Каде што газат тие, не расте трева: Јунаците од рускиот народен епос

Сцена од филмот „Легендата за Коловрат“ (2017).

Сцена од филмот „Легендата за Коловрат“ (2017).

kinopoisk.ru
Јунаците од старите руски сказни и песни (рус. „богатыри“) не се ништо помалку храбри и силни од својот македонски „колега“ Крали Марко.

Свјатогор

Свјатогор.

Свјатогор е еден од најстарите јунаци од рускиот и од словенскиот епос – тој потекнува уште од претхристијанскиот период.

Кога чекорел земјата се тресела, шумите се тргале, а водата во реките се повлекувала.

Свјатогор бил џин, спорел во кревет долг 26 и широк 15 метри. Бил дури и оженет со прекрасна жена со обичен раст која ја носел во кристален сандак на рамо.

Свјатогор често се фалел со својата огромна сила и велел дека може да го спушти небото на земја. Еднаш се обидел да ја подигне торбата позната како „товарот на сиот свет“, но не успеал – се закопал во земја до колена и умрел.

На крајот Свјатогор е препуштен на заборавот како симбол на древната првобитна сила.

Волга Свјатославич

Волга Свјатославич.

Волга Свјатославич бил син на змеј и руска кнегиња. Умеел да разговара со животните, со птиците и со рибите. Бил врколак и маѓесник.

Во сказните се зборува за неговиот воен поход на Индија. Волга се претвора во сокол за да обезбеди храна за целата војска. Се претвора во голема ласица и ги оштетува непријателските лакови, а потоа се претвора во волк и ги коле непријателските коњи.

За време на нападите на непристапните ѕидини ги претвора своите војници во мравки, а кога влегуваат во тврдината ги враќа во првобитната големина. На крајот се оженил со жената на убиениот непријателски крал.

Иљја Муромец

Иљја Муромец

Иљја Муромец е еден од најпознатите руски јунаци. Бил одличен воин.

Првите 33 години од животот Иљја не можел да ги движи рацете и нозете, но го исцелиле волхвите – служител на словенскиот пагански култ, и го испратиле да му служи на киевскиот кнез Владимир.

Како заштитник на руската земја направил многу подвизи и уништил многу моќни непријатели.

Му ја отсекол главата на Соловеј Разбојникот кој со свиркање убивал луѓе и уривал куќи.

Иљја Муромец го убил огромното чудовиште познато како Идолишче. Тоа било симбол на сите нехристијански темни пагански сили кои ѝ се заканувале на Киевска Русија.

Го победил и татарскиот цар Калин и сета негова војска која се обидела да го заземе Киев. Калин во очај избегал, ветувајќи дека повеќе никогаш нема да се врати на руската земја. Некои во карактерот на царот Калин го гледаат монголскиот војсководец Мамај, чија војска била победена од страна на Русите во Куликовската битка (1380). Со оваа победа е започнат процесот на ослободување на руската земја од монголската власт.

Добриња Никитич

Добриња Никитич

Добриња Никитич е исто така познат јунак од руските народни сказни. Тој бил храбар војник, но и вистински дипломат. Зборувал 12 јазици, а умеел да разговара и со птиците.

Еден од неговите најголеми подвизи е победата над триглавиот Змеј Горинич кој го тероризирал Киев и ја грабнал младата принцеза. Во сказната јасно се гледа трагата за свети Георги и змејот.

Евпатиј Коловрат

Евпатиј Коловрат.

Легендата за Евпатиј Коловрат води потекло од периодот на монголско-татарската наезда врз руските кнежевства. Рјазањ бил првиот руски град на удар од страна на народите од истокот. Монголците го уништиле целосно во 1237 година.

Рјазанскиот бојар Евпатиј Коловрат бил надвор од градот кога се случила таа трагедија. По враќањето го нашол својот град во пепел, а потоа тргнал по освојувачите со својот мал одред и преживеаните граѓани на Рјазањ (преживеале вкупно 1.700 луѓе).

Коловрат ги уништил истурените одреди на монголската армија. Неговите воини погубиле многу Монголци и нанеле голема штета на непријателската војска. Евпатиј ги убил најдобрите монголски воини кои биле испратени против него, за потоа и самиот да загине во бој.

Според легендата, монголскиот војсководец Хан Батиј бил воодушевен од храброста на Евпатиј Коловрат. Тој наредил телото на Коловрат да им го предаде на преживеаните руски воини и да ги пушти на слобода.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња