Како во сибирски Томск се правеле куќи од чипка (ФОТО)

Legion Media
Во овој град се зачувани најголемиот број дрвени градби украсени со уметничкa резбa во Русија. Во многу од нив и ден-денес живеат луѓе.

Томск е еден од најстарите градови во Сибир, основан 1604 година. Век и половина подоцна станал важен транзитен и трговски центар. Тука масовно доаѓале трговци, архитекти, научници и лекари. Градот има добро зачуван геометриски распоред на улиците, како и дрвени благороднички куќи од XIX и почетокот на ХХ век.

Колку куќи се зачувани?

Стариот Томск бил граден токму од дрво, кое отсекогаш го имало во изобилство во Сибир. Локалните занаетчии вешто ги трансформирале актуелните стилови од различни епохи во дрвената архитектура. Неоготика, класицизам, сецесија се во мода?

Ќе ве молам, во Томск има и такви градби. Но, тие се направени од дрво. Дури и локалните богаташи претпочитале да нарачуваат вили направени од дрво, наместо од камен. Нивните куќи се украсени со резбани калкани, прозорски рамки, високи шилци на покривите и мали кули, поради што често се вели дека се „од чипка“. Покрај тоа, тие се издвојуваат и по своите светли бои: меѓу нив има жолти, црвени, розови и сини градби.

Денеска во градот со над 550 илјади жители се зачувани околу 2.100 дрвени куќи, изградени пред советскиот период. Од нив 701 се под заштита на државата.

Куќата со жар-птици

Една од најубавите градби во Томск е таканаречената куќа со жар-птици. Во руските бајки жар-птицата се смета за чудесна и нејзиниот лик често се користи во народните уметнички занаети. На оваа куќа жар-птици го украсуваат покривот. Оваа вила на улицата „Красноармејска“ е изградена во 1903 година и му припаѓала на трговецот Леонтин Жељаб. Тој ја нарачал за својата ќерка како свадбен подарок. Неколку птици од оваа куќа се наоѓаат во локалниот музеј на дрвена архитектура. Денес куќата е поделена на станови и во неа живеат неколку семејства.

Смарагдната вила

Оваа зграда на улицата „Белински“ изгледа како замок од бајка. Изградена е во 1904 година од архитектот Станислав Хомич за своето семејство, но и за изнајмување. Изрезбарени тераси, кибиц фенстери, светла смарагдна боја - куќата изгледа како вистински дворец.

Оваа куќа е прогласена за споменик на архитектурата уште во далечната 1974 година. Денес во неа е сместена Агенцијата за стопански регистри на Томската област.

Куќата со кула

Уште една необична дрвена куќа од Станислав Хомич. „Куќата со кула“ на улицата „Красноармејска“ е изградена во 1902 година за трговецот Георгик Голованов. Шилците, кулите и настрешниците - сè е украсено со резбани дрвени детали. Од 1995 година во неа се наоѓа Руско-германскиот дом и влезот во неа е дозволен за сите заинтересирани.

Куќата со шилец

На улицата „Кузнецова“ може да се види и по некоја дрвена неоготика. Куќата е изградена во 1908 година и во неа живеел доктор Валеријан Васиљков со семејството. Во тоа време лекарите не работеле само во установи (Васиљков, на пример, бил лекар на железница), туку имале и ординација дома. Во овој случај приземјето се користело за прием на пациенти, додека станбениот простор се наоѓал на првиот кат. По револуцијата од 1917 година куќата била поделена на неколку станови.

Куќата во Татарскиот кварт

На улицата „Татарска“ во Томск се населувале Татари од различни региони на Русија. Оваа вила во 1902 година му припаѓала на Ахмедул Ахметов, Татар од Москва. Има висок камен сутерен, а горните катови се направени од дрво. Прозорците се украсени со резба во вид на тантела. Во 2007 година куќата беше реставрирана и ѝ беше вратена изгубената масивна капија. Денес е станбен објект.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња