Советската автомобилска индустрија можеше да се пофали со цела серија луксузни автомобили, а најубави меѓу нив беа ГАЗ-13 и ГАЗ-14, познати како „Чајка“.
Зошто „Чајка“, односно галеб? ГАЗ-13 се појави во 1959 година, а фабриката за автомобили „Горки“ (ГАЗ) дотогаш произведуваше возила наречени во чест на една од најголемите и најпознати руски реки – Волга. Галеб е птица која лета над оваа река, и возилата „Чајка“ отсекогаш мораа да бидат барем едно скалило над останатите автомобили „Волга“.
Советските конструктори го создадоа ГАЗ-13инспирирани од американските Packard Patrician и Packard Caribbean. Но, и покрај некои сличности, „Чајка“ не беше копија на американските возила.
Еден модел на „Чајка“ е познат како „Црниот доктор“ кој беше амбулантно возило на членовите на елитата од Кремљ, иако на прв поглед повеќе личеше на мртовечка кола.
Обичниот советски граѓанин не можеше да ја купи „Чајка“ зашто едноставно не беше во продажба. Тоа беше луксузен автомобил за државните чиновници. Старите „Чајки“ сепак доаѓаа во матичните служби ширум земјата, па младенците на задното седиште на „Чајка“ се движеа во своето прво брачно возење.
„Чајка“ како државна награда можеше да добие некој заслужен уметник или спортист. На пример, бела „Чајка“ доби првата жена во вселената. Тоа до некаде беше симболично зашто „галеб“ е повикувачки знак за Валентина Терешкова.
Салонот на „Чајката“ која му припаѓаше на патријархот Пимен ја има уредено самиот Пјер Карден. Легендарниот моден креатор ја посети Москва во 1979 година, се запозна со патријархот и беше мошне пријатно изненаден од убавината на „Чајка“, па ги понуди своите услуги.
Претставен на јавноста во 1977 година, ГАЗ-14 имаше и кабриолет варијанта – ГАЗ-14-05, која се појавуваше на парадите на победата на Црвениот плоштад.
„Чајка“ беше официјален автомобил на советските дипломатски мисии. Згора на тоа, колата со задоволство ја користеа и странските амбасадори во Москва.
Во 1988 година, за време на „кампањата против привилегираност“ на Горбачов советските државници добија наредба да заборават на Чајка и да преминат на поедноставната „Волга“. Идејата беше да се покаже дека политичкиот врв не живее во луксуз, ами дека е близок до народот.
Но, „борбата против привилегиите“ отиде премногу далеку. Некому му се сторило дека не е доволно да се запре производството на автомобилот ГАЗ-14, па ја уништил сета техничка документација на проектот и на опремата. Сите обиди во деведесеттите години од минатиот век за обновување на производството беа неуспешни.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче