Кратко резиме на романот „Ана Каренина“ од Лав Толстој

Култура
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Ако некој сака да остави впечаток на образована личност, треба да го знае дејствието и смислата на познатата љубовна драма, најпознатата по Ромео и Јулија.

„Сите среќни семејства наликуваат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“. Тоа е познатата реченица со која Лав Толстој го започнува својот роман. Читателот не се запознава веднаш со главниот женски лик, туку прво со нејзиниот брат Стива. Излегува дека тој ја изневерува сопругата, поради што сé е нарушено во нивното идилично семејство со пет деца.

Ана Каренина патува од Санкт Петербург во Москва за да им помогне на сопружниците да се помират, и навистина успева во тоа. Сопругата на Стива, следејќи го советот на Ана, му простува на сопругот, како ништо да не се случило.

Меѓутоа, на железничката станица Ана го сретнува младиот и убав офицер Алексеј Вронски. Од тој момент тој постојано мисли на неа... Ана повеќе не чувствува љубов кон сопругот (кој е многу постар од неа), здодеан ѝ е животот во високото друштво, не ѝ носи радост ни 8-годишниот син. Во такво расположение, Каренина ќе се заинтересира за Вронски.

Нивната љубовна врска станува толку страсна што целото високо општество го гледа тоа и го осудува. И сопругот на Ана ја моли сопругата да се однесува малку поскромно... По првата ноќ што Каренина и Вронски ќе ја поминат заедно таа чувствува дека направила лошо дело и сфаќа дека од тој момент тие двајца се засекогаш врзани еден за друг.

Вронски ѝ предлага на Ана да го остави сопругот и да се омажи за него. Господинот Каренин, меѓутоа, не дава согласност за развод и ја „казнува“ неверната сопруга со тоа што ќе се пресели на друга адреса и ќе го земе со себе синот.

И Вронски западнува во непријатна ситуација. Ако отворено се среќава со Ана ќе мора да ја напушти службата, а нему му се допаѓа неговата положба во општеството и начинот на живот (како и вниманието што му го укажуваат жените). Конечно, Ана ќе му роди дете на Вронски, што го принудува да ја напушти воената служба. Таа е веќе во хистерична состојба, уморна е од сите тие лаги, од осудите на општеството и проблемите со сопругот. Каренина е несреќна, а Вронски е исцрпен од нејзината хистерија и бескрајното приговарање. На крај Ана се фрла под воз. Вронски се обидува некако да „исплива“ од сите проблеми и доброволно оди во војна, а господинот Каренин ја презема грижата за нивното дете.

Каква порака содржи романот?

Толстој е познат по промовирањето на моралните вредности, а во неговиот вредносен систем прељубата е најголемиот грев. Во неговите подоцнежни романи и есеи тој продолжува да ја развива оваа тема и тврди дека тоа е еден од најголемите проблеми во општеството.

Критичарите се убедени дека Толстој ја „казнува“ Ана со сурова смрт. Тој ја осудува што го напуштила синот заради љубовна врска и затоа што страста ѝ била поважна од семејните вредности. Од друга страна, нејзиниот сопруг, господинот Каренин, на прв поглед делува малку одбивно, но всушност е човек со висок морал. 

Друга важна линија на заплетот, спротивна на линијата на Каренина, е посветена на Константин Левин (за кој се смета дека е алтер егото на Толстој). Тој е одговорна личност, среќен е кога се грижи за својот имот и земјата, па дури и ја коси тревата заедно со своите кметови (патем, ова е детаљ од биографијата на Толстој). Тој се вљубува во една млада девојка по име Кити. Отпрвин таа е вљубена во Вронски, но искреноста на Левин, очигледно, ѝ значи повеќе. Конечно се венчаваат и живеат среќно (за разлика од „токсичната“ врска на Каренина и Вронски).

Романот е полн со комплицирани чувства и емоции кои можат да се толкуваат на повеќе начини. „Ана Каренина“ спаѓа меѓу најпопуларните руски книжевни дела. Оваа книга влијаеше на многу други писатели и доживеа десетици екранизации низ целиот свет.