Во понеделникот, на 16 мај, во либералната „Новаја газета“ беше објавено истражување за тоа како таканаречените „групи на смртта“ на најпопуларната руска социјална мрежа Вконтакте, наводно ги доведувале малолетните до самоубиство. Автор на материјалот Галина Мурсалиева пресметала 130 самоубиства на деца што се случиле во Русија во периодот од ноември 2015 до април 2016 година, од кои „минимум 80“ биле членови на овие групи, така што резимира дека за нивната смрт се виновни тие.
Оваа голема секта, зад која стојат возрасни луѓе, има создадено сопствен „клуб на самоубијци“ и веќе имаат објавено нови самоубиства, пишува Мурсалиева. Тоа е само група 20-годишници „кои се заиграле“ во ужасна мистификација, пишуваат други. Во исто време во собранието се изјасни за новите ограничувачки закони.
На Вконтакте, според изданието, има околу илјада и петстотини групи кои ги повикуваат децата на самоубиство. На прв поглед нивните називи изгледаат невино „Тивок дом“, „Море на китовите“ или таинствено „f57“, а во нив возвишени и красноречиви цитати за бесмисленоста на животот и популарни песни на оваа тема. Најзаинтересираните се имаат вовлечено во „посериозните“ групи со шокантна содржина – фотографии од исечени раце, видеа со инсценирани или со вистински самоубиства на деца.
Во нив се вели дека нивната цел е „доведување до кондиција на Рина“. Под ова име на Интернет е познато 16-годишното девојче од еден сибирски град, кое во ноември 2015 година легнало на железничка пруга. Нејзиното прегазено тело се најде на Интернет, а Рина стана симбол на „групите на смртта“ како прв следбеник на сектата.
„До кондицијата доаѓале“ тинејџери со помош на квестови: администраторите им давале на децата личен број и инструкција за тоа кој ден и на кој начин да ги израмнат сметките со животот. Потоа го вклучувале „тајмерот“. Додека не дојде „денот Х“, тинејџерите требале да ги исполнуваат „домашните задачи“ – до крв да ги гребат рацете и да ја откријат „тајната“ на бесмислените цифри и симболи на некоја шифра од оној свет.
„Новаја газета“ својот материјал го има подготвено врз основа на разговорите со Ирина, мајка на 12-годишната Ели која во декември минатата година скокна од 14 кат, а која била член на „групи на смртта“. По смртта на ќерка си, Ирина започнала сопствена истрага: направила лажен профил и решила да тргне по трагите на ќерка си. Така жената нашла шарена карта на Русија, каде со задебелени точки биле одделени некои градови. „Го најдов ова во јануари, а веќе во февруари започнаа самоубиства на деца во тие градови“, изјавила Ирина.
Најактивен популаризатор на самоубиствата е некојси корисник Филип Лис, а нему му помагаат Мирон Сетх, Ева Рејх и корисникот Море на Китовите (основач на истоимената група), се вели во публикацијата на „Новаја газета“. Сепак новинарката не истражила кои луѓе се кријат зад овие псевдоними.
Изданието Lenta.ru за еден ден се поврза со основачот на групата „Море на китовите“ (китовите се насукуваат на брегот, вршејќи самоубиство). Тој раскажал дека Филип Лис е раководител на веќе избришаната група f57 и сакал да „придобие“ повеќе членови со цел да привлече рекламодавачи – во Русија социјалната мрежа ВКонтакте е и популарна берза за реклами, на разработените групи може да се заработат големи пари. Откако ја увидел темата која е тренд кај тинејџерите, Лис пуштил глас за ужасна „секта“ и ја промовирал на сметка на Рина. Се продавале нејзини страници-клонови, препостирања, клипови и фотографии од гробишта, скрин-шотови од нејзините преписки. Откако социјалната мрежа ја избриша f57, тој создал групи слични на неа.
„Видов колку прав се крена, се возбудив од популарноста и ги создадов китовите“, објаснува за Lenta.ru Море на китовите. Како што вели самиот, тој имал намера да ги одвраќа од самоубиствени мисли децата, но на почетокот требало „да стане еден од нив“. Вакво објаснување дава и Мирон Сетх: „Ние квалитетно избравме публика од потенцијални 'страдалници'. На нашиот проект работи психолог. <...> Ние ги спречуваме самоубиствата кај тинејџерите и ништо повеќе!“
Во исто време администраторите на „групите на смртта“ постојано се препнуваат во своите „изјави“. Тоа било само шега која излегла од контрола, се обиде потоа да објасни Лис. Сè било само „игра“, а некои деца едноставно поверувале во неа, велат други основачи. Изданието Apparat ги има најдено вистинските профили – Лиса, на пример, има 21 година и живее со родителите во Солнечногорск, Московска област.
Сетх смета дека бројот на вистинските самоубиства кај членовите е 1 до 3, Лис вели дека се до 10. „Не треба да се прават вести, небаре социјалните мрежи се места каде живеат манијаци, сатанисти, манипулатори и провокатори за самоубиство. Знам тоа како може да заврши. Со уште една мерка за забрана“, пишува Море на китовите. Тој додава и дека „Децата се дојдени тука за помош која тие никогаш од вас ја немаат добиено. Нека е тоа и последниот ден кога им е потребна помош пред да заминат од животот“.
Познато е дека новинарите веќе им ги имаат предадено информациите за администраторите на органите за заштита на правата на човекот. Во Русија постои закон со кој се обврзува блокирање на сајтовите што пропагираат суицид, но на нивно место веднаш се појавуваат „дупликати“ како во случајот со f57. За промена на ситуацијата во горниот дом на парламентот веќе имаат предложено да се воведе кривична одговорност за сопствениците на сајтовите, како и на оние на социјалните мрежи, а Роспотребнадзор (кој одговара за мониторинг на сајтовите во врска со нивното блокирање) да добие поголеми ингеренции од некој од федералните органи на власта.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче