Оториноларинголог е „гола вода“: Осумте најдолги и најтешки руски зборови

Григориј Авојан
Запознајте се со најдолгите руски зборови и обидете се да ги изговорите.

Рускиот јазик е познат по сложената граматика и долгите зборови кои ретко кој странец може да ги изговори. Па сепак, обидете се да научите некои од нив. Вашите руски пријатели ќе бидат изненадени кога ќе ве слушнат како ги изговарате.

(Ако сте почетник, не грижете се – не се сите руски зборови вакви!)

1. Рентгеноэлектрокардиографический

Ова чудовиште има 31 буква и често се наведува како најдолгиот збор во рускиот јазик. Би можел да се раздвои на три збора: рендгенски, електронски и кардиографски.

Лесно ќе го изговорите ако најпрвин го одвоите првиот дел („рентгено-“) па потоа го додадете интернационализмот „електрокардиограф-“. Завршетокот („-ическиј“) е типичен за словенските јазици така што тоа не е проблем. Обидете се повеќе пати, ако треба. Кога ќе го усвоите овој руски збор, сите останати ќе ви одат многу полесно.

2. Частнопредпринимательский

Овој израз е настанат од зборовите „частный“ („приватен“) и „предприниматель“ („претприемач). Вториот збор престана да се користи во комунистичкиот период сѐ до Перестројката, односно сѐ до 1986 година кога повторно беше воведен во оптек.

Најпрвин извежбајте го вториот дел: „предпринимательский“ („претприемачки“), а потоа на почетокот додајте „частно-“ и веќе можете да држите говор на некоја седница.

3. Субстанционализирующимися

Типичен руски партицип (глаголска придавка) во целата своја „убавина“. Во основата на овој збор е изразот „супстанца“. Буквалното значење е „оној кој се супстанцијализира“, или поточно „на оние кои се супстанцијализираат“.

Најпрвин изговорете на македонски „супстанционализам“ (да речеме дека таков збор постои во македонскиот), а потоа отфрлете ги последните две букви („-ам“) и додајте „-ирующимися“. Вториот дел е чиста граматика, т.е. низа различни суфикси со чија помош се гради наведената форма (глаголска придавка во инструментал множина со повратен постфикс). Ако сте почетник нема смисла да се впуштате во значењата на овие суфикси – едноставно потрудете се да го извежбате изговорот.

4. Человеконенавистничество

Сѐ поубаво и поубаво. Овој збор значи „омраза спрема луѓето“. Не е ни чудо што таков несмасен збор има такво значење.

Па сепак, лесно е да го научите неговиот изговор ако видиме дека изразот се состои од два обични збора: „человек“ („човек“) и „ненависть“ („омраза“). Научете ги еден по еден, а потоа и третиот дел кој е исто така граматика и се состои од суфикс за градење именки со апстрактно значење.

5. Переосвидетельствоваться

Овој израз има повеќе значења, во зависност од контекст. На пример: „повторно да се излезе пред комисија“, „повторно да се помине процедура на експертиза“, итн. Се користи во бирократски стил.

Клучниот збор е „свидетель“ („сведок“) од кој се гради глаголот „свидетельствовать“ („да сведочи“). Научете го најпрвин тој глагол, а потоа додајте два префикса „пере-“ и „-о-“, и на крајот постфиксот „-ся“ за повратен глагол.

6. Сельскохозяйственно-машиностроительный

Овој израз има 37 букви, што е повеќе од првите зборови, но се пишува со тире, така што не се смета за најдолгиот руски збор. Значењето му е „земјоделско-машински“, т.е. оној кој е поврзан со земјоделство и машиноградба.

Мораме најпрвин да го поделиме изразот на два збора: „сельскохозяйственный“ и „машиностроительный“, а потоа повторно да ги поделиме на по два: „сельско-“ („селско-“) и „-хозяйственно“ („стопанско“), „машино-“ („машинско-“) и „-строительный“ („градежен“).

Научете ги првин секој од четирите делови, а потоа обидете се да ги споите.

7. Высокопревосходительство

Зборот „высокопревосходительство“ значи „величество“. Ако успеете да го изговорите навистина сте величествени. Најчесто се користел со заменката „ваше“ („ваше високопревосходительство“) при обраќањето до некој великодостојник. Денес повеќе не се користи, освен на шега.

И овој израз може да се подели на два дела. Првиот е „высоко-“, а вториот „-превосходительство“. Кога добро ќе го научите, обратете му се на вашиот руски пријател (а уште подобро на шефот, доколку е Русин) со благ поклон. Ќе видите каков ефект ќе има.

8. Достопримечательность

Овој збор е особено актуелен во туризмот и значи „(културноисториска) знаменитост“. Најчесто го користат туристичките водичи. Тој е истовремено и еден вид на проверка на самиот почеток на изучувањето на рускиот јазик: кој ќе научи добро да го изговара овој збор, може слободно да продолжи со учењето.

Првиот дел „досто-“ е од зборот кој во превод значи „доста“, а вториот е од глаголот „примечать“ што значи „да забележува“. Третиот дел е чиста граматика и се состои од суфикс. Ако не можете самите да го научите изговорот или нема кој да ви помогне, може ќе ви биде од полза оваа видеоснимка што случајно ја пронајдов на „Јутјуб“.

А доколку сѐ уште сметате дека јазикот е тежок, ние ви нудиме пет сајта за лесно учење руски јазик

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња