на Тамерлан во Самарканд советските археолози предизвикале страшно проклетство. И дека нацистите го нападнале Советскиот Сојуз токму поради тоа.

„Денеска се продолжени работите во мавзолејот Гур-Емир. Антрополозите и хемичарите темелно ги проучија останките на Тимур. Научниците открија остатоци од коса на черепот и утврдија можност за реконструкција на прилично точен портрет на познатиот освојувач“, пишува весникот „Известија“ на 21 јуни 1941 година. Следниот ден, рано наутро, нацистичка Германија го нападна СССР. Кај народот длабоко се вкорени митот дека тие настани се меѓусебно поврзани со „Тимуровото проклетство“.

Кој бил Тимур?

Тимур или Тамерлан (1336-1405) бил централноазиски владетел, основач на династијата Тимуриди. Најпрво како воин формирал личен одред, а потоа станал голем војсководец и имал важна државна функција во Туранско-монголската држава Моголистан. Подоцна бил избран за прв владетел на новата држава Тимурида со престолнина Самарканд (на територијата на денешен Узбекистан), која постоела до 1507 година. Откако освоил многу земји, Тамерлан владеел со поголем дел од Централна Азија, како и со териториите на Месопотамија и Кавказ, денешен Иран, Авганистан, Пакистан и Сирија.

Тамерлан не бил потомок на Џингис-кан, основачот на Монголското царство, и бидејќи според монголската традиција немал право на титулата кан, себеси се нарекувал „велик емир“. Откако се оженил со ќерката на потомок на Џингис-кан, успеал да ја добие почесната титула „зет на канот“, со што добил повеќе слобода и поголема власт.

Мавзолејот на Тамерлан

Покрај освојувањето, великиот емир направил многу за развојот на културата во својата земја и за време на неговото владеење биле изградени многу архитектонски ремек-дела во Самарканд. По негова наредба, во градот започнала изградбата на мавзолејот Гур-Емир, каде подоцна биле погребани тој и некои негови потомци.

Гур-Емир претставува еден од најважните споменици на исламската архитектура. Многу култни објекти се градени по негов пример. Токму тој послужил како инспирација за архитектите на мавзолејот и џамијата Таџ Махал во Индија (која била изградена по наредба на потомок на Тамерлан во средината на XVI век).

Отвoрањето на гробницата и проклетството на Тамерлан

Во 1941 година археолозите одлучија да ја отворат гробницата на Тимур и неговите потомци и да ги проучат нивните останки. Директивата за ископувањата во Советски Узбекистан наводно ја потпишал лично Сталин.

Не се знае точно како дошло до идејата да се истражат гробовите. Постојат верзии дека ископувањата се започнати со цел да се зачуваат останките бидејќи до мавзолејот започнала изградбата на хотел и за време на работите навлегувала вода во криптата.

Официјалното отворање на гробницата се совпаднало со прославата на 500-годишнината на узбекистанскиот поет Алишер Навои, кој живеел во државата Тимурида и бил близок со внуците и потомците на Тимур. Научниците се надеваа дека ќе откријат нови историски факти или ќе пронајдат артефакти кои би можеле да ѝ бидат покажани на јавноста.

Во јуни голема група советски научници ја започна ексхумацијата. Снимателот Малик Кајумов, кој беше испратен да го сними овој значаен настан, подоцна во интервју изјави дека на пауза сретнал некои старци кои му кажале за проклетството: гробницата, наводно, не смее да се отвори бидејќи ќе започне војна! Кајумов дури ги одвел кај раководителите на експедицијата. Старците им покажале книга од XVII век каде што на арапски пишувало: „Кој ќе го отвори гробот на Тамерлан, ќе го пушти на слобода духот на војната. И ќе биде кланица толку крвава и страшна, каква што светот не видел со векови“.

Научниците не биле суеверни и продолжиле со својата работа. А следниот ден, 22 јуни 1941 година, нацистичка Германија го нападна Советскиот Сојуз.

Легендата за проклетството на Тамерлан стигна до самиот Сталин, кој нареди посмртните останки да се вратат на нивното место. Се зборуваше дека Сталин е подготвен за сите мистични ритуали за да го сврти текот на војната.

Посмртните останки на Тамерлан беа повторно ставени во гробот со сите почести според исламските обичаи на 19-20 ноември 1942 година. Токму тогаш се водеа најважните битки кај Сталинград. Советските трупи започнаа контраофанзива која од корен го промени текот на војната и го предодреди нејзиниот исход.

Каков беше резултатот од ископувањата?

Отворањето на гробницата имаше големо историско значење. По проучувањето на скелетот и черепот на Тимур, водачот на експедицијата, скулпторот и антрополог Михаил Герасимов, успеа да состави детален опис на изгледот на средновековниот владетел, па дури и да го реконструира неговиот портрет.

Излезе дека Тамерлан имал типични монголоидни црти на лицето, со црвеникаво-кафена коса, мустаќи што му висат околу усните и брада во облик на клин. Покрај тоа, бил прилично висок за Монгол, околу 170 см.

Археолозите исто така го документираа и фактот дека Тамерлан имал повредена нога (неговиот прекар во Русија бил Тимур Куциот). И покрај фактот дека живеел до 68 години, што било длабока старост за тоа време, посмртните останки на Тамерлан укажувале на неверојатна физичка сила и здравје што ги имал до неговата смрт.