Познати руски бајки во ЛЕГО коцки (ФОТОГРАФИИ)

@biziaev.artem
Секоја недела руски илустратор создава нов концепт на комплет од ЛЕГО коцки според мотиви од рускиот фолклор.

Илустраторот Артјом Бизјаев од Санкт Петербург отвори профил на „Инстаграм“, каде секоја недела објавува нови концепти за комплет ЛЕГО коцки инспирирани од популарните руски бајки.

Едно од неговите први дела беше комплетот поврзан со бајката „Морозско“, во кој се зборува за средбата на сиромашната девојка Настењка со Морозко, главниот дух на руската зима. Комплетот содржи зимски замок од бајките, Настењка и Мороско во кочии влечени од три бели коњи.

Вториот комплет е посветен на словенскиот шумски дух наречен Старичок-Боровичок.

„Боровичок е шумски дух кој е „задолжен“ за печурките и бобинките. Тој и самиот личи на печурка затоа што носи огромна кафеава капа на главата. Покрај тоа, има и волшебна флејта што му помага да ја негува ниската шумска вегетација“, објаснува Артјом во описот на својата работа.

Авторот посвети едно дело на бајката за „глупавиот Емелја“. Тој низ отвор направен во мраз случајно фатил штука што зборува, а таа му ги кажала тајните зборови што ја исполнуваат секоја желба кога ќе бидат изговорени.

„И сега тој се весели возејќи се на печка по улиците покриени со снег и плашејќи ги минувачите“, пишува Артјом.

Во следниот комплет Бизјаев направи сцена од поемата на Александар Пушкин „Руслан и Људмила“ во која Руслан се среќава со глава на џин и наоѓа магичен меч со кој победува волшебник и ја спасува киднапираната Људмила.

Комплетот со шатор и воинствената принцеза што носи меч е посветен на бајката за Марија Моревна. Во бајката, сопругот на Марија, принцот Иван, случајно го ослободува злобниот волшебник Кашчеј Бесмртниот, а тој ја киднапира Марија. Принцот Иван прави се за да ја спаси жената од канџите на Кашчеј, но, судејќи според концептот, таа и самата е кадарна да се одбрани.

Засега последниот комплет на Артјом го покажува Кашчеј Бесмртниот, истиот оној волшебник кој краде свршеници и жени.

„Тој изгледа како сувичок старец, но има голема сила и вешто умее да се претвори во нешто друго. Сите мислат дека е бесмртен, но сепак може да биде убиен од оној што ќе ја изврши следната задача - кој ќе го пронајде островот Бујан, ќе стигне до Црната карпа, ќе исече стар даб, ќе го симне сандакот што е со ланец закован во неговата крошна, ќе го фати зајакот што седи во сандакот, а потоа патката што седи во зајакот, ќе го скрши јајцето на патката и ќе ја скрши иглата извадена од тоа јајце“, вака го опиша Бизјаев овој јунак од руските бајки.

Артјом во јануари 2021 година на веб-страницата LEGO IDEAS објави концепт посветен на темата Баба Јага, познатата злобна хероина од словенските бајки. Според условите на конкурсот на овој сајт, делото мора да собере 10000 гласови и тогаш компанијата ќе ја разгледа можноста за правење и пуштање во продажба на тој комплет.

Баба Јага го собра потребниот број гласови за десет дена. Бизјаев вели дека резултатите од конкурсот ќе бидат познати во септември 2021 година.

Повеќе за тоа прочитајте во текстот: Погледнете идеја за ЛЕГО комплети според мотиви од руските бајки (ФОТО)

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња