Пет мрачни култови: Секти кои се забранети во Русија

Getty Images; Reuters; Freepik
На многу секти кои се третираат како екстремистички Русија им ја забрани работата на својата територија. Станува збор за разни заедници, од озлогласени терористички организации од Јапонија до поддржувачи на муфтијата кој реши во својата викендичка да основа мал „Исламски калифат“.

1. Аум Шинрикјо

Асахара Шоко во посета на Москва во 1992 година

Јапонската деструктивна секта Аум Шинрикјо која ја има основано Шоко Асахара во 1984 година проповеда култ на Крај на светот и е добро позната на планетава според морничавиот терористички напад во метрото во Токио во 1995 година кога со помош на сарин се убиени најмалку 12, а можеби дури и неколку десетици луѓе. Многумина не знаат дека сектата Аум Шинрикјо претходно има доживеано процут во Русија, каде беше исто толку голема колку и во Јапонија.

Руските членови на движењето Аум Шинрикјо медитираат во март 1995 година. Водачот на движењето Шоко Асахара чија слика виси на ѕидот, ја посети Русија три години претходно и имаше голем успех во врбувањето нови членови. Подоцна, во 1995 година, сектата изврши терористички напад во метрото во Токио.

Русија го памети искачувањето на јапонскиот култ кон крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години од минатиот век пред споменатиот терористички напад кога оваа секта легално дејствуваше во Јапонија и низ целиот свет. Тогаш сектата Аум Шинрикјо изгледаше како угледна организација. Градоначалникот на Москва Јуриј Лужков дури и се ракуваше со Асахара кога тој дојде да ја посети Москва во 1992 година. Руската информативна агенција РИА „Новости“ пишува дека сектата имала 10.000 приврзаници во Русија каде и купувала оружје за идните напади.

По терористичкиот напад во Токио кога Асахара и неговите соучесници беа фатени и осудени на смрт, рускиот суд го забрани овој култ, но сè до 2016 година ја немаше вклучено Аум Шинрикјо во федералниот список на терористички организации.

2. Јеховини сведоци

Јеховини сведоци во Ростов на Дон

Во Русија имаше околу 160.000 Јеховини сведоци кога во 2017 година оваа христијанска секта беше забранета. Одлуката за забрана беше големо изненадување. Јеховините сведоци не беа познат пример за насилство, но Врховниот суд на РФ сепак пресуди дека станува збор за екстремистичка организација и го забрани дејствувањето на оваа секта во Русија.

Јеховините сведоци се разликуваат од поголемиот број христијани. Тие не веруваат во Светото Тројство, очекуваат дека наскоро ќе дојде крајот на светот и почетокот на последната битка помеѓу Бога и сатаната. Живеат според строги правила. На пример, се забранува служење воен рок и трансфузија. И покрај тоа, многумина се сомневаат дека овој култ е навистина екстремистички. На пример, претседателот на Русија Владимир Путин во декември 2018 година одлуката на судот ја искоментира на следниов начин: „Тоа е ноторна глупост. Тоа треба детално да се истражи“. И покрај тоа, сите заедници на Јеховините сведоци во Русија и понатаму остануваат забранети.

3. Староруска инглистичка црква – Црква на православните староверци Инглинзи

Коловрат Патер Диј Хиневич Александар Јурјевич

Покрај сектите познати во целиот свет кои бројат стотици илјади приврзаници, во Русија на листата на екстремистички организации се наоѓаат и многу поегзотични организации. Една од нив се Инглинзите. Во нивниот назив се споменуваат зборовите „староруски“, „православни“ и „староверци“, но не се ништо од тоа. Оваа неопаганска секта е основана во 1992 година во градот Омск (2.700 километри источно од Москва). Основач е уфологот Александар Хиневич.

Не постои сомнеж дека Хиневич има преземено многу работи од своето претходно хоби кога ја пишувал својата „Библија“, односно книгата „Словенско-аријски веди“. Книгата претставува смеса на идеи за богови кои дошле од вселената за да управуваат со Земјата, древни скандинавски саги (на пример, приврзаниците на Хиневич веруваат дека Ас Гард, градот на боговите, бил на местото каде денес се наоѓа градот Омск), словенски легенди и определени елементи на добриот стар расизам. На пример, Инглинзите забрануваат мешање на раси и сметаат дека белците се виша раса.

Токму поради тоа руската држава не беше фасцинирана од инглизмот и го забрани во 2004 година поради „ширење омраза“. Покрај тоа, Врховниот суд во 2015 година ги смести „Словенско-аријските веди“ во списокот на екстремистичка литература. Судејќи според сè; Хиневич во текот на изминатите 15 години повеќе има контактирано со полицијата одошто со космичките божества.

4. Nobilis Ordo Diaboli

Кузнецов, водачот на рускиот култ Суден ден држи вила додека полицијата стои пред неговата куќа во Никољское.

Оваа организација („Благороден ѓаволов орден“) е минијатурна сатанистичка секта од Саранск (640 километри источно од Москва) која ја има основано 25-годишниот Александар Казаков, студент на еден тамошен универзитет. Казаков во слободно време му се поклонувал на сатаната и ги зближувал членовите на својата секта. Организацијата имаше 30-50 члена и вршеше вообичаени сатанистички обреди како што се потпишување договор за продажба на душата со сопствената крв и масовни оргии. Активни беа сè до 2009 година кога полицијата го уапси нивниот водач, а судот му изрече затворска казна во времетраење од 20 месеци. Така беше победен ѓаволот во Саранск.

5. Движење на фајзрахманистите

Жител на муслиманската верска заедница „фајзрахманисти“ во населбата Трофјанаја.

Многу исламистички движења се забранети во Русија како екстремистички. Но, дури и во толку воочливо друштво се издвојува фајзрахманистичката секта. Нејзин основач е Фајзрахман Сатаров, поранешен муфтија од Татарстан уште во текот на осумдесеттите години од минатиот век се доживуваше себеси како пратеникот на Алах Расул. Го напушти традиционалниот ислам, купи куќа и во неа основа секта.

По неколку децении фајзрахманистичкото движење броеше 64 члена, од кои 27 деца. Сите живееја како затворена заедница на отфрлени во куќа со осум подземни простории. Тоа беше минијатурен „Исламски калифат“ на Фајзрахман. Тие не покажуваа агресивност, но секако себеси се доведуваа во опасна ситуација со оглед на тоа што лидерот им забрануваше да излегуваат од куќата и да користат какви било медицински услуги или образование. На децата не им беше дозволени да читаат ништо освен Коранот.

Кога во 2012 година се дозна за оваа секта, власта ги евакуираше 19 деца на кои им беше потребна лекарска помош, а останатите беа принудени да ја напуштат куќата. Четири лица беа обвинети за небрежно однесување со деца и беа осудени на затворски казни. Во 2013 година државата го забрани ова движење како екстремистичко.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња