Како изгледаше кога Пеле играше против СССР

Култура
БОРИС ЕГОРОВ
Легендарниот Бразилец долги години сонуваше да постигне гол против својот пријател и еден од најдобрите голмани во историјата на фудбалот - Лав Јашин. Во 1965 година тој сон се оствари.

Седумнаесетгодишниот Едсон Арантес до Насименто, попознат како Пеле, првпат играше против советската репрезентација во 1958 година на Светското првенство во Шведска. Тоа беше првиот меѓународен турнир во кариерата на идниот „крал на фудбалот“.

Екипите на СССР и Бразил се судрија во последниот натпревар од групната фаза на натпреварувањето. До тој момент двете екипи собраа по четири бода и се играа за пласман во четвртфиналето. Иако советскиот тим даде сé од себе, не успеа да ги победи легендарните Бразилци: двата гола постигнати од Вава му донесоа победа на тимот од Латинска Америка.

Пеле се трудеше да постигне гол на својот дебитантски натпревар, но Виктор Царјов, кој беше задолжен да го чува, не му дозволи ниту една шанса. „Пеле не играше лошо“, се присети фудбалерот Никита Симоњан. „Веднаш се виде: добар дечко, лесен, паметен, брз, технички вешт. Но, дефанзивецот Витја Царјов излезе со него на крај“. Бразилецот не го заборави советскиот играч за врска и многу години подоцна при посетата на Москва праша кој е играчот со број 5 на дресот.

Иако не постигна гол на средбата со СССР, младиот талентиран фудбалер се покажа на следните натпревари: во четвртфиналето го постигна единствениот победнички гол против Велс, во полуфиналето против Франција постигна хет-трик, а во финалето му даде два гола на голманот на тимот на домаќинот. Бразил стана светски шампион, а Пеле жива легенда.

Со Лав Јашин, единствениот голман кој ја освоил Златната топка, Пеле се спријатели на Светското првенство 1958 година. „Што се однесува до најголемиот голман на сите времиња, Лав Јашин, добро го познавав“, изјави Пеле подоцна. „Тој беше мојот прв пријател надвор од Бразил“.

Во 1965 година Пеле пристигна во Москва на пријателски натпревар против советската репрезентација и, на големо разочарување, дозна дека Јашин нема да игра поради повреда. Сепак голманот се сретна со бразилскиот напаѓач на тренингот пред натпреварот и му подари минијатурен самовар. Натпреварот заврши со резултат 3:0 за Бразил. Пеле постигна два гола.

„Кралот на фудбалот“ силно сакаше да го совлада најдобриот голман на светот и желбата му се исполни на реваншот во Рио де Жанеиро. Тој му даде еден од двата гола на Јашин на натпреварот кој заврши со резултат 2:2.