Во потрага по Бога: Два големи руски романа што ќе ви помогнат во тоа

Култура
RUSSIA BEYOND
Поголем дел од руската литература е посветен на прашањата за суштината на човековиот живот и на Бога. Овие два романа се издвојуваат како најдобри кога станува збор за сакралното. Британскиот „Гардијан“, познат по своите угледни литературни рецензии, состави список „10 најдобри романи за Бога“, а место на него најдоа „Браќа Карамазови“ од Фјодор Достоевски и „Лавр“, дело на нашиот современик Евгениј Водолазкин, преведено на многу јазици, меѓу кои и на македонски.

„Во убавата литература Бог не се појавува многу често, но во овие книги неговата улога е колосална“, пишува Гардијан, и од милион романи прави покуса листа во која влегуваат два руски романи, еден од 19 и еден од 21 век.

„Браќа Карамазови“ веројатно не е толку популарен како „Злосторство и казна“, иако многумина руски критичари сметаат дека се работи за најзамрсениот роман на Достоевски. Писателот го замислил „Браќа Карамазови“ како прва книга од поголемо неостварено дело со работен наслов „Житието на големиот грешник“.

Во центарот на вниманието е најмладиот брат Аљоша. Во извесна смисла можеме да го споредиме со кнезот Мишкин од романот „Идиот“. Додека неговиот постар брат Иван е атеист, монахот Аљоша е опкружен со мистика и е соочен со немири од други видови. „Иван Карамазов му поставува на Аљоша прашање дали сеопштата љубов и хармонијата ја платил со страдањето на единственото дете. Тоа е прашање кое секој верник мора себеси да си го постави и да живее со својот одговор“, пишува Гардијан.

„Лавр“ е поинаква книга, иако во центарот на вниманието е исто така човек божји од 15 век. Тоа е животопис на еден светец од детството до смртта.

Евгениј Водолазкин ги опишува средновековните градови на Русија, како што е Псков и користи многу архаични зборови. „Трогателно, напнато, повремено смешно, големиот успех на овој роман е во тоа што нè води во векот на верата, во векот кога сè било опфатено со Бога и со светите дела“, пишува Гардијан.

Прочитајте уште: 8 руски книги кои ќе ви помогнат да ја најдете смислата на животот