„Доктор Живаго“ од Борис Пастернак: кратко резиме

Russia Beyond (Photo: Public Domain; Азбука Аттикус, 2022)
Оваа книга покажува колку турбулентен бил ХХ век во Русија, со своите револуции, граѓанската војна и двете светски војни. И, уште поважно, романот покажува како личниот живот на еден човек е уништен поради сите тие настани.
Московскиот лекар Јуриј Живаго мора да се крие од граѓанската војна, но Црвената армија го заробува и го принудува да работи како воен лекар. Тој ги напушта сопругата и децата заради жена со која судбината го споила во далечен провинциски град. Но, таа заминува од него безбедно место, додека Јуриј се враќа во Москва, каде што паѓа во длабока депресија и умира.

Останувајќи рано без родители, Јуриј Живаго расте во семејството на московски професор. Кога ќе порасне, се жени со Тоња, ќерката на професорот, но токму кога таа ќе го роди нивниот син, Јуриј е принуден да се приклучи на фронтот на Првата светска војна како лекар.

Враќајќи се од една војна, тој се наоѓа среде револуцијата и граѓанската војна во Русија. Јуриј бега со своето семејство во провинциски град на Урал, обидувајќи се да се скрие од тие бурни настани, насилството и гладот.

Во тој град запознава една дама по име Лара која претходно ја видел во Москва. Таа му се чини сосема туѓа и се чини дека има мистериозен живот полн со драма (покрај тоа што нејзиниот сопруг учествува во револуцијата). Среде кошмарот што ги снашол, тие се вљубуваат еден во друг, откривајќи дека се неверојатно блиски, без оглед на сé.

Јуриј се чувствува апсолутно ужасно што мора да ја изневерува својата жена. Токму кога е беше подготвен да ѝ признае сè, неговиот живот повторно се превртува наопаку. Тој е одделен и од Лара и од своето семејство и е заробен од страна на Црвената армија. Година и половина е принуден да работи во Сибир како воен лекар.

Бегајќи од заробеништво, Јуриј се враќа во уралскиот град, но таму ја затекнува само Лара. Неговата жена и децата се вратиле во Москва и му испратиле писмо дека тие (и неговиот тест, професорот) биле принудени да ја напуштат земјата.

Јуриј и Лара остануваат заедно и цела зима се кријат од граѓанската војна на еден напуштен имот. Нивниот сиромашен, но среќен свет тогаш го прекинува покровителот на Лара од минатото, кој ја завел како многу млада. Тој бара Живаго да ја пушти Лара да оди со него, бидејќи може да ја спаси и да ѝ помогне да емигрира. Бидејќи Лара веројатно е бремена, Јуриј одлучува да ја пушти.

По завршувањето на граѓанската војна, болшевиците ја преземаат власта во целата земја, Јуриј се враќа во Москва каде што дури живее со својата жена. Но, внатре тој е мртов и не може да направи ништо за да се спаси.

Едно утро 1929 година тој умира од срцев удар во трамвај. Сосем случајно, Лара присуствува на неговиот погреб и одеднаш исчезнува. Најверојатно е уапсена и го завршува својот живот во Гулаг.

Што се крие зад романот?

Последното поглавје од книгата е збирка песни на Јуриј Живаго, многу важен и неверојатно длабок дел од приказната. А бидејќи Пастернак бил пред сè поет (и исто така имал комплициран личен живот со две жени што ги сакал и се „преметал“ меѓу нив), Живаго се смета за полубиографски лик.

„Доктор Живаго“ немал шанси за успех во советското издание. Формално, тоа е книга за граѓанската војна, но длабоко во себе, тоа е роман за луѓето, за љубовта и смртта, за смислата на животот и за самиот универзум. И апсолутно несоодветен во советско време, бидејќи романот не ги прикажува болшевиците во добро светло и наместо тоа покажува колку варварски се однесувале и како уништиле многу животи.

Романот бил забранет за објавување, меѓутоа Пастернак успеал да ја пренесе книгата на Запад и во 1957 година „Доктор Живаго“ е објавен во Италија. Подоцна беше откриено дека ЦИА била вклучена во објавувањето на романот како уште едно пропагандно „оружје“ против советската држава.

Во 1958 година Пастернак е прогласен за добитник на Нобеловата награда за литература. Советските власти го доживеаја како политички чекор против Советскиот Сојуз. И во СССР беше започната цела кампања за хајка против Пастернак (во која учествуваше лично Никита Хрушчов).

Сите дела на Пастернак беа забранети. „Не сум го читал Пастернак, но го осудувам“ – оваа позната фраза од таа ера живо говори за идиотизмот на целата ситуација. Кампањата го уништи здравјето на писателот и тој почина од рак во 1960 година.

Романот првпат беше официјално објавен во СССР во 1988 година, а сега е вклучен во училишните лектири и признат како еден од највпечатливите романи на ХХ век.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња