- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
Русите кои од неодамна почнаа да доаѓаат во православните храмови се изненадени што толку лошо го разбираат јазикот на кој се врши богослужбата. Некои верници дури се залагаат Руската православна црква да премине на современ руски јазик во богослужбата, како што направија католиците (тие во ХХ век се откажаа од богослужбата на латински и преминаа на националните јазици). Други, напротив, наоѓаат посебна смисла и убавина во звукот и нијансите на смислата на црковнословенскиот јазик. Каков јазик е тоа и како стана важен елемент на руското православие?
Црковнословенскиот и неговите верзии
Црковнословенскиот е директен „наследник“ на старословенскиот, првиот книжевен словенски јазик на кој се пишувани книги на глаголица и кирилица, а тие букви ги создадоа во IX век браќата Константин (Кирил) и Методиј заедно со нивните ученици врз основа на солунскиот дијалект. Иако е во прашање јужнословенски јазик, тој сепак бил разбирлив за Западните и Источните Словени. Зачувани се голем број пишани споменици од IX и X век. Меѓутоа, како што минувало времето, единствената старословенска традиција на пишување литургиски текстови постепено се разводнувала и добивала елементи на оние словенски дијалекти кои природно им биле својствени на препишувачите на книги. Така, од почетокот на XI век почнале да се формираат локални верзии (редакции) на црковнословенскиот јазик.
Во историјата на тој јазик славистите ја издвојуваат моравско-чешката редакција на црковнословенскиот (постоела до забраната воведена од Католичката црква во 1097 година), хрватската редакција (ја користеле хрватските католици „глаголичари“ до почетокот на ХХ век), македонската, српската и бугарската редакција (оваа традиција исчезнала поради турската наезда во XIV и XV век), киевската (доминирала на југозападните територии на Големото кнежевство Литванија од XIV до XVII век) и белоруската (западноруските земји на Големото кнежевство Литванија и Државната заедница на Полска и Литванија, од XIV до XVIII век), а покрај тоа, во Молдавија и Влашка постоела сопствена редакција од XIII до XIX век.
Руската православна црква кон средината на векот користела две редакции: староруска (присутна во сите земји на Стара Русија од XI до XIV век) и старомосковска (од XIV до XVII век на територијата на северозападна Русија, Московско кнежевство и Руското царство). Од присоединувањето на Левобрежната Украина кон Русија во 1654 година, киевската црковнословенска традиција почнува да се зближува со московската. Згора на тоа, во Русија книгите почнуваат да се уредуваат според киевскиот и лавовскиот модел, што бил еден од факторите кои го предизвикале црковниот раскол. Имено, еден дел од свештениците и паствата не ги прифатиле реформите и останале верни на старомосковската редакција (која сé уште ја користат руските старообредници). Канонската РПЦ преминала на новата синодска или новоцрковнословенска редакција која настанала со синтеза на киевската и старомосковската редакција.
Во XVIII век во Руската империја синодската редакција ги потиснала локалните редакции на присоединетите територии на денешна Белорусија и Украина, и истовремено станала јазик на Српската и Бугарската православна црква под турска власт, а и денес овие две Помесни цркви, заедно со МПЦ-ОА ја користат токму таа руска синодска редакција.
Како да се разбере црковнословенски текст?
Црковнословенскиот јазик е поблизок до рускиот од неговиот претходник старословенскиот, но сепак се работи за сосема поинаков јазик, исклучиво книжевен и цврсто поврзан со религиозната сфера. Тешко дека ќе можете да се снајдете со црковнословенските текстови без специјална обука (т.е. без практика на читање богослужбена литература на овој јазик паралелно со превод на руски и/или без проучување во рамките на специјален курс).
Црковнословенското писмо има 40 кирилични букви, при што со буквите се обележуваат и цифри, има изобилство дијакритички знаци (различни акценти, титли, спирити итн.), а неговата граматика е многу потешка од руската (четири типа на деклинација и двојност, четири минати времиња). Покрај тоа, и црковнословенската синтакса е потешка, што е карактеристично за повеќето стари книжевни јазици.
Како рускиот јазик се ослободувал од црковнословенскиот
За време на своето илјадагодишно присуство на територијата на Русија, црковнословенскиот јазик коегзистирал според принципот на сврзани садови со рускиот (односно старорускиот во средниот век), т.е. со јазикот на кој и зборувале нашите предци, но и пишувале текстови од световен (граѓански) карактер, користејќи ја веќе познатата црковнословенска кирилица.
Бидејќи бил престижниот јазик на Црквата, црковнословенскиот заземал централно место во животот на средновековниот човек, ги имал сите функционални „инструменти“ што треба да ги поседува еден книжевен јазик и неминовно имал огромно влијание врз пишаниот руски (т.е. народниот јазик). Таа необична книжевна диглосија (двојазичност) фактички траела до XVIII век. Важен историски момент во таа смисла била реформата на рускиот јазик спроведена од Петар Велики во 1710 година, кога за рускиот јазик наместо црковнословенската азбука била воведена специјална „граѓанска“ графика во која кириличните букви биле дизајнирани според западната латиница. Таквите зборови веќе личат на модерното руско писмо. Оваа реформа овозможила модернизација на печатењето на руски книги со интензивна употреба на странски печатарски машини. Познатиот руски научник М. В. Ломоносов во 1758 година во неговите стихови „За користа на црковните книги во рускиот јазик“ ја формулирал „теоријата на трите штиља“ (три стила). Тој предложил да се прави разлика меѓу „руската“ и „словенската“ лексика и втората да се прогласи за висок „штиљ“, и со неа да се пишуваат само херојски поеми, оди и „прозаични беседи за важни теми“. Според Ломоносов, другите, „пониски“ жанрови би требало да се исчистат од лексичките и граматичките „словенизми“.
По стилската реформа на Ломоносов, била забрзана појавата на современиот руски јазик, за што придонело творештвото на А. Н. Радишчев, Г. Р. Державин, Н. М. Карамзин и Д. И. Фонвизин во втората половина на XVIII век. До голем пробив во тој процес дошло веќе во првата третина на XIX век, кога се појавиле делата на А. С. Пушкин и А. С. Грибоедов, во кои рускиот јазик се чисти од неконтролираните заемки од црковнословенскиот и станува токму оној јазик на кој подоцна се создавала класичната руска литература од XIX и XX век. Што се однесува до црковнословенскиот, тој со тоа навистина изгубил дел од функциите што претходно ги имал како еден од двата книжевни јазика на Русија, но сé до 1917 година постоел како предмет во гимназиите и училиштата на Руската империја.
Па сепак ние и денес често „зборуваме“ црковнословенски...
И покрај навидум конечниот „развод“ на двата јазика во XVIII век, современиот руски е буквално проткаен со црковнословенизми. Некои граѓани на Русија кои некогаш добро ја совладале училишната програма ги доведуваат црковнословенизмите во врска со тешкиот стил на поетите од XVIII век или со стиховите на Пушкин „Пророку, стани, мотри, внемли, исполнет со мојата волја биди...“, т.е. со зборови кои денес се доживуваат како застарени и надмени. Меѓутоа, и многу други зборови од современиот руски јазик, кои денес се во многу широка употреба, се исто така со црковнословенско потекло: праздник, среда, сладкий, прибрежный (крајбрежен), здравоохранение (здравство), одежда, надежда, страна (земја), помощь (помош), равный (рамен), единый (еден, единствен), разумный, прекрасный, восстание, жизнь (живот), гражданство (државјанство), власть, вред (штета), пещера (пештера), изделие (производ), вратарь (голман), град (град – врнеж), хранить (да чува), охрана (обезбедување), па дури и одделни груби зборови, на пример денес многу популарниот израз „мразь“ (неранимајко, ѓубре) и многу други. Дури и морфемите можат да бидат црквенословенски. Сите зборови со префиксите из-, воз-, низ-, во-, со-, пре-, пред- и чрез- и зборовите кои завршуваат на -ствие, -ие и -ыня, како и суфиксите на партиципот -ащ (-ящ), -ущ (-ющ). Благодарение на повеќевековната црковнословенско-руска двојазичност тие јужнословенски заемки се адаптирале во рускиот јазик и денес се негов неразделен и органски дел.