Кој е Кашчеј Бесмртниот, главниот негативец во руските сказни?

Култура
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Еден од најнегативните ликови е претставен како сув старец кој на измама граба млади убавици.

Во речиси секоја руска народна сказна е присутен демонски елемент, т.е. лоша сила против која се бори главниот лик. Често тоа е страшен змеј (троглавиот Змеј Горинич) или зол волшебник (Кашчеј Бесмртниот).

Кој е Кашчеј?

Ликот по име Кашчеј (или Кошчеј) Бесмртниот се среќава во многу руски сказни, и народни и авторски. Од народните најпознати се „Принцезата-жаба“, „Марја Моревна“ и „Кашчеј Бесмртниот“, а од авторските - поемата „Руслан и Људмила“ од Александар Пушкин. Понекогаш изгледот и карактерот на Кашчеј варираат, но она главното никогаш не се менува - тој е злобен старец кој поседува натприродна моќ. Тој е лукав и подмолен, може да лета, да раскине секакви окови и да користи црна магија. Понекогаш јава на магичен коњ.

Главното злосторство што Кошчеј го прави во сказните е киднапирањето на млада убавица. Страшниот старец фрла магија на своите жртви и ги намамува во ропство со помош на измама и црни магии. Понекогаш Кашчеј може да ѝ вети на убавицата многу злато ако таа се согласи да му биде жена. По правило, на девојките секогаш им доаѓа на помош млад витез, а во борбата против најголемото зло нему му помага секој што витезот ќе го сретне на својот пат, вклучително и животни од бајките.

Само во една бајка е обратно – самиот Кошчеј е заробен. Го заробува и оковува младата девојка-воин Марја Моревна, но Кашчеј успева да се ослободи со измама.

Зошто се вика Кашчеј Бесмртниот?

Кошеј изгледа како мумија што оди. Тој е толку слаб што старите Словени го замислувале како жив труп чии коски штракаат. А зборот „кашчеј“ најверојатно доаѓа од зборот „коска“. Во разни сказни Кашчеј не јаде и не пие многу долго време (понекогаш дури и по триста години!). Се наоѓа некаде на границата помеѓу светот на живите и светот на мртвите, и затоа не е ниту целосно жив ниту целосно мртов.

Друга верзија на потеклото на зборот се однесува на туранскиот збор што значи „заробеник, роб“. Во ова својство „кашќеј“ се појавува во „Слово за походот Игорев“, споменик на старата руска книжевност од XII век. Затоа и во сказните тој ту некого ќе одведе во ропство, ту некој ќе го зароби.

Каде живее Кашчеј?

Најчесто живеалиштето на Кашчеј е злокобен мрачен и студен дворец или дворец што се наоѓа многу, многу далеку, „преку девет земји“, како што често се вели во руските сказни. Многу е тешко да се стигне до тоа место, не може секој да го најде, и витезот наидува на секакви препреки и магични замки на патот. На тој пат добриот јунак може целосно да го измори коњот или да изаби неколку пара железни чизми.

Кашчеј чува неборено благо во дворецот, но самиот е крајно скржав и воопшто не го користи своето богатство, туку само го чува и се грижи за него. Како што напиша Александар Пушкин: „царот Кашчеј над златото венее“.

Еквивалент на Аид

Во словенската митологија постоело темно божество наречено Карачун. Тоа е зол дух од долниот свет, господар на студот, темнината и светот на мртвите. Истражувачот на словенската митологија Лилија Алексеева смета дека Кашчеј е една од фолклорните верзии на Карачун, древниот демон. „Се претпоставува дека Словените го третирале како зимско божество кое ги зачувало карактеристиките на олицетворение на смртта“, пишува Алексеева.

Бајковитиот Кашчеј, како и митскиот Карачун, наликуваат на Аид, старогрчко божество на подземниот свет. Тие, исто така, намамуваат други ликови во нивното дувло, а да се стигне до таму значи да се премине линијата на реалниот свет без можност за враќање. Витезот во руските сказни, слично на Орфеј, оди во страшното подземно царство за да ја спаси својата Евридика.

Дали е навистина Бесмртен?

Кашчеј се вика Бесмртниот, но сепак може да биде убиен, иако тоа е мошне тешко. За да го победи главниот негативец и засекогаш да се ослободи од него, јунакот мора да ја скрши маѓепсаната игла што се наоѓа во јајце, а јајцето се наоѓа во патка, патката во зајак, а зајакот во скриено ковчеже под даб на остров среде морето...

Истражувачот на фолклорот Владимир Проп смета дека таквата „смрт“, која постои одделно, е поврзана со древните претстави за човечката душа. „Душата се доживува како независно битие кое може да живее надвор од човекот. Не е ни задолжително човекот да умре за да се оствари тоа. И жив човек може да има душа надвор од себе, или една од неколкуте души. Тоа е таканаречената надворешна душа, bush soul. Токму таква душа има Кашчеј“, пишува Проп во својата книга „Историски корени на магичната сказна“.

Кашчеј во современата култура

Злобниот старец стана популарен лик во цртаните филмови и адаптациите на руските сказни. Георгиј Миљар е најпрепознатливиот „Кашчеј“ на советската кинематографија. Ја игра главната улога во филмот „Кашчеј Бесмртниот“ од 1944 година. Миљар не мораше специјално да се подготвува за улогата на слабиот старец. Имено, филмот е снимен за време на Втората светска војна, а актерот се заразил со маларија при евакуацијата во Душанбе, па по болеста наликувал на „жив костур“, како и неговиот лик. „Имав 45 килограми со сé длабоки чевли“, се шегуваше Миљар.

Филмот беше премиерно прикажан на 9 мај 1945 година во преполно кино. Победата над Кашчеј како замислено зло ја симболизираше и победата над нацистите кои беа реално зло.

Подоцна Миљар го играше Кашчеј и во други советски филмови, на пример „Оган, вода и... бакарни труби“ од 1967 година (каде што ликот на Кашчеј е, додуша, комичен). Интересно е што во истиот филм Миљар ја играше и волшебничката Баба Јага, што е негова втора култна и препознатлива улога.

Ликот на Кашчеј се појавува во над 20 филмови, а еден од најновите е трилогијата „Последниот витез“, каде Кашчеј го игра актерот Константин Лавроненко, кој често глуми негативци и во други филмови. Според замислата на режисерот, овде Кашчеј е лукав, но сепак им помага на позитивните ликови во заедничката борба против уште поголемото зло.

Рускиот анимиран филм „Кашчеј. Крадец на невести“ излезе во 2022 година. Во него злобен волшебник веќе стотици години неуспешно бара девојка која ќе ја земе за жена.

Кашчеј (Koschei) се појавува и во популарната серија на Би-Би-Си „Доктор Ху“. Тоа е, всушност, вистинското име на Господарот, мрачниот злосторник и противник на Докторот. Во филмот тој е господар на времето, а покрај тоа, секогаш се појавува повторно, дури и кога сите мислат дека загинал.