Што се крие во „Херојот на нашето време“, култниот роман на Михаил Лермонтов?

Петр Заболотский, 1837 / Третьяковская галерея
Главниот лик на ова ремек-дело е еден од најодбивните ликови во руската книжевност.

Романот е збирка раскази за лик кој е прилично специфичен. Авторот го прикажува како олицетворение на сите пороци на неговата генерација.

Кратка содржина (Внимание, спојлер!)

Дејството се одвива на Кавказ на почетокот на XIX век. Руската империја испраќа војска да се бори против спорадични групи на непокорните локални заедници.

Илустрација на В. А. Пољаков за романот на М. Ј. Лермонтов „Херој на нашето време“.

Книгата се врти околу главниот лик, младиот царски офицер Григориј Александрович Печорин, но во настаните се опишуваат и многу други различни ликови.

Григориј Печорин е млад офицер кој по казна е прекомандуван на Кавказ. Тој е паметен и образован, но со конфликтен карактер. Разочаран е од животот и е во потрага по силни емоции.

Една ноќ гледа слепо момче кое оди некаде и тргнува по него. Открива дека момчето е поврзано со криумчари, па им се заканува дека ќе ги пријави, поради што тие се обидуваат да го убијат. Не успеваат во тоа и затоа исчезнуваат, оставајќи го момчето.

Потоа Печорин оди во бања каде што од досада решава да го освои срцето на една млада жена по име Мери. Неочекувано, во бањата се појавува и поранешната љубовница на Печорин и тој почнува да се гледа со неа и во исто време да ѝ се додворува на Мери за на тој начин да ја скрие својата врска со мажена жена. Мери се вљубува во Печорин, а од друга страна, во неа е вљубен поранешен колега на Печорин. Тој шири гласини за главниот лик и овој го убива во двобој. На крај Печорин ја отфрла Мери и ја остава со скршено срце, по што добива прекоманда на Кавказот, како казна за учеството во двобојот.

Илустрација на В. А. Пољаков за романот на М. Ј. Лермонтов „Херој на нашето време“.

На Кавказ Печорин се спријателува со капетан во чија единица е прекомандуван. Таму се вљубува во една млада и убава Черкезинка по име Бела. Постигнува договор со помладиот брат на Бела да ја добие Бела во замена за коњот што е украден од воинствениот Черкез Казбек. Бела на тој начин му станува љубовница на Печорин, но брзо му здосадува, така што и неа почнува често да ја остава со скршено срце.

Во негово отсуство воинствениот Казбек се обидува да ја грабне Бела и притоа смртно ја ранува. Девојката му умира на Печорин на раце, а главниот лик добива нова прекоманда.

На новото место колега на Печорин една вечер во друштво си ја предизвикува судбината со помош на руски рулет. Сака да докаже дека судбината постои и никој не може да умре пред денот кога му е судено да умре. Така тој си го вперува пиштолот во слепоочницата и го повлекува чкрапалото, но пиштолот не испукува. Меѓутоа, главниот лик и понатаму тврди дека офицерот ќе умре тој ден бидејќи тој, Печорин, го гледа „печатот на смртта“ на неговото лице. И навистина, офицерот истата вечер е убиен од пијан Козак на пат кон дома. Самиот Печорин ја искушува својата судбина и го ризикува својот живот за да го фати убиецот. И останува жив.

Илустрација на В. А. Пољаков за романот на М. Ј. Лермонтов „Херој на нашето време“.

Печорин и неговиот пријател се разделуваат, а кај капетанот останува дневникот на главниот лик. Подоцна, кога случајно се сретнуваат, капетанот сака да му го врати дневникот, но Печорин е на пат за Персија и не сака да комуницира со својот стар другар. Заминал без збогум.

Толкување

Илустрација на В. А. Пољаков за романот на М. Ј. Лермонтов „Херој на нашето време“.

Ремек-делото на Лермонтов ја опишува деструктивната сила на човечкиот егоизам и нихилизам. Печорин поседува одреден шарм, но е прикажан како одбивна личност. Оптоварен е со својата ароганција и индивидуализам, а не сака да го надмине ни едното ни другото.

Каде и да се најде, тој го нарушува нормалниот тек на животот на луѓето во таа заедница, често со драматични, па дури и фатални последици. Од чиста љубопитност им ги „побркува сметките“ на криумчарите така што тие мораат да побегнат оставајќи го слепото момче, и со самото тоа момчето е осудено некако само да преживее. Од лични интереси ѝ го крши срцето на една млада жена и го убива човекот кој, за разлика од Печорин, навистина бил вљубен во неа. На крајот несакајќи ја предизвикува смртта на жената која го сака. Каде и да отиде, Печорин зад себе остава хаос.

Илустрација на В. А. Пољаков за романот на М. Ј. Лермонтов „Херој на нашето време“.

Лермонтов прикажува лик за кој вели дека е олицетворение на пороците на своето време, нагласувајќи ја актуелноста на својата книга за современиот читател. Писателот смета дека читателите не треба да се клукаат со сладникави приказни со среќен крај, туку животот треба да се прикажува онаков каков што навистина е. Оттука и насловот на книгата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња