Уметникот од Санкт Петербург Артјом Бизјаев објави на сајтот Lego Ideas концепт за комплет коцкички според мотиви на руските бајки.
Главната хероина на комплетот е вештерката Баба Јага со својата позната колиба на кокошкини нозе и столб за лет. Во ентериерот на куќата има печка, секира и садови за подготовка на волшебни напитоци.
„Сакам да ви го претставам најпознатиот, најхаризматичниот, најомилениот лик на словенските народни бајки! Тоа е Баба Јага. Немојте да ве збуни нејзиниот застрашувачки изглед. Иако е многу непријатна, Баба Јага е правична и подготвена да им помогне на патниците кои ќе навлезат во нејзината шума“, напиша Артјом во описот на проектот.
Покрај Баба Јага, Артјом ги вклучи во комплетот и Василиса Прекрасна, убавицата од руските бајки, мачорот Бајун, кој ги успива луѓето со своите песни и приказни, и жабата Вова. Во многу руски бајки жабите се всушност маѓепсани принцези, но авторот на проектот истакнува дека Вова е сепак само обична жаба.
Според зборовите на Бизјаев, првично проектот изгледал поавтентично: во декорот на колибата имало многу повеќе коски и черепи (кои на Баба Јага ѝ остануваат од помалку среќните посетители), но за „Лего“ таквиот декор бил премногу „морничав“.
„Исто така, во програмата „Блендер“ ја направив канонската Баба Јагина фризура, но правилата на конкурсот забрануваат да се користат уникатни детали“, напиша Бизјаев на својот профил на „Твитер“.
16 часа по објавувањето комплетот собра 10 илјади гласови и сега „Лего“ треба да ја разгледа можноста новите коцкички да се најдат во понудата.
Подоцна Бизјаев напиша дека Lego ја испратил неговата работа на проверка откако го собрала потребниот број гласови.
„Лего“ се сомнева дека сето тоа го извеле Злобните Руски Хакери и проверува дали сé било чесно. Лол. Варјазите тргнаа во инвазија на Данска“, напиша уметникот. Во времето кога беше напишан овој текст сé уште немаше информации за резултатите од проверката ниту на сајтот на „Лего“ ниту на профилот на Бизјаев.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче