Кои книги ги сакале руските цареви

Кира Лисицкаја (Photo: imageBROKER.com/Global Look Press; Thomas Söllner/EyeEm/Getty Images)
Секојдневните активности на руските императори опфаќале многу државнички работи, но тие наоѓале време и за разонода. Ги интересирала книжевноста, а понекогаш во авторот на книгата наоѓале интересен соговорник, советник и истомисленик.

Иван Грозни

Иван IV не бил познат само по својата сурова природа, туку и по една од најголемите библиотеки во тоа време. Се смета дека во неа имало книги донесени уште од Софија Палеолог од Константинопол, како и ракописи кои му припаѓале на Јарослав Мудриот. Иван Грозни и самиот постојано ја дополнувал таа библиотека. Меѓу другото, тој со задоволство ги читал римските писатели, чии текстови биле преведувани специјално за рускиот цар. Тој ја читал, на пример, „Историјата“ на Тит Ливиј и Кодексот на Јустинијан. Го сакал и историјатот на Тројанската војна, опишана во „Хронографијата“ на византискиот писател Јован Малала и „Повеста за создавањето и освојувањето на Троја“. Епскиот опис на Тројанската војна му оставил силен впечаток на Иван Грозни. Царот во својата преписка дури го обвинувал и избеганиот великодостојник Андреј Курбски дека не е чесен како Антенор и Енеј.

Петар I

Царот Петар I ја создавал својата библиотека поаѓајќи од интересите на државата. Тој нарачувал преводи на книги за архитектура, градежништво, техника и воени вештини. Рускиот император лично познавал некои издавачи и продавачи на книги. На пример, често ја посетувал продавницата на Холанѓанецот Жак Дебор. Таму набавил триесетина книги, меѓу другото за бродарство, градинарство и историјата на тргувањето. Во колекцијата на книги се одразил и интересот на царот за необични појави. Петар I имал книга од германски автор за разни чудни појави, почнувајќи од необичниот изглед на луѓето до минувањето на комета, а исто така и многу детален астролошки календар од Данецот Тихо Браге со лични белешки на авторот.

Екатерина II

„Веќе неколку години имам навика секогаш да имам книга со мене. Штом имам погоден момент, читам книга“, рекла Екатерина II.

Ги засакала книгите уште како дете, кога ги открила Расин и Лафонтен. По нејзиното доаѓање во Русија, принцезата Софија Августа Фредерика од Анхалт-Зербст го вовела правилото за читање како нејзина обврска и до крајот на животот наутро и навечер посветувала по два часа на книги и пишување. Била многу пребирлива. Во кругот на нејзиниот интерес биле Рабле, Мишел де Монтењ и Цицерон. Таа детално ги проучувала, страница по страница, повеќетомната „Историја на Германија“ од отец Бар и енциклопедијата на Дидро и Даламбер, како и „Духот на законот“ од Монтескје. Современиците биле воодушевени од начитаноста на Екатерина. Царицата без мака ги цитирала делата на античките филозофи, а текстовите на Ликург и Перикле ги знаела напамет.

Особено ѝ биле блиски француските мислители. Таа се допишувала со Жан Лерон Даламбер, па дури и го поканила во Русија да биде воспитувач на великиот кнез Павел Петрович. Од Дени Дидро ја купила библиотеката за 15000 ливри, а него го именувала за кустос и наредила веднаш да му се исплати неговата заработка за 50 години однапред. Дури по смртта на авторот на „Енциклопедијата“ таа библиотека била пренесена во Русија.

Волтер бил најголемото откритие на царицата. Таа била негова посветена приврзаничка и со години се допишувала со него. По смртта на Волтер таа ја набавила библиотеката на својот омилен писател и дури планирала да изгради посебен замок за таа библиотека во Царско Село, но на крајот книгите ги распоредила во своите лични одаи.

Александар III

„Тој многу ја сакаше руската литература. За што и да беше разговорот, се случуваше да знае сè, читаше сè“, изјавил грофот Сергеј Шереметјев за Александар III. Омилен писател на рускиот император бил Достоевски. Целото семејство ги читало неговите дела. Големиот руски писател оставил силен впечаток и врз Александар II и неговите синови Сергеј и Павле.

Престолонаследникот најпрвин ја прочитал „Злосторство и казна“ заедно со сопругата Марија Фјодоровна. Кога дознал дека царското семејство се интересира за неговата личност, Достоевски почнал да им ги испраќа своите нови книги - „Зли духови“, „Браќата Карамазови“ и „Дневникот на писателот“. Почнале и да се допишуваат. Во својата кореспонденција Фјодор Михајлович им ги откривал замислите за неговите идни романи и ја истакнувал важноста на руската идеја. Тие се сретнале во Аничковиот дворец без какви било церемонии. Писателот не сметал дека е соодветно да се запази дворскиот бонтон и се однесувал вообичаено. Подоцна, кога дознал за смртта на Достоевски, Александар III бил искрено нажален. Тој сметал дека никој не може да ја надомести таа загуба.

Николај I

„Кажи му на царот дека ми е жал да умрам“. Јас секогаш би му бил на услуга. Кажи му дека му посакувам долго, многу долго да царува, дека му посакувам среќа во неговиот син, среќа во неговата Русија“. Ова на смртната постела му го порачал Пушкин на Николај I преку Василиј Жуковски.

Императоерот во 1826 година го вратил поетот од Михајловское, каде што го протерал по Декебристичкото востание, а потоа го примил и, меѓу другото, се распрашувал за востанието. На разделба царот го известил дека во иднина тој ќе биде првиот читател на Пушкин и негов цензор. И навистина, оттогаш Николај I внимателно ги проучувал делата на поетот. На пример, за „Грофот Нулин“ рекол дека тоа е „многу убаво парче“, а во „Борис Годунов“ пречкртал многу нешта, иако Пушкин молел да му дозволат да ја објави интегралната верзија.

Николај I го познавал и авторот на „Мртви души“. Гогољ на дворот се прославил со „Вечерите на имотот кај Дикањка“, па со текот на времето своите нови дела почнал да ги испраќа и до царското семејство. Царот дозволил „Ревизор“ да биде поставена на сцена во театар, па дури и присуствувал на премиерата, а потоа им наредил на министрите да ја гледаат претставата.

Николај II

Царот Николај II Романов бил страстен читател. Читал многу, велат дека ги „голтал“ книгите. Особено го сакал Гогољ. Понекогаш семејството на последниот руски император претпочитало да поминува време во читање заедно отколку на бучни забави. Самиот цар често читаше им читал на домашните на глас, најчесто поглавја од делата на Тургенев, Лесков и Чехов. Нашол време и за доживувањата на Шерлок Холмс, и за авантуристичките романи на Александар Дима „Тројцата мускетари“ и „Грофот Монте Кристо“, како и за „Дракула“ на Брем Стокер. По револуцијата, Николај II се посветил на проучување на „Историјата на Византиската империја“ од Фјодор Успенски, а во Екатеринбург, пред маченичката смрт, императорот го посветувал своето време на читање на Светото писмо и делата на Николај Салтиков-Шчедрин.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња