„Во стилот на Рубенс”: Руската бања на слики

Култура
RUSSIA BEYOND
За странците „бањата” или руската сауна е главната руска разонода. За Русите таа е нешто сосем вообичаено, макар и понатаму таинствено и привлечно, што своето место го пронаоѓа на сликите на многу уметници.

Василиј Перов: Пред моминска вечер. Изведување на невестата од бања, 1870.

Бањата имала посебна смисла за Русите, на капење и парење се одело само во одредени денови и притоа постоеле правила. Еден од најважните поводи за одење в бања била претстојната свадба. Покрај тоа, в бања луѓето понекогаш поминувале половина ден јадејќи и пиејќи. На сликата на Перов гледаме жени кои под рака водат разнежнета невеста која во своето мечтаење дури и го заборавила својот врзоп со облеката.

Казимир Малевич: Во бања, 1910-11.

Дури и творецот на супрематизмот и „Црниот квадрат“ имаше своја интерпретација на бањата. Веќе на овој цртеж, на обична секојдневна тема уметникот го бара својот стил и си игра со формите, откажувајќи се од точното пренесување на реалноста.

Зинаида Серебрјакова: Бања, 1913 година.

Амазонката на руската авангарда на модернистички начин, карактеристичен за нејзиното време, ги поетизира женственоста и женските форми. Жените на нејзината слика се обични селанки и секоја од нив 11 е зафатена со својата работа. За ова прилично импозантно платно со димензии 135 × 174 см, на кое сликарката работела две години, таа претходно направила голем број скици.

Борис Кустодиев: Руска Венера, 1926.

Називот на сликата кажува сé. Кустодиев, најважниот сликар на секојдневието на трговските семејства во Русија, го прикажа идеалот на руската убавина на почетокот на 20 век.

Александар Герасимов: Селска бања, 1938.

„Дворскиот“ сликар на Сталин е автор на легендарни советски слики како „Ленин на говорница“ и „Сталин и Ворошилов во Кремљ“. Меѓутоа, тој има и „неофицијални“ дела, на кои се одразува неговиот сликарски талент. Една таква слика е оваа жанровска сцена во бања, во која сите женски фигури личат на Рубенсовите.

Аркадиј Пластов: Пролет, 1954.

Во советската официјална уметност практично немаше прикажување на голотија. Затоа, сликата на Пласт е многу храбар експеримент. На големо платно со димензии 210 × 123 см, гола девојка облекува девојче по капење в бања.

Владимир Стожаров: Бања. Жена што пере облека. Етида. 1960.

Кај Стожаров, кој на своите слики го бележеше секојдневието на рускиот живот, покрај храмови, рурални сцени и мртва природа со руски традиционални обувки (лапти), има и серија етиди на тема бања. Жените на тие слики не се еротични и се занимаваат со обични работи: си ја мијат косата, седат во едноставни пози или перат облека.

Фјодор Самусев: По бања. 1960. 

За многу советски уметници сижеата од бања беа добра причина да вежбаат сликање голо човечко тело. Како по правило, студентите на уметничките академии ја обработуваа и темата на бањата.

Алексеј и Сергеј Ткачеви: Во бања, 1974.

Браќата Ткачеви насликаа цела серија работи на тема бањата зиме и лете, сликаа луѓе после бања кои се тријат со снег или лежат во сауна. На оваа слика е прикажано класично сиже: жена капе дете во бања.

Јуриј Пенушкин: Од бања, 1975.

Уметникот го поминал своето детство кришум гледајќи како загреаните жени излегуваат од бањата, црпат вода и се враќаат. Затоа тој го нарекол овој чин едноставно „руско чудо“.