10 познати руски градби проектирани од странски архитекти (ФОТО)

Legion Media
Италијански, француски, германски и други странски архитекти живееле и работеле во Русија, каде што биле канети да го споделат своето искуство, а понекогаш дури и да изградат цели градови. Ова се дел од ремек-делата што странците ги создале на руска земја.

1. Московскиот Кремљ

Ако некогаш сте помислиле дека замокот Кастелвекио во Верона или миланската Сфорца потсетуваат на Кремљ во Москва, не сте згрешиле!

Сите овие градби биле изградени во XV век од италијански архитекти кои припаѓале на иста школа. Рускиот велики кнез Иван III Василевич ги поканил италијанските архитекти да ја обноват московската тврдина.

Пјетро Антонио Солари, Алојзио да Милано, Антонио Џиларди и Марко Руфо изградиле нови кули и ѕидови од тула (сите тие се познати во Русија под истото презиме „Фрјазин“, кое потекнува од зборот „франк“, називот за сите странци во тоа време).

2. Успенскиот соборен храм во Москва

Еден од најпознатите италијански архитекти кој градел во Москва во XV век бил Аристотел Фиораванти.

Всушност, тој бил инженер и направил млин од тула во Москва, како и фабрика за оружје која произведувала топови.

Но, неговото најголемо достигнување е проектот на Успенската црква во Московскиот Кремљ.

3. Петропавловската тврдина во Санкт Петербург

Ова била првата градба подигната во штотуку основаниот Петербург. Бидејќи Петар Велики планирал да изгради „многу европски град“, тој ангажирал странски архитекти.

Тврдината и црквата се изградени според проектот на Доменико Трезини, швајцарски архитект со италијанско потекло.

4. Дворецот Петерхоф

До денес се зачувани мал број градби на францускиот архитект Жан-Батист Александар ле Блон, кој се смета за главен архитект на Санкт Петербург.

Меѓутоа, на почетокот на XVIII век, кога дошол на покана на Петар Велики, тој осмислил генерален план и архитектонски „стилски водич“ за целиот град. Ле Блон ја дизајнирал и царската резиденција Петерхоф, која, според планот на Петар, требала да го надмине Версај.

Првиот дворец во Петерхоф е изграден од Ле Блон, а подоцна реконструиран од Италијанецот Франческо Бартоломео Растрели.  

5. Зимскиот дворец во Санкт Петербург

Во XVIII век Италијанецот Франческо Бартоломео Растрели, веројатно најпознатиот архитект на Петербург, изградил неколку дворци и цркви ширум Руската империја.

Една од неговите најзначајни градби е официјалната резиденција на руските цареви, Зимскиот дворец во центарот на Петербург, во кој денес се наоѓа музејот Ермитаж.

6. Екатеринскиот дворец во Царско Село

Франческо Растрели сепак е најпознат по градбите што ги изградил за царицата Елизабета, креирајќи карактеристичен стил, познат денес како „Елизабетански барок“.

Најпознатата градба која го одразува овој стил е Екатеринскиот дворец во Царско Село, летната резиденција на царското семејство.

7. Исакиевскиот храм во Петербург

Францускиот архитект Огист Монферан победил на конкурсот за главен архитект на проектот што 1818 година го започнал царот Александар I.

Французинот ѝ го посветил целиот свој живот на оваа црква. Изградбата траела речиси 40 години и била фатална за архитектот, кој починал само шест недели по завршувањето на црквата.

8. Смолниот институт во Санкт Петербург

Пример за класична паладијанска архитектура бил изграден на почетокот на XIX век од Италијанецот Џакомо Кваренги.

Оваа градба е најпозната по тоа што во неа бил сместен првиот женски институт во Русија, а потоа и седиштето на болшевиците.

9. Павловскиот дворец

Недалеку од Царско Село и Санкт Петербург се наоѓа уште една раскошна резиденција на руските цареви - Павловск, изградена на крајот на XVIII век за престолонаследникот и иден цар Павел I.

Проектиран е во неокласичен стил од шкотскиот архитект Чарлс Камерон, познат и по галеријата Камерон во Царско Село, која го добила неговото име.

Тој го редизајнирал Царско Село во класичен стил, на барање на Екатерина Велика, која не ја сакала барокната накитеност.

10. Воронцовата палата на Крим

Една од најнеобичните палати во Русија била изградена во 1828-48 година за кнезот Михаил Воронцов, генерал-губернатор на јужните провинции на Руската империја, вклучувајќи го и Крим.

За изградбата на оваа палата во неоготски стил Воронцов го ангажирал англискиот архитект Едвард Блор, познат по тоа што ја завршил Бакингемската палата во Лондон.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња