Кои руски писатели ја имаат добиено Нобеловата награда за литература?

Протераниот руски писател Александар Солженицин на доделувањето на Нобеловата награда во Стокхолм, 10 декември 1970 година.

Протераниот руски писател Александар Солженицин на доделувањето на Нобеловата награда во Стокхолм, 10 декември 1970 година.

AFP
Определени одлуки на Шведскиот комитет веројатно биле политички мотивирани, но романите на тие автори сепак вреди да се прочитаат. Еве петмина Руси кои имаат добиено Нобелова награда за литература.

1. Иван Бунин (1933)

Иван Бунин е првиот Русин кој ја има добиено Нобеловата награда за литература. Во таа смисла го има победено својот главен ривал – Максим Горки, пролетерски писател и миленик на Сталин.

Семејството Нобел долго живеело во царска Русија. Ним во 1916 година им припаѓала една третина од руската сурова нафта. Болшевичката револуција, меѓутоа, го принудила Алфред, роднина на Емануел Нобел, да избега од Русија, по што се распаднала целата трговска империја на неговото семејство.

Подоцна во текот на дваесеттите години од минатиот век, додека живеел во Париз, Емануел бил во тесна врска со антисоветски расположените руски емигранти. Еден од нив бил Иван Бунин. Нобел официјално немал големо влијание врз комитетот, но неговите симпатии биле очигледни.

Бунин ја добил наградата „за стриктна уметничка вештина со која ја продолжува традицијата на руската класична проза“. Шведската академија прецизирала дека Бунин е избран „за да ја исчистиме совеста што нѐ мачи зашто ги пропуштивме Чехов и Толстој“.

Сепак, советските медиуми тврделе дека наградата е политички мотивирана, зашто е доделена на „непријателот на револуцијата“. Поради тоа СССР со децении имал негативен став кон Нобеловата награда.

2. Борис Пастернак (1958)

Пастернак ја има добиено наградата „за важни достигнувања, како во современата лирска поезија, така и во областа на големата руска епска традиција“. Неговиот „Доктор Живаго“ му беше претставен на светот наспроти доделувањето на наградата и за првпат беше објавен во Италија, откако беше забранет во Советскиот Сојуз.

Државните медиуми и бирократите во СССР започнаа кампања против Пастернак. Го карактеризираа како предавник на татковината затоа што неговото дел е издадено во странство и затоа што ја добил Нобеловата награда, а тоа е третирано како нешто предавничко и антисоветско.

Пастернак бил принуден да ја одбие наградата, но секако стана персона нон грата во Советскиот Сојуз. Познат е цитатот од еден собир на комунистичките писатели каде се вели: „Го немам читано Пастернак, но го осудувам“. Оваа фраза стана афоризам кој го симболизира сиот идиотизам на цензурата во советската држава.

3. Михаил Шолохов (1965)

Шолохов е автор на епскиот роман „Тивкиот Дон“ во кој се зборува за руското козаштво во времето на Револуцијата и Граѓанската војна. За овој роман често се вели дека е „Војна и мир на 20 век“. Книгата, меѓутоа, беше предмет на многу противречности, како и на конспиролошки шпекулации за тоа дека Шолохов не е нејзиниот вистински автор зашто во другите делови не е одразен толку тенкиот книжевен стил и талент.

Комитетот сепак го избра и му ја додели наградата „за уметничка сила и интегритет со кој во својот донски еп ја изразил историската фаза во животот на рускиот народ“.

Овој пат советската држава немала ништо против наградата. Згора на тоа, властите во 1958 година се обиделе да го промовираат Шолохов како писател. На советскиот амбасадор во Шведска му било наложено да даде на знаење дека СССР ќе биде мошне благодарен ако наградата му биде доделена на Шолохов.

4. Александар Солженицин (1970)

Солженицин е првиот советски писател кој во своите романи отворено зборува за Гулагот. Неговиот „Еден ден на Иван Денисович“ со описот на секојдневието на робијаш во логор, е објавен во 1962 година и стана сензација во СССР.

Солженицин има поминато осум години во Гулаг, а по ослободувањето стана дисидент и борец за човекови права. Во моментот кога ја доби Нобеловата награда, во СССР веќе беше запрено објавувањето на неговите дела.

Наградата ја доби „за онаа морална сила со која непоколебливо ги држи традициите на руската книжевност“. Тоа уште повеќе ја сврти советската власт против Солженицин и неговите „антисоветски“ дејствија. Четири години подоцна беше протеран од земјата и дури тогаш имаше можност да ја добие наградата и парите што одат со неа.

5. Јосиф Бродски (1987)

Бродски уште како дете сонувал за Нобеловата награда. Сакал како поет да биде признаен на меѓународно ниво. Чувствувал клаустрофобија во Санкт Петербург и воопшто во Советскиот Сојуз. Строгата цензура не ги пуштала неговите стихови во печат, тие се ширеле само по пат на самиздат (односно со препишување пречукување, фотографирање или на некој друг начин без дозвола на власта).

Тој бараше можност да ја напушти земјата, па дури и планирал да склопи фиктивен брак со Американка, но му било тешко да се реши на таков чекор. КГБ од него побара да ја напушти земјата пред да го дознае планот. Така замина во САД.

Во Америка рускиот поет реши да го смени јазикот, но неговите стихови на англиски јазик не беа толку успешни. Во САД Бродски стана познат како професор по историја на руската книжевност и како есеист.

Неговиот сон од детството се оствари во 1987 година кога како поет ја доби Нобеловата награда „за севкупното творештво пронижено со јасност на мислите и со поетски интензитет“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња