Зошто во руските цркви и понатаму богослужат на црковнословенски?

Игор Палкин/Sputnik
Дури и ако совршено знаете руски, може да се случи да не разберете многу работи кога ќе одите на служба во руски храм .
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Веќе илјади години дури и фрагменти од Евангелието во руските храмови се читаат на церковнословенскиот јазик, кој е многу убав но истовремено и многу чуден за современото руско уво јазик. Каков е тој јазик и зошто Руската православна црква (РПЦ) никако не сака да се оттргне од него?

Од каде е дојден црковнословенскиот

Црковнословенскиот јазик во текот на илјада години за православните Словени има речиси исто значење како латинскиот за католиците. Всушност тој е наследник на старословенскиот, првиот писмен словенски јазик што во 9 век го создале браќата Константин (Кирил) и Методиј. Без оглед на својата јужнословенска природа, овој јазик во тој момент бил исто така разбирлив и за Источните и за Западните Словени.

Сепак, единствената старословенска традиција за пишување на богослужните текстови постепено избледувала, збогатувајќи се со елементи од оние словенски дијалекти кои биле родни за препишувачите на книгите. Како резултат на тоа во 10-11 век започнало формирање на локални верзии (изводи) на црковнословенскиот јазик (во различни историски периоди низ целиот словенски свет ги имало околу осум).

Денешната варијанта на црковнословенскиот (кој уште се нарекува и новоцрковнословенски и синодален извод) е создадена во 17 век по пат на синтеза на киевскиот и на старомосковскиот извод.

Без оглед на тоа што современиот црковнословенски според некои системски црти е поблизок до рускиот одошто неговиот претходник – старословенскиот, тој, сепак, е поинаков, јужнословенски по потекло јазик, при што е исклучиво литературен и е силно поврзан со религиозната сфера. Без специјална подготовка (читање на богослужната литература на него со руски превод и/или специјален курс за негово изучување), тешко ќе можете да се ориентирате во црковнословенските текстови.

Се разбира, малкумина православни верници во Русија навистина добро го знаат црковнословенскиот јазик (за оние што сакаат при црквите се организираат бесплатни курсеви за негово изучување). Сепак, поголемиот дел парохијци на службите ја разбираат смислата, благодарение на постојаното повторување на текстовите (доволно е да се прочита рускиот потсетник-превод за службата неколку пати и смислата на она што се кажува да се запомни). Освен тоа, на црковнословенски се кажува само текстот на службата (а, исто така се издаваат и книги), проповедите, пак, и исповедите свештениците ги водат на современ руски јазик.

Зошто Руската православна црква не преминува на руски?

Не може да се каже дека прашањето за премин на современ руски јазик во богослужните текстови не се покренувал во црковните кругови. Иницијаторите за решавање на овој проблем говореа за тоа дека откажувањето од неразбирливиот јазик ќе ја направи РПЦ попривлечна за младото поколение и ќе ја направи попопуларна. Како аргумент се дава искуството на Католичката црква која во 20 век се откажа од латинскиот и премина на богослужби на националните јазици.

„Дискусијата за јазикот на богослужбата во Русија има долга историја. На почетокот на 20 век исто така постоеле различни мислења. Прашањето се разгледувало и на Помесниот собор во 1917-1918 година, но револуцијата не дала можност да се донесе конечно решение на започнатата дискусија“, вели протојереј Николај Балашов, заменик на претседателот на Одделението на надворешни црковни врски на Московската патријаршија, член на Меѓусоборното присуство на Руската православна црква.

Во 2011 година беше спроведено и социолошко истражување кое покажа дека руското општество е поделено приближно на половина во однос на прашањето на потребата од премин на службата на современ руски јазик.

Сепак, како што велат претставници на Црквата, прашањето за откажувањето на оваа непрекината илјадагодишна традиција на богослужење на црковнословенски не е на агендата на РПЦ. РПЦ се придржува кон ваквата гледна точка зашто смета дека откажувањето од црковнословенскиот јазик со себе носи повеќе недостатоци, одошто позитивни нешта. Така, управителот со работите на Московската патријаршија епископот Зеленоградски Сава (Тутунов) изјави дека „нашиот народ е навикнат на определена богослужба со определен јазик и преминувањето на современ руски јазик за богослужење во храмовите во Русија повеќе ќе служи како антимисионерски елемент кој многумина, веројатно, ќе ги оттргне“.

За илјадагодишната практика јазикот на службата самиот по себе има добиено сакрално значење, кога звучењето на црковнословенскиот збор со себе носи нешто повеќе одошто непосредниот превод на современ руски јазик.

„При превод (на современ руски јазик) многу богословски нешта кои се определени и јасни на црковнословенски јазик можат да станат тешки за превод, при преводот може да се изгуби богословската содржина на еден или на друг текст. Зборот кој на еден јазик е поврзан со мошне јасни богословски поими при превод на друг јазик (на пример на секојдневен руски) ќе ги изгуби сите тие врски. И тоа е суштински проблем, ние ќе ги обединиме богословието и богослужбата доколку не го земеме превид овој аспект“, заклучува епископот. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња