Животот на современите руски секти

Повлекувањето од светот секогаш си наоѓа свои приврзаници. Извор: Росијскаја газета.

Повлекувањето од светот секогаш си наоѓа свои приврзаници. Извор: Росијскаја газета.

Современите руски секти имаат особености на менталитетот на жителите: се засновуваат на пагански верувања и обичаи на целосно излекување на организмот, власт и вечен живот. Во секоја секта постои авторитарен водач кој со својата харизма и со своите идеи ги фаќа следбениците во мрежа. Полицијата обрнува внимание на сектите кога нивните членови започнуваат да ги продаваат своите имоти за да платат членарина или кога се има трагични смртни случаи на луѓе што се поврзани со ваквите организации.

Молитви под земја

На почетокот на април 2014 година судскиот извршител на Република Татарстан во Казањ од една куќа ги отсели последните 15 членови на верската секта која се нарекува „фајзрахманисти“. Називот на сектата потекнува од нејзиниот водач. Фајзрахман Сатаров кој сега има 85 години, уште пред 40 години бил заменик на муфтијата на Духовната управа на муслиманите на Татарстан. Во една пригода здогледал искра која ја направил тролејбус и заклучил дека станува збор за светлина од Алах. 

Сатаров се нарекол себеси пророк, собрал стотина следбеници, ја прогласил својата парцела за независна држава и прекинал секаква комуникација со надворешниот свет. Кога по две децении властите најдоа законски повод да влезат на парцелата, под куќата беше откриен подземен град на осум нивоа. Во мали влажни собички живееја 70 луѓе. Тие никогаш немаа отидено на лекар, децата не им одеа на училиште, а меѓу малолетничките имаше и бремени. 

Идејата за повлекувањето од светот секогаш си наоѓа свои приврзаници. Есента во 2007 година во Пензенската област под земја се закопаа 35 следбеници на учењето на градителот Пјотр Кузнецов, кој себеси се нарекуваше „схимонах Максим“ или „бедниот Пјотр“. Неговите следбеници го чекаа крајот на светот и се закануваа дека ќе се кренат во воздух доколку ги ослободат насила. По шест месеци две жени умреа, а останатите доброволно излегоа од скривниците. Самиот Кузнецов, пак, не се симна под земја. Неговото учење исто така е засновано на одрекување од благодатите на цивилизацијата. Сектата ја основал откако се развел од својата сопруга, на која не ѝ се допаѓало тоа што нејзиниот сопруг спие во ковчег и што проповеда сомнителни вредности. По смртта на неговите следбеници, Кузнецов беше приведен од страна на полицијата. Судот го испрати на психијатриско лекување.


Влезот во подземната скривница на Пјотр Кузнецов („бедниот Пјотр“). Извор: Росијскаја газета.

„Животот на секоја секта започнува со водач кој околу себе формира организација според својот лик и обичај. Постојат особености кои се заеднички за водачите на сите секти – желба за власт и нарцизам“, вели стручњакот за секти и директор на Центарот за религиски истражувања „Свештеномаченик Иринеј Лионски“ Александар Дворкин. Во канџите на сектите паѓаат луѓе кои се подложни на сугестии, објаснува Дворкин. Тој притоа нагласува дека постојат малку луѓе кои не се подложни на сугестија, како и тоа дека е полесно да се контролира човек кога е под стрес. Друг услов е соодветството помеѓу секташката мамка и интересот на самиот човек. 

„Во секта не се повикува. Се повикува на бесплатни курсеви по англиски јазик, кај дијагностичар кој ги гледа сите болести, на весели журки за млади, на курсеви по ведска кујна или танц, на часови по јога или по боречки вештини, на интересна и добро платена работа, на курсеви за личен развој, на предавања за древното филозофско наследство. Ова се само неколку варијанти, во стварноста ги има многу повеќе. Зад тоа може да се крие секта“, објаснува Дворкин. 

Лекари и пророци 

Центарот за религиски истражувања на Дворкин ги дели сектите на неколку типа. Поголемиот дел ги имитира признаените светски религии – будизмот, христијанството, исламот. На пример, сектата на богот Кузја се собира околу православните храмови, им помага на старешините во организацијата на патувачките изложби и им нуди на верниците за определена сума да нарачаат молитва за решавање на станбеното прашање, за помош во судските спорови, за спас од компјутерската зависност. 

Следбениците ги собрал речиси слепиот 37-годишен свештеник Андреј Попов, кој се претставува како бог Кузја. Своите непријатели тој ги нарекува демони, „овошје“ или „краставици“. Неговите следбеници се подвргнуваат на физички и на психички притисок. 

Во Русија има многу претставници на постсоветските секти. Називите се разновидни: „Космички космонаути“, „Ашрам Шамбала“, „Црква на Сонцето“, сектата на Белодед, „Инглинзи“, „Кон богодржавието“. Една од најмасовните псевдорелигии е центарот „Анастасија“. 

Следбениците се вдахновени од истоимената книга на писателот Владимир Пузаков, во која една жена по име Анастасија, која поседува тајни знаења за вистинската снага на природата, ја пренесува својата мудрост. Следбениците агресивно врбуваат нови членови и жестоко ги бранат догмите, меѓу кои има и мошне чудни, како што е лекувањето болести со зеленчук. Освен тоа, членовите на центарот пропагираат слободна љубов и односи, втурнувајќи ги девојките во врска со женети мажи. Сексуални оргии се одржуваа во сектата „Ашрам Шамбала“ која се појави во Сибир. Нејзиниот водач Константин Рудњов во 2013 година беше осуден на 13 години строг затвор поради трговија со наркотици и незаконско присвојување имот – следбениците му носеле пари од продажба на станови.


Во деведесеттите години од минатиот век најпознатите исцелители-хипнотизери Алан Чумак и Анатолиј Кашпировски настапуваа на телевизија. Извор: РИА Новости

Во постсоветска Русија мошне популарни беа бројните исцелители. Во деведесеттите години од минатиот век најпознатите исцелители-хипнотизери Алан Чумак и Анатолиј Кашпировски настапуваа на телевизија. Нивната работа во 21 век ја продолжи Григориј Грабовој, кој им вети на жените од осетинскиот град Беслан дека ќе ги воскресне нивните деца кои загинаа во терористичкиот напад во училиштето. Во 2008 година Грабовој беше осуден за измама на 11 година. На сектите им е блиско и учењето на Мирзакирим Норбеков, кој ги учи граѓаните на Русија да го вежбаат телото и духот, а паралелно со мислите да влијаат на организмот и да ја предвидуваат иднината. 

Експертите велат дека поголемиот дел тоталитарни секти не го надживуваат својот водач. „Сектите што траат повеќе од една генерација се во малцинство“, додава Дворкин.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња