На аукција осамна сликарско платно со Горбачовото „Простете“

Борис Кавашкин/Global Look Press
Eдна московска аукциска куќа продава сликарско платно на кое стои само еден збор – „Простете“ и автограм на Михаил Горбачов. Почетната цена е 100000 рубли (околу 1300 евра).

Како имено настанало ова „ремек-дело“ на современата сликарска уметност? По предавањето на еден московски универзитет 2009 година, еден студент го замолил поранешниот претседател на СССР да нацрта нешто на сликарско платно и да го потпише. Горбачов рекол дека верува дека студентот самиот ќе нацрта подобро и само се потпишал. Студентот подоцна го додал зборот „Простете“ и по 10 години го продава тоа платно.   

„Долго време го убедувавме авторот на сликата да ја продаде, затоа што сметаме дека тоа е извонредно дело на двајца луѓе: човекот кој го промени светот – последниот лидер на Советскиот Сојуз, човекот со кого е завршена историјата на советската држава, и вториот – млад сликар, чија биографија не ја наведуваме во нашиот каталог“, вели експертот на аукциската куќа „12 столчиња“ Иван Ефимов.

Зборот „Простете“ може да има повеќе толкувања, продолжува тој. „Што да му простиме? Распадот на СССР или 70 години власт која ги рушеше црквите и го уби царот, тој крвав режим? Во руското општество се присутни и едното и другото мислење и тие никогаш нема да најдат компромис“, рече Ефимов.

Заинтересирани купувачи веќе има, додава експертот. „Некои велат дека за нив оваа слика е како „Црниот квадрат“ на Малевич, а некој се присетува на последната слика на Бенкси, која помина низ механизам за уништување хартија“.

На прашањето дали уметникот имал право да го додаде зборот „простете“ на веќе потпишаното платно, Ефимов не го наоѓа вистинскиот одговор. „Дали е тоа етички? Да речеме, постојат сликарските работи на Хитлер кои исто така се продаваат. Во нашиот случај тоа е заедничко дело на човек кој го променил светот и современ уметник. И секој може да има свое лично мислење за тоа“, вели експертот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња